Треш-старт со Heresy на концертот на At the Gates

На 4 декември, на истото место каде што пред 22 години злосторнички се здружија со Napalm Death, гетеборшките метал-легенди At the Gates ќе се вратат во Скопје, а нивното гостување ќе го отвори Heresy од Коста Рика. Станува збор за релативно нов бенд, основан во 2011 година, што генерално го практикува пристапот на сцената што во 80-тите беше особено активна во Bay Area, близу Сан Франциско.

Пејачот и ритам-гитарист Џос Рејли го стартува составот заедно со басистот и бек-вокал Блоп Хереси, а четворката е заокружена со Кев Венегас на соло-гитара и Денис Абрахамс на тапани. По формирањето во април, групата го издаде ЕП-то Heretics to the Fire во август 2011, a во следните две години беа на турнеи со Sodom и со Testament. Во 2012 излезе нивното лонгплеј-деби Worldwide Inquisition. Синглот Rebuilding The Beast се појави во 2014, а во 2016 година, како резултат на гласање од фановите, квартетот го отвори концертот на Metallica во Сан Хозе, главниот град на Коста Рика.

Еден месец пред доаѓањето во Скопје, Heresy ќе го објави вториот студиски албум Blasphēmia. Збирката од седум песни ќе се појави преку Axa Valaha Productions во соработка со Pest Records. Материјалот го снимаше и миксаше Маркос Монерат, а за мастерот беше задолжен Јенс Богрен во Fascination Street Studios. Бендот досега сподели две песни од дискот – The Pagan и Downpour.

0 коментар

Слични написи

Остави коментар