Foolish Green – Sun is Gone EP [2012]

За време на неодамнешното отворање на Летните олимписки игри во Лондон, Twitter, социјалната мрежа што сите ја мрчат, а скришно ревоносно ја следат, татнеше скоро едногласно – премногу е британска! Свечената церемонија, секако. Точно зошто се негодува за националната боја на настан што да падне во рацете на која било земја пак ќе биде, потивко или погласно, патриотски, сè уште не ми е јасно, ама спектаклот ме потсети на факт што често го заборавам – Островото (како што Калински го вика) е родно место на недобројно многу сјајна музика. Ненад Стефановски, кантавтор кој објавува под името Foolish Green, е од Скопје, симпатично се потпишува дека е од планетата Земја, а на своето деби-ЕП Sun is Gone звучи како да растел на влажните, исцрнети од масло, калдрми во работничките населби во Англија.

По пауза од околу деценија и пол, поради Стефановски пак посегнав по MTV за да се докопам до нова музика. Тој преку нивните интернет-страници бесплатно го сподели изданието што е најава за првиот лонгплеј-албум, Escape, планиран да излезе до крајот на годинава. На потписникот сум налетал како на продуцентот Брус, во обвивките од “Легијата” и од други соло-артисти што гравитираат околу рап-групата. На сцена, во самостостојна варијанта, придружуван само од акустична гитара, го гледав еднаш, баш пред настап на споменатите хип-хопери во МКЦ. Кај неговата ритмичка подлога за рими, сè е стабилно изградено, со јасен стил што и кога варира, не се искривува под притисокот на нејаснотиите. Со шесте жици и микрофонот, Стефановски и тогаш се водеше од нескриено брит-влијание, но го имаше пребуквално и прекруто зграпчено.

Похрабрата промена во едниот и повоздржаната во другиот од овие два елемента го крева Foolish Green куп скалила погоре од свирката пред некоја година и навестува дека сè уште има простор за подобрување. Стефановски на Sun is Gone не влегува во тесниот калап на илјадниците пејачи-автори што беседат на излитен инструмент. Тој го проширил спектарот, вклучувајќи и бас, гостински придружни вокали и електрични гитари, како и фини продукциски решенија што внесуваат аудиотекстури во песните. Ова можеби е соло-ЕП, ама по сите критериуми звучи како бендовско остварување. Композициите се полни, хармониско и мелодиско богати, не се само стихови и жици залепени за задлабочен глас. Во овој оддел Ненад посилно од потребното се држи до развлечениот вокален стил на Oasis или Radiohead, но тоа премногу не се заканува оти ќе го сотре позитивниот впечаток.

И вакво, без воопшто да се менува, ова 15-минутно парче музика нема современик на македонската сцена. Ова воглавно брит-рок-издание, со силни поп и психоделични и слаби блуз-проблесоци, е уникат по едноставното, но ефективно придржување до жанровските норми, што не го ослободува авторот од обврската во сето тоа да внесе и сопствена боја. Таа е, неспорно, присутна, особено во стиховите. Отскокнува и во аранжерските потези кои се необични за инструменталното лице на, условно кажано, правецот во којшто Стефановски се изразува. Тоа е повеќе од доволно за да се осети дека ова не е само алтер-его што на Брус му го пополнува слободното време, туку креативно поле кое што на суштинско, лично, ниво, искрено му значи. Гарант е млад, но Foolish Green воопшто не е гуштерски зелен песнописец, само му недостасува уште некоја нијанса за насоката што ја избрал целосно да ја присвои. Дотогаш, секој од нас може да ужива во Sun is Gone и натаму да бара одговор на најсуштинското прашање што некогаш било поставено – кај ми е сонцето?

Оцена: 78/100

Артист: Foolish Green
Албум: Sun is Gone EP
Датум на објава: 16 јули 2012
Продуцент: Дарко Спасовски – Пацки
Етикета: Самостојно издание

Листа на песни:
1. Sun is Gone – 3:17
2. Let me Out – 4:02
3. Lover Doll – 4:08
4. Crystal Night – 3:57

0 коментар

Слични написи

Остави коментар