The National во Загреб: Глобални ѕвезди и градски херои

Легендата за интимната поврзаност меѓу хрватската престолнина и американскиот бенд предводен од вокалистот Мет Беринџер е постара од времето. Добро де, знаете дека лажно драматизирам за да ја нагласам вистински силната конекција што групата сочинета од двете братски двојки Деснер и Девендорф почна да ја гради во 2004 година со настапот пред 60-тина луѓе во КСЕТ, а кулминира завчеравечер пред четири-петилјадна публика во Шалата. Посебноста на таа комуникација меѓу составот од САД и фановите од метрополата на нашите бивши југословенски побратими безброј пати сум ја читал и често ми ја прераскажувале. Во вторникот и лично се уверив дека не се работи за измислица на балкански новинари кои пречесто и прелесно се возбудуваат, туку е во прашање чиста, човечка, искреност.

Интрото во таа приказна ја направија Local Natives, одличната формација што доаѓа од сончевиот Лос Анџелес, а звучи како да растела во влагата и во маглата близу доковите на Њукасл. Забележително под импресии поради присуството на стотици, а потоа и на илјадници очи, што и самите признаа дека не го очекувале, талентираните музичари отсвиреа нагласено професионално, меѓутоа, не воспоставија којзнае каква динамика со присутните. Доминантниот дел од изведбата посветија на неодамна објавениот втор албум Hummingbird, а отстапија простор и за највпечатливите траки од дебито Gorilla Manor. Спојувајќи ја океанската атмосфера и сурферскиот карактер со меланхолијата типична за дождливиот Остров, бендот потсетуваше на Radiohead, ама во разиграна и во развеселена варијанта, што ги направи најсоодветно отворање за носечкото име.

Имајќи ги предвид врисоците и аплаузите на одобрување поради качување на бината претпоставувам дека The National можеа и само да стојат и пак да имаат исклучително успешна свирка. Тие, секако, не го направија тоа, не беа ниту најмалку мрзеливи или рутинирани, туку концертот го третираа како засебен, специјален и можеби изолиран датум во нивниот долг тур-календар. Со оглед на тоа што имаат чичка свеж албум, се фокусираа на него – не изведоа четири од вкупно 13 – меѓутоа успеаа да направат да не изгледа како вечерта да е вообичаена прилика за промоција на тазе плоча. Срцевината на сетлистата беше Trouble Will Find Me. Дискот беше поприсутен во почетниот дел од концертот, но се појавуваше и до самиот финиш со што групата ја покажа довербата што (со право) ја има во новите композиции.

Претпоставував, но по свирката и практично се уверив дека The National се, пред сè, состав што најприродно вирее вклучен во разглас и застанат на сцена. Тоа е јасно од сите нивни авторски креации, ама целосно ми се потврди со елегантниот трансфер на нумерите што пред извесно време ги објавија од студио пред публика. Се покажа оти I Should Live in Salt е брилијантен стартер, што етапно ја крева атмосферата, за по неа Don’t Swallow the Cap комплетно да го забрза пулсот којшто експлодира на Bloodbuzz Ohio и на исто ниво се одржа на Mistaken for Strangers. Ваквиот премин од актуелното цеде до High Violet и Boxer, а во подоцнежните клучни мигови и малку до Alligator, веднаш укажа дека рокерската петорка (придружена од труба, тромбон и клавијатури) знае да ги избере и особено, да ги нареди песните за да добие максимален ефект.

Почнувајќи со Sea of Love, во следниот блок отскокнаа Afraid of Everyone, Conversation 16 и Squalor Victoria, а на вриштечката Abel во прво лице се потсетивме на тоа што се провлекува низ целата дискографија на бендот – дека се образовани на панк-школата. Средишниот дел од перформансот безгрешно се прекрши со феноменално напишаната и болно веродостојно отсвирената Slow Show. Палката ја презеде Pink Rabbits, по што дојде наоблачената England, а забрефтаната Graceless нè воведе во совршениот крај на официјалниот дел од концертот – Fake Empire. Таа беше 19-тата нумера што составот дотогаш ја изведе, но се познаваше дека ќе има бис. Не само по френетичните крици за враќање од страна на публиката, туку и по чувството дека екипата намерно и токму во тој момент го остави амбиентот да виси, а тие очигледно имаа што уште да кажат.

Продолжија со Sorrow, каде што цела вечер потресниот баритон на Беринџер удри со уште повисок бран на емоции. Користејќи ја Humiliation како мост, групата во неколку минути премина од питомо лулање во улично беснеење на Mr. November. Панкот, што од заднина ритмички на свои плеќи го извозе целиот настап, тука направи камбек во најистурена форма. Фронтменот се симнуваше меѓу фановите, се качуваше на шанкот (дури и си зема шнапс од фрижидер) и сето тоа време гневно го влечеше кабелот од микрофонот во истиот такт со којшто се дереше за време на рефренот. Како контраст од најеклатантни размери се смири на Terrible Love, а на Vanderlyle Crybaby Geeks скоро целата своја ролја им ја препушти на публиката. Таа едногласно ја отпеа како да се работи за наградуван хор, а многу од присутните сигурно на крајот останаа без глас, знаејќи дека од петни жили и од себе го вадеа секое зборче.

Сите што стоеа на хокеарскиот терен и што седеа, а потоа застанаа на трибините не беа само гикови, хипстери, рокери, кремци или припадници на било која друга културна и општествена група што можете да ја замислите. На последната песна тие обединети го подвлекоа тоа што заедно го искажуваа во текот на целиот концерт – дека The National им е при срце. Огромен дел од заслугата за оваа очигледно неизглумена поврзаност, која што не опстојува само од куртоазија, во вторникот, како веројатно и претходните трипати, износе петорката од Бруклин. Ваквиот заклучок можеби е клише. Сигурно е предвидлив од обожавател којшто првпат гледа еден од омилените бендови во живо додека се на врвот, а не се пензионери. Веројатно и е само резултат на крајно личната интерпретација на свирка што механички се одвива секој втор ден ширум светот. И покрај сиот овој цинизам што секојдневно го засадуваме во себе за случајно некој да не помисли дека не сме ја надраснале (со)чувстителноста, моите очи и уши кристално ќе паметат што видоа и што слушнаа во Загреб – глобални инди-ѕвезди што свират и пеат како градски музички херои.

Слични написи

1 коментар

Милица 04/07/2013 - 13:47

Верно пренесено!

Reply

Leave a Reply to Милица Откажи го одговорот