!!! – THR!!!ER [Warp]

Кога станува збор за музика, а истото веројатно може да се преслика и на сè останато во животот, откривањето нови изведувачи е можеби најдобрата работа. Пардон, да се исправам, не можеби, туку дефинитивно, моментот на пронаоѓање артист за којшто не сте имале ниту поим дека постои е најисполнувачки. Ако, пак, треба да изберам што е барем приближно исто толку инспиративно, тогаш тоа несомнено ќе биде камбекот. Не она враќањето од полумртвите со кеш тур-операција, туку полнокрвното, со материјал на којшто умот прави згибови, а колкови вртат кругови. За да дојдат до овој стадиум, повеќето бендови најпрво се растураат, но има и такви на кои што зборот comeback им е изгравиран на транспарент. Тие самите можеби и не се свесни оти го носат, меѓутоа, изданијата јасно и дебело го подвлекуваат.

Откако го открија златото со Myth Takes, на !!! им беше потребен следбеник барем на исто ниво, но го креираа Strange Weather, Isn’t It?. Наместо несоница поради кршење по денсфлорот (оу јеа), дискот предизвикуваше масовни дремки низ дневните соби. Со задоцнување од шест и кусур години Chk Chk Chk испорачаа колекција што иако е под нивото на плочата од 2007, сепак, е достојно продолжение на феноменалното поглавје од кариерата кое групата тогаш го започна. Тука, всушност, се кријат двете најголеми слабости на THR!!!ER. Подраматична е отсуството на панкот, односно минималното учество на овој правец што претходно беше интегрален во изразот на составот. Тој не е речиси целосно избришан само од измазнетата продукција, која порано гребеше, туку и звучно. Гневот на гитарите и тапаните или го нема или е скриен премногу длабоко.

Втор минус, условно кажано, е фактот дека се работи за забележливо надоврзување на линијата на претходни изданија. Експериментите се минимални, речиси непостоечки. Тоа и не е толку проблематично, особено доколку сте свесни дека пресвртни плочи не се штанцаат во фабрика, туку се резултат на склоп на околности што е ѓаволски тешко да се повторат. Луѓето, како мене, кои не прават драма ако не добијат ваква креативна реприза, очекуваат барем исто толку запаметливи траки. Отсуството на оригиналност тогаш станува прифатлива несовршеност. Сето ова станува уште понебитно доколку групата, како !!! на THR!!!ER, е инструментално уште постегната и поувежбана. На Strange Weather, Isn’t It? секој од овие параметри беше за повеќе скалила понизок во споредба со новото цеде и драстично послаб компарирано со Myth Takes. Спротивно од таа кармакаша, актуелната збирка е исполнета со нумери кои опстојуваат сами за себе и истовремено, формираат целина што е флуидна, компактна и незаморна.

Стилски, петтото остварување на составот основан во Сакраменто, е најмногу денс и поп со нагласена фанк и соул подлога, како и електронска структура. Гитарите често се во преден план, но тие повеќе ја водат хармониско-мелодиската игра како сајзери или компјутери, наместо како класична рок-алатка. Вокалистот Ник Офер е тој што на сè дава правец иако во подеднаков број мигови и инструменталниот сегмент има ролја на предводник. Знаејќи дека е со перфектно времетраење, околу 40 минути, материјалот најцелисходно се доживува од првата до последната секунда, но поседува и фаворити. Со саксофонот и со зарипнатиот гласовен рефрен Get That Rhythm Right убедливо е на врвот по квалитет. Исфрлувајќи ја толку напред, на второ место, бендот ризикувал сè потоа да оди надолу во неповрат, но од тоа се спасиле мудро сместувајќи ја електро-вртелешката Careful на претпоследна позиција. Помеѓу отскокнуваат празничната One Girl / One Boy, хаусерската Slyd и Except Death, која финишира со генијално плеткање на шесте и четирите електрични жици. Спојувајќи сè ова во збиена потполност, !!! си осигурал камбек што можеби не е напнат како уникатните хичкоковски трилери, но е возбудлив на охрабрувачки развеселен, распеан и разигран начин.

Оцена: 81/100

Артист: !!!
Албум: THR!!!ER
Датум на објава: 29 април 2013
Продуцент: !!!, Џим Ино, Џас Шо, Патрик Форд
Издавач: Warp

Листа на песни:
1. Even When the Water’s Cold – 3:48
2. Get That Rhythm Right – 5:06
3. One Girl / One Boy – 4:04
4. Fine Fine Fine – 3:54
5. Slyd – 4:15
6. Californiyeah – 4:34
7. Except Death – 4:37
8. Careful – 5:37
9. Station (Meet Me at the) – 3:55

Слични написи

Остави коментар