“Трето полувреме”: Победа на пенали

Ако ме прашаат какви филмови сакам да гледам, а во моментов тоа никој не го прави бидејќи не сум школуван критичар – што, нели, е пресудно – ќе одговорам: какви било, само да не се “Меланхолија”. Јасно де, не баш буквално сè што е снимено, меѓутоа, во споредба со делото на Ларс Фон Трир, и за уште попретенциозно остварување како “Дрвото на животот” (Father. Mother. Озбилно?) на Теренс Малик, изминатава година развив поголеми симпатии. Сигурен сум дека сè уште никој не е заинтересиран, ама ако ми ја постават дилемата, пак ќе си кажам дека пред екраниот – малиот или големиот – се нацртувам и за наслови како The Expendables 2, The Dark Knight Rises, The Amazing Spider-Man, Prometheus и The Avengers. Сигурно го забележавте трендот. Освен стрип-екранизации и проекти со “The” во насловот, избирам да го арчам времето на американска кинематографија. И што гарантирано е најголемиот грев – верувам дека не ми е залудно потрошено. На таа траекторија, не е тешко да претпоставите како го доживеав “Трето полувреме”. Па, да, ама и ќе погрешите.

Не го истенчив салото треснувајќи на задникот од што филмот беше генијален, како што објавија на државната огласна табла. Ама и не ми дојде нагонот за повраќање кој, како што прочитав, стручњаците мака мачеле да го задржат во себе. На крајот, сепак, го истуриле во текст. Гледано од мојот скромен, космички безначаен, фановско-кинематографски агол, вториот и половина игран филм на Дарко Митревски (“Збогум на 20-иот век” го дели со Александар Поповски) е пристојно забавна боза-боровница како што снимаат преку Атлантикот, ама со препознатливо македонска приказна. Значи, нешто како “Роки 4”, ама наместо САД и СССР во Студената војна, отсликани преку Слај и Лундгрен, во спортско-политички клинч се заглавени Македонија и Бугарија во Вториот, најголем досега, светски конфликт. Без размислување, судирот со нашиот источен сосед е траорно подлабок отколку што е прикажан, но како секое холивудско остварување со слична, комплексна историска проблематика, и “Трето полувреме” го начнува, се држи на површината, не навлегува во премногу детали.

Така е, прво и побитно, оти во филмовите што, како овој, се создадени со публиката на ум, а не со паметот на европската кинематографска интелектуала, целта е гледачот да се привлече во кино, фино да си помине и утре пак да стане рано за на работа. Плитко, ако анализираме низ призмата на надмениот човек кој е убеден дека тој е центарот на универзумот. Контра на тоа е малата вулгаризација на констатацијата на Вуди Ален – секој со своите потреби. Втора причина за поедноставеноста, понекогаш и до банална точка, на поширокиот општествен контекст на “Трето полувреме” е што, пред сè, тој е љубовна приказна. Имајќи предвид оти се работи за темата “забранета страст”, само овој пат меѓу Македонец и Еврејка, таа е познато трогателна. Болката во неа е којзнае колкупати засилена со паралелното раскажување на страшната судбина на нејзиниот народ и со фактот дека дејствието е инспирирано од вистински настани. Жанровски, лабаво кажано, досега испливаа спорт, историографија и романса. Кога на сето ова ќе се додаде драма и маалска комедија, се добива смеса што однадвор е густа, а одвнатре носи огромен ризик за нестабилност. Токму тука проектот има подеми, ама и падови.

Успехот што боде очи, веднаш штом ќе се стркалаат првите кадри, е севкупниот тон, бојата, атмосферата, едноставно, профи-изгледот на филмот. Ништо спектакуларно, уметнички поместувачки, ама убаво, пријатно, топло. Селекцијата на локациите и костимографијата се надоврзуваат, а отскокнува и фотографијата. Од “сегментите” кои го сочинуваат изданието, ефективно се реализирани бугарската окупација, обичниот скопски живот, идеолошко-религиозната шареноликост (прагматичари, комунисти, партизани) и депортацијата на Евреите. Сценаристички, најсилна е обработката на истиве поглавја, како и на сцените со Димитрија, сопственикот на ФК “Македонија”, со тренерот Рудолф Шпиц, одигран од Рихард Замел и со полковникот Гарванов на Емил Рубен. Во оваа точка, кај постарите актери и нивните ликови, вагата ја достигнува највисоката кота и потоа почнува да се навалува под хоризонталата. Делумно е до текстот, но и до самата нивна игра, ама јазот меѓу потретирањето на карактерите од поискусните и од помладите глумци е недозволиво голем. На моменти сè делува како битка на волци со јагниња чиј краен резултат е премногу крвав за да се опишува. Тоа што во кожата на носечкиот женски лик е манекенка е атрактивно на платно, ама неубедливо во срцевината. Чиста среќа што не е до тој степен очајно за комплетно да го уништи остварувањето. Технички, начинот на којшто е снимен и измонтиран фудбалот, најмногу разочарува. Просто кажано, чувството на еуфорија – ампутирано. Преостанато – само хаосот.

Последниов термин – неред – сепак, не може да се употреби за големата слика што ја креира овој долгометражец. Има и премногу недоследности за така повеќеслојна и богата приказна, згора на тоа, основана на луѓе од стварноста. Тоа остава извесен впечаток дека е пропуштена првокласна шанса за создавање феноменално дело од којшто подеднакво ќе бидат одушевени и критичарите и публиката. Со оглед на тоа што, како и најголем дел холивудски продукции со сличен, навивачко-тимски, тон, најотворено се грижи да бидат исполнети гледачите – и тоа на што помасовно ниво – овој наслов цврсто ќе се впише себеси во листата на поп-кинематографијата, без разлика во кое знаме е таа завиткана. Преку барата, во ентертејнмент центарот на светот, со децении, секоја година се снимаат остварувања што се обраќаат исклучиво на НЗС-то на милиони луѓе кои трошат милијарди од своите тешко заработени пари за истите да ги гледаат. Пренесете го тоа во нашиов, локален, контекст, и веднаш е очигледно дека на овој план, “Трето полувреме” си ја осигурува победата. Таа е за неколку скалила над минималната, до неа филмот доаѓа на пенали, ама знаете како велат – три бода си се три бода.

Оцена: 70/100

Наслов: “Трето полувреме”
Премиера: 15 септември 2012
Режија: Дарко Митревски
Улоги: Сашко Коцев, Катарина Ивановска, Рихард Замел, Раде Шербеџија
Продуценти: Роберт Насков и Дарко Митревски
Сценарио: Дарко Митревски и Гргур Струјиќ
Музика: Кирил Џајковски
Студио: Кино Око

Слични написи

2 коментари

Марија 16/10/2012 - 11:44

отприлика и јас истово им го кажав на сите што ме прашаа дали да го гледаат филмот. Одиш, гледаш, мезиш пуканки за целосно американско кино искуство, си одиш дома и толку. 🙂

Reply
Александра 16/10/2012 - 12:55

Целосно се согласувам. Единствената рецензија за филмов која е на место.

Reply

Leave a Reply to Александра Откажи го одговорот