Muhamed Ibrahimi – Fly [PMG, 2014]

Негибнатото изведување на традиционалната музика – без разлика која нација или земја со неа најсилно се идентификува – најчесто не е, меѓутоа, може и да биде интересно. Не поради оригиналност, секако, туку од љубопитен агол на проверка дали и како дамнешен звук што поверодостојно ќе се телепортира во совремието. Гледано најобјективно, никој не може 100 отсто, ама баш онака до последен атом, да биде сигурен како песна напишана пред два века навистина звучела во мигот на нејзиното креирање. Бркањето на овој дух, на оваа скица, затоа е занимливо, но ако се знае колкумина и колкупати досега го направиле, истото го сместува во категоријата „здодевно и репризно“. Искривувањето на таа привидно фиксна, а реално недопирлива, форма, со каков било додаток ја носи, ја издигнува, на одушевувачки височини.

За Muhamed Ibrahimi, којшто до детаљ е посветен и инспириран од албанскиот фолклор, на неговото соло-деби, Fly, тоа проширување го исполнуваат блузот – во доминантна мера – потоа рокенролот, како и електронската основа, пред сè, на ритмички план. Ниту првиот, ниту вториот од овие споменати правци не би еволуирале, а можеби дури и не би постоеле, без гитарата и затоа токму нејзе ѝ е доделената централната ролја. Ибраими на колекцијата најфреквентно ја свири акустично, меѓутоа, остава солиден простор и за електричната, а приказната ја профилира со мандолина, мандола и со шаргија. Подлогата или, попрецизно, негов собеседник на шесте жици е Сеад Хаџиќ-Сецко кој уфрла и синтисајзер и „Дајнакорд“ драм-семплер. Гости на дел од траките се и Џоле Максимовски, Андреј Анастасов-Даскаловски, Ратко Даутовски, Сашко Костов, како и Мите Димовски.

Композициите на Fly се авторски, но кога првпат биле поставени темелите врз кои што тие се дебело напластени, луѓето не знаеле за буквата „г“, а камо ли за зборот „грув“, Тој, сепак, претекува од коритото во кое што лизга изданието. Со простиот ритмички удар на една жица на Elena доаѓа и климање на главата, а потоа и нишање во внатрешноста на телото. Ибраими исклучително ризикувал со одлуката баш со оваа, убедливо најфасцинантна, песна да ја отвори плочата. Потегот, на крајот, се исплател бидејќи, без разлика што следните нумери не се до тој степен воодушевувачки, сепак, ја држат напнатоста на приближно исто ниво. По фуриозното отворање, кое во еден миг потсетува на инструментален вител, насловното парче во преден план го исфрла лицето на звукот од Багдад до Сараево во кое што е несфатливо лесно да се вљубиш – веројатно поради потиштеноста обвиткана со поттик.

На Kur Pranvera Vonohet атмосферата е разлеана и лебдечка, најмногу поради синт и ритмичката машина-основа. Последново продолжува и на Çallgi, ама во поразиграна и поразвеселена насока која што е нагласена од меката дисторзија на вообичаено „невклучените во струја“ инструменти. Замисленоста, можеби помалку и романтичноста, повторно се враќа на Makedonska devojka, а галопот (или забавната варијанта „илери“) е најсоодветен опис на Invazioni Turk што ги окупира сетилата со „растрчаноста“ во неколку насоки. Сè што претходно се напластува на оставнината од претците мутира во воздигнувачката рокабили нервоза на Bumbarov Rock & Roll по што блузот „како изваден од прирачник“ на Black Finger оддава впечаток на привид, на подзаборавено ехо, отколку на најдобрата можна одјава што материјалот ја заслужува. Ова, сепак, не го брише заклучокот што за Fly се носи неколку песни пред финишот – дека се работи за навистина силен албум што Muhamed Ibrahimi до небо го крева на крилјата на традицијата, а потоа на слушателот остава каде, како и колку ќе лета.

Оцена: 82/100

Артист: Muhamed Ibrahimi
Албум: Fly (кликни за бесплатно преземање)
Датум на објава: 27 јануари 2014
Продуцент: Сеад Хаџиќ-Сецко
Издавач: PMG

Листа на песни:
1. Elena – 6:43
2. Fly – 3:28
3. Kur Pranvera Vonohet 5:53
4. Çallgi – 3:16
5. Makedonska devojka – 4:32
6. Invazioni Turk – 2:40
7. Bumbarov Rock & Roll – 2:49
8. Black Finger – 3:43

Слични написи

Остави коментар