Propagandhi – Failed States [Epitaph, 2012]

Дваесеттината секунди на самиот крај од Status Update, шестата песна на Failed States, новиот албум на Propagandhi, ме подбуцнаа да се потсетам зошто Канаѓаниве за навек си обезбедија место во храмот на моите омилени бендови. Квартетот не си го осигура вечниот билет со политичката ангажираност и извонредно писмените текстови. За тоа нема заслуга ниту неверојатната треш-метализираност на нивниот лут хардкор-панк иако тие што лично ме познаваат со право прво би помислиле оти баш поради тоа ги харесвам. Неизмерно ги почитувам од друга, екстремно попроста, можеби и банална причина – расфрлањето. Кај луѓе, неумесното трошаџиство не го поднесувам. Чудно би било истата особина да ја величам кај музичари, но таа кај групата од Винипег, сепак, е невина, не повредува и не навредува никого. Со неа, за разлика од мене и од воведов, тие покажуваат пресудна карактеристика – дека не се тупаџии.

Ако се прашувавте како успеав да ја поврзам способноста на четворката да не го дрви со нагонот за сплискување, еве – горенаведената нумера финишира со гаргантуански, епски, господаровско-прстеновски, риф. И? И толку. Бендот го смислил и го сместил во последната третина од композиција што и онака трае 60 и кусур секунди. Повеќето групи, сосема оправдано и умно, врз такво бисерно парче би кренале аудиопирамида од неколку минути. Наместо тоа, Propagandhi отсекогаш имале политика на полнење на магазинот со муниција, нишанење и пукање. Акорд по акорд, стих по стих, песна по песна. Албуми не објавуваат со таков рафален ритам, ама кога ќе одлучат да пуштат еден од ланец, огромна е веројатноста дека станува збор за непрокопсано ѕвериште со дисциплина на самурај и прецизност на снајперист. И покрај делумната инфериорност во споредба со претходникот, Failed States гризе како слична бестија.

А сè на плочата почнува сталожено, трпеливо, нежно, со првите звуци на Note to Self. Со тоа се избиструва сликата на која што инстантно се гледа дека шестото издание на Крис Хана и дружината е поинакво од Supporting Caste, хидрогенската бомба од 2009 година. За мене барем, во и така импресивната дискографија на бендот, таа останува за некое скалило најдобрата колекција, а Failed States би ја позиционирал на место од кое што злобно му дише во врат на Potemkin City Limits. Траката што ја одвртува тапата на шишето со најсвежиот материјал потврдува оти тој е поразновиден, со подеми, падови, проширувања и стеснувања на ритмички, мелодиски, хармониски и на емотивен план. Да се изразам “стручно” – цедето е подинамично од својот најблизок предок. Шестте минути на стартот, што само по себе е епопејски чекор за панкери, се креваат од нула до солаџиско-рифовски вулкан со елегантно искачување во средината.

Насловното парче потоа воопшто не му ја мисли. Се крева во воздух и лета како што Propagandhi најдобро знае – суперсонично. Хана и Дејвид Гилас моцартовски везат на гитарите, а во заднина, Тод Ковалски речиси џезира на басот. Одличната продукција овозможува истото да се слуша и на останатите композиции. Напенавена како куче со беснило, четворката скоро слеерски ја отвора Devil’s Creek, која што со УЗИ-брзина шиба до крај, а во меѓувреме неколкупати ја менува бојата. Животното со четирите жици со својот препознатлив анимален глас распарчува на Rattan Cane и на Hadron Collision, нумери со кои албумот фино зацапува во барата на суровиот метал иако во ниту еден миг не го мрда погледот од панкот.

Фронтменот се враќа на нервозната Status Update, а The Rod го граба микрофонот на Cognitive Suicide, забавено, до одреден степен, прогерско парче што еволуира во ултратрешерска солажа и завршува прекршено како што и стартува. Составот цепа турбо на црно-хумористичната Things I Like, а Џизс Х Крис, само како што тој знае, беседи на Unscripted Moment, која што пак го преполовува темпото – и ритмички и емотивно. Ковалски, со зарипнатиот баритон, му парира на Dark Matters, чиј мрак се прелева од насловот во коритото со дисторзија. Заразната певливост комплетно ја презема контролата на Lotus Gait, која не се пика под кожа, туку ги граба гласните жици со клешта и ги принудува да пеат. Лентата на финиш-линијата е исецкана како шопска салата со Duplicate Keys Icaro (An Interim Report), песна-фестивал од рифови. Во неа, како на едно место да се собрани сите претходно слушнати варијации.

Стилот со којшто групата го трча последниот круг појаснува дека немаратонскиот материјал наликува на возбудлив тобоган со многу врвови, долини, превртувања и кривини. Ова, секако, не е ништо ново за канадската четворка, особено на плочите што ги издава од 2001 година наваму, но најсвежата прави поголем скок во тој поглед од најблиската роднина. По правило, тоа би требало да биде попримамливо за уво, ама за тоа се потребни ѓаволски стегнати песни. А бидејќи токму тоа, пишувањето нумери, од оние полнокрвните, мајсторските, е носечкиот занает на квартетот, Supporting Caste за извесно, подносливо и разбирливо, ниво е поуспешен албум од неодамна објавениот. Радост носи тоа што на Failed States не се насетуваат алармантни знаци на пропаѓање на креативноста како што долга листа држави или, објективно гледано, светот денес, се движат неизбежно кон урнисувањето. За бенд како Propagandhi, кој е активен две и пол децении, постепеното авторско бледнеење би било очекувано, но тие и со шесттото студиско остварување нагласуваат дека се повитални од мал милион млади, наводно полетни, деби-состави. Одговорност за тоа веројатно треба да се бара во нивното сфаќање на светот. Тоа е толку зрело опишано во текстовите, а најпрецизно во стихот што става поклопец на цедето: “Нема ти, нема јас, има сите. И тоа е сè”.

Оцена: 89/100

Артист: Propagandhi
Албум: Failed States
Датум на објава: 4 септември 2012
Продуцент: Џон Пол Питерс
Издавач: Epitaph

Листа на песни:
1. Note to Self – 5:56
2. Failed States – 1:54
3. Devil’s Creek – 2:32
4. Rattan Cane – 3:06
5. Hadron Collision – 1:37
6. Status Update – 1:05
7. Cognitive Suicide – 3:42
8. Things I Like – 1:59
9. Unscripted Moment – 4:10
10. Dark Matters – 3:16
11. Lotus Gait – 3:15
12. Duplicate Keys Icaro (An Interim Report) – 4:34

Слични написи

1 коментар

cacich 04/10/2012 - 00:19

Омилен бенд.
” Радост носи тоа што на Failed States не се насетуваат алармантни знаци на пропаѓање на креативноста…” мислам дека баш спротивното се насетува,а можда треба да им дадам фора уште 3-4 слушања,да легне материјалов.
Се си кажал во рецензииве..Фаворити:Lotus Gait,Unscripted momment,Devils creek,Dark matters

Reply

Leave a Reply to cacich Откажи го одговорот