The National – Trouble Will Find Me [4AD, 2013]

Извесно време откако ги слушнав трубите на крајот од Fake Empire, првата песна од нивниот албум Boxer, се думав како може The National да звучат толку депресивно, а во ист миг, восхитувачки инспиративно. Екипата од Синсинати – одамна преселена во Бруклин – никогаш не била „уште влакно и ќе се обесам мракоина“, ама отсекогаш посилно била повлекувана од помрачната страна на емотивната гравитација. Боја и тон се во прашање, не и емитување безизлезна потиштеност. Таа е нагласена од продорен и помалку морничав гласовен баритон, како и лелеав инструментален спој, меѓутоа, под сето тоа е напластен дебел слој на ударништво. Не за копање на работнички акции (сè најдобро за овие масовки), туку за нагазување на педалата за гас на животот, наспроти неговата исконска потреба да нè згази како мравка. Суштината на овој такт за поттик ја пронајдов во потребата за споделување, што е длабоко всадена во изразот на групата и со која што пулсира и нејзиниот најтазе материјал, Trouble Will Find Me.

Наслови како I Should Live in Salt или This Is the Last Time навестуваат дека се работи за колекција која што се вбризгува во крвотокот преку игли во форма на слушалки. И така е, Trouble Will Find Me, како и претходните три остварувања на составот, вирее во резерватот на изолираната индивидуалност. Таму се претопува со личните искуства, го заматува секому својсвеното доживување на светот, се прелева со уникатните стравови и ги разбиструва матните води на персоналните (и колективни) надежи и очекувања. И покрај овој изразен нагон за самостојно, дури и скржаво, восприемање, The National е и бенд што вкрстува погледи на вљубени, спријателени, зближени и целосно непознати. Не се група за масовно поклонување, но кај луѓето што ги слушаат, во очите свети иста искра на взаемно разбирање. Ова и премногу наликува на идолизирање, меѓутоа, важи и за сите музичари и уметници чии фанови се делат во две јасни категории – страстни и незаинтересирани. Со шестава плоча, тоа уште повеќе ќе се кристализира.

Така е затоа што тринаесетте нумери што ја полнат збирката се химни. Величествени, исполнувачки, повеќезначни музички ткива нераскинливо сврзани со текст. Со нив се слави нужноста на поединецот за внатрешна анализа подалеку од љубопитноста на светот и за нејзино канализирање во мигови на заедништво. Или ако не забегувам: со цедево ќе ставате прст на глава додека сте сами, а кога ќе им отидете на свирка или ќе си ги пуштите на домашна журка, сите во ист ритам ќе тропате на комшиите одоздола и ќе ги малтретирате со аматерско хорско пеење тие од одозгора. Такви резултати даваат и албумите од Alligator наваму, досега најистурени беа на High Violet, а отсега Trouble Will Find Me ќе го носи бајракот на најмелодичен, најхармоничен и најзаразен албум на The National. Тешко е да се процени дали е најдобар (што и да значи оваа титула), но несомнено не попушта од извонредно високиот стандард на квалитет што бендот го воспостави и мајсторски го одржува од 2007 година до денес.

Кога термините мелодија, хармонија и зараза ќе се стават во иста реченица и згора на тоа, ќе им се додаде „нај“, тоа значи дека етикетата „комерцијала“ може да ѝ се залепи на плочата и таа со сето битие мора да се мрази. Секој, нели, си живее со сопствените пориви за ограничување и ослободување, но дури и да ја сметатe оваа класификација за валидна, таа не одзема ниту фемтоват – што не може да се научи на интернет – од моќта на овие 13 траки. Фаворити, меѓу поинтроспективните (читај: побавните) се Demons, Fireproof, Heavenfaced и I Need My Girl, а кај поекспресивните (побрзите, нормално), Don’t Swallow the Cap, Sea of Love, Graceless и Humiliation. Во секоја од нив, составот се држи до препознатливиот замрачен, беседнички, алтернативен рокенрол, овој пат збогатен со похрабро и мудро поп-зачинување. Помеѓу сето тоа е стиснато речиси сè од џез до кантри, но со почитување на лекцијата што никој артист никогаш не смее да ја заборави – без комплицирање. На тој начин The National во Trouble Will Find Me ја отелотворил вистината дека колку да ѝ бегаме, неволјата, каква што е наркотичноста на албумов, секогаш ќе нè најде. На нас останува дали ќе ја пребродиме сами или низ неа ќе испловиме со истомисленици.

Оцена: 92/100

Артист: The National
Албум: Trouble Will Find Me
Датум на објава: 17 мај 2013
Продуценти: Арон и Брус Деснер
Издавач: 4AD

Листа на песни:
1. I Should Live in Salt – 4:08
2. Demons – 3:32
3. Don’t Swallow the Cap – 4:46
4. Fireproof – 2:58
5. Sea of Love – 3:41
6. Heavenfaced – 4:23
7. This Is the Last Time – 4:43
8. Graceless – 4:35
9. Slipped – 4:25
10. I Need My Girl – 4:05
11. Humiliation – 5:01
12. Pink Rabbits – 4:36
13. Hard to Find – 4:13

1 коментар

Слични написи

1 коментар

Ивана 22/05/2013 - 14:54

Шубо шо се врати. Aj сега пиши за албумите што излегоа во меѓувреме 🙂

Reply

Leave a Reply to Ивана Откажи го одговорот