Katatonia – Dead End Kings [Peaceville, 2012]

Ник Хорнби, пишувајќи за фудбалските фанови во своето капитално дело Fever Pitch, вели: “Ве молам, бидете толерантни кон тие што некој спортски момент го опишуваат како најдобар во животот. Нам не ни недостига фантазија, ниту имаме тажни и јалови животи; само што, реалниот живот е поблед, подосаден и содржи помалку потенцијал за неочекуван делириум”. Извадете го она “спортски”, вметнете бенд и добивате иста слика за музички обожавател. Фан сум на многу групи, додуша, фан сум на речиси сè што се труди да создава звучни дела. Најверен, сепак, со листа што фантазирам дека е мала, а искрено, и не е така куса, обожавател сум на артисти кои што без зрно помош, сами, најприродно се приклучуваат на мојата мрежа на електрични импулси. Или да употребам не-ЕТФ-терминологија – изведувачи со кои се разбирам без употреба на каков било напор од моја страна. Однесувајќи се како Капетан Очигледен ќе кажам дека таков состав, којшто позицијава пак ја потврди со новиот албум, Dead End Kings, е Katatonia.

И покрај тоа што нивната музика е хеви по сите параметри, таа не е одбивно тешка на сонично агресивен начин. Нежна е, мелодична, питома, ама и мрачна, меланхолична, дури и депресивна, што веројатно е причината оваа шведска формација да се најде на списокот со бендови што или ги сакате или ги мразите. На Dead End Kings има обиди за понијансирано престројување кон алтернативниот и атмосферски рок започнато на Last Fair Deal Gone Down, ама квинтетот од Стокхолм во најголем процент се држи до мрзеливата (тонски, не авторски) набилдана готика првпат слушната на The Great Cold Distance. Џезерското пијано што ја отвора и околу која што се врти Leech е мигот кога групата поинаку ја затемнува и онака нагласено темносината боја на својот блуз. Не ни глумат дека се Роберт Џонсон, меѓутоа, се доволно големи луѓе да му оддадат почит со тоа што на сопствен начин креваат статуи во чест на тагата, чувството неразделно од делтата на Мисисипи, под чие влијание е родено сè што има рок-гени.

Обиди за мало, возбудливо, застранување од самите себеси, има и на Ambitions и на Undo You, помалку дисторзирани парчиња кои го комплетираат триото нумери од кои е изградена најкршливата срцевина на материјалот. Тие донекаде потсетуваат на теми од Viva Emptiness, но не се изделкани со прецизност и уникатност како и ова ремек-дело на Katatonia. Претходно, The Parting не го отвора албумот бомбастично, туку со оддишка, ама по неколку секунди сè си е на очекуваното збиено-потиштено место. Спојот на Јонас Ренске со женски гласовен пандан од истата сцена одамна делувал логичен, а дека тоа било оправдано подвлекува елегантното гостување на Силје Вергеланд од The Gathering на The One You Are Looking for is Not Here. Во нејзиното појавување нема ништо помпезно, тоа дури е и донекаде срамежливо, но и со тој штедлив пристап, таа безгрешно ја зајакнува композицијата. Фронтменот повторно го презема кормилото на Hypnone, парче на кое мајсторски се преклопуваат двата света на бендот – рокерскиот и металскиот – особено во лидот во втората третина од нумерата.

Беседништвото, кое и онака крвари од секоја пора на плочава, најубаво е исцртано на The Racing Heart, во која пејачот разорува со текстот, а во него зборува за рака со the burning shape of a gun. Нагло, веднаш потоа, Buildings ја враќа вагата на хеви-страната, слично како и траките кои ја затвораат колекцијата. Кај нив тоа е понагласено бидејќи доаѓаат по најмекото јадро во делото од 11 поглавја. Деветтата тема, Lethean, во исто време, плива агресивно како врвен спортист и релаксирано како водна желка, во море од дисторзија, грув и мелодија. На First Prayer алтернативата се стопува во готиката, а тој процес е издигнат со игривоста на вокалот. Тежината, пак, најмногу отскокнува на Dead Letters, фестивалот од Tool-овско прог-металски-рифови кои што ја испишуваат последната реченица од остварувањето. Таа, на начин изненадувачки за петорката, го финишира албумот во исклучително енергичен стил, кој што контрира на очекувано (и посакувано) доминантно смуртениот тон на сè што претходи. Тука, всушност, во оваа предвидливост, може да се лоцира и подносливата слабост на дискот. Katatonia и на изданиево звучи како никој друг од своите хеви-современици, но малата мака е што тоа го изведува возејќи, воглавно, по познати автопатишта, улици, друмови и џадиња. Голем плус е што меѓу нив, за разлика од кралевите кои шведскиот бенд ги опева, нема такви што водат до ќорсокак.

Оцена: 87/100

Артист: Katatonia
Албум: Dead End Kings
Датум на објава: 27 август 2012
Продуценти: Јонас Ренске и Андерс Нистром
Издавач: Peaceville

Листа на песни:
1. The Parting – 4:52
2. The One You Are Looking for is Not Here (with Silje Wergeland) – 3:52
3. Hypnone – 4:07
4. The Racing Heart – 4:06
5. Buildings – 3:28
6. Leech – 4:23
7. Ambitions – 5:07
8. Undo You – 4:56
9. Lethean – 4:39
10. First Prayer – 4:28
11. Dead Letters – 4:49

1 коментар

Слични написи

1 коментар

Ивана 28/12/2012 - 19:08

Прекрасен ! Особено Lethean, песната е совршенство ! Уште едно совршено дело во кое го задржуваат нивниот континуитет, полно со нивната безгранична меланхолија.

Reply

Остави коментар