Smut – Мемоарите на скршениот човек [Password, 2012]

Хоророт долго време е меѓу носечките инспирации за Smut, што најсликовито се потврди со обвивката на цедето од 2003 година, Forever is not Enough. Со тој потег групата изрази почит на фридкиновиот класик The Exorcist. Силната врска со најмрачниот филмски жанр кој, во исто време, знае да биде комедија, ама и коментар на општествено-политички теми, скопскиот бенд повторно ја нагласи на последното студиски издание, “Мемоарите на скршениот човек”. Албумот не е банална посвета на подвижните слики на стравот, туку омаж на морничавата македонска, транзициска, реалност пренесена низ хорор-иконографијата. Овој темел составот го поставува уште со интрото. Тензичната, “Зона на самракот” оркестрација, ја најавува нарацијата од измислени вести за пронајдени тела на 20 припадници на власта и на опозицијата во подрум на напуштена куќа.

Ниту едно име не е наведено, град не се споменува, земјата е непозната. Секој од овие детали може подеднакво веродостојно да се смести во најголемиот дел од општества на планетава оти малите, немоќните и злоупотребените во сите нив се исти – потиснати, понижени и проколнати. Идентификувајќи се себеси и сопственото изгубено јас со тоа на апсолутното мнозинство, повеќе од јасно е оти Smut на новиот материјал пее и свири за демоните во земјата на сонцето. А тоа го прави оставајќи го срцето на бина, растурајќи низ музејот на скршени срца и прекопувајќи низ гробовите на предците. Сето тоа, изгледа, а којзнае, можеби и не, се одвива на улица “Паганска” бр. 666, по која чекори човекот со пластично срце надлетуван од црна птица. Депресивно опкружување, но бендот знае дека во него, силата се црпи од Вас, од фановите, од пријателите, од заедништвото.

Осврнувањето на нашево дводецениско, индивидуално и колективно, гмечење на обичниот човек во мочуриштето на лажните промени, не значи дека Smut на четвртото остварување се претвориле во агитпроп манипулатори. И покрај тоа што и претходно обработуваа вакви теми, “Мемоарите на скршениот човек” е нивното најзрело и општествено најрелевантно издание. Англискиот и порано им беше солиден, тој јазик секогаш е прв умен избор за создавање каков било “западно-ориентиран” звук, но одлуката да пишуваат и да пеат на македонски целосно се исплатела. Вродената конекција со него резултирала со поиздржани стихови и во поширока смисла, постегнати композиции и покомпактна целина. Зборовите и музиката групите најчесто одвоено ги креираат, но инстинктот ги спојува двата процеса. А тој е најударен низ призмата на мајчиниот вокабулар.

Продукт на ова се песни кои, во суштина, се држат до жанровскиот концепт на модерниот металкор, но поради позитивното локализирање, составот, условно кажано, го помакедончил. Во ова не гледам патриотизам – иако, нели, правото на слободно интерпретирање сè дозволува – туку фитил кој во бендот запалил пожесток, поразорен, поблизок до себе, оган на креативност. Двете тројки, од “Демони”, преку “Моето изгубено јас” до “Земјата на сонцето” и од “Музејот на скршени срцa”, “Гробот на предците” до “Човекот со пластично срце” се ср’жта на колекцијата иако и останатите траки се на слично високо ниво. Сите тие не бегаат премногу од метализираната шема на хардкорот, не креваат облакодери на уникатноста. Оваа стандардност, сепак, воопшто не ја намалува вредноста на албумот. Таа е осигурана, спакувана и запечатена со тоа што Smut, држејќи се и ринејќи уште подлабоко во себеси, напишал мемоари на незнаен, скршен, јунак во коишто повеќето од нас можат да се пронајдат.

Оцена: 85/100

Артист: Smut
Албум: Мемоарите на скршениот човек
Датум на објава: 10 април 2012
Тон-мајстори: Евгениј Каревски и Владимир Аговски
Издавач: Password

Листа на песни:
1. Интро – 1:27
2. Демони – 3:43
3. Моето изгубено јас – 3:31
4. Земјата на сонцето – 2:56
5. Црната птица – 4:06
6. Улица паганска бр. 666 – 3:38
7. Срце на бина – 4:05
8. Музејот на скршени срца – 3:54
9. Гробот на предците – 3:42
10. Човекот со пластично срце – 3:43
11. Ова е за Вас – 3:12

Слични написи

3 коментари

LJ 22/12/2012 - 04:29

Prosto e neverojatno kolku zborovi se potrseni vo recenzijata I, na kraj, da ne se rece nisto sustinsko. Iako avtorot se obiduva da ostavi vpecatok na elokventnost, sepak porakata e konfuzna. Ne navlegovajki vo vkusovite, nekomu ovaa muzika mu e na srce. Na mene licno ne. Malku e sepak intrigiraracko kolku ovoj tip na muzika vodi na iskrivena mladina, pogresni zivotni celi (ve molam ne ja povikuvajte sekojdnevnata politicka sostojba vo zemjata, ne e opravduvanje), I na kraj izopacen zivot zatalkan vo droga, I samunistuvanje. Muzikata na Smut e odlicen katalizator da ja dovede mladinata vo takva sostojba na umot, samounistuvanje I propast. Ovoj komentar e od Makedonec koj srekjno I navreme izbega od “milata tatkovina”. Neka vi e nazdravje Makedonci I prodolzete da go slusate Smut.

Reply
Александар Саздовски 22/12/2012 - 09:21

Пораката е конфузна зашто авторот беше под влијание на тешки дроги додека ја пишуваше. Имаш право, младината се расипува од музика како оваа, не од корумпирано општество и алчни политичари. Сигурно и си се иселила од Македонија за да избегаш од ваков тип бендови, а не зашто животот е прекрасен. Таму кај што си знам дека нема вакви групи, туку сите слушате црковни хорови.

Reply
Игор 25/12/2012 - 03:18

Побратиме ти врска немаш од музика и никаков осет за музика и не е потребно повеќе да се пишува како одговор.

Reply

Leave a Reply to LJ Откажи го одговорот