The Newsroom: Досетливиот новинар Дон Кихот

Како никогаш претходно во неколкуте децении откако телевизијата го глобализира информирањето денес е мачно да се биде новинар. Не само на малите екрани и не само во Македонија. Луѓето што се занимаваат со професијата – по свој избор или случајно – без разлика дали пишуваат во весници, магазини, на интернет или пренесуваат вести пред камера, катадневно се постројуваат за масовни егзекуции од газди, читатели и гледачи, од властодршци. И покрај тоа што журналистите и вистински ги убиваат (лани 47, досега годинава, 25), нивното истребување сега најмногу се одвива на општествен, политички и на економски план. Колку што глобалната комуникациска мрежа ги демократизира вестите во прекрасна смисла, толку се засили сфаќањето дека секој, буквално, може да биде репортер. Од спалната соба, од гаражата, од кафулето во кое што секое утро шмрка кафе, едноставно, од секаде.

Убавата страна на оваа приказна е демистификацијата на семоќноста на незаситните за богатење планетарни медиумски конгломерати. Грдата, пак, неточноста, површноста, простотилакот и навредливата неписменост. Во сето ова, новинарите, по душа, не само по вокација и по плата на први, бескрупулозно се мелат и од едната и од другата група, чии што претставници се подеднакво уверени дека просторот за известување е нивно ексклузивно право. Вистината, веројатно, е некаде во средината на оваа манџа од теми, прашања и дилеми. На нејзиното дефинитивно откривање не се гледа крајот, туку со секој одминат ден таа се закопува во конфликти и небулози. Истражувајќи голем дел од нив, но и низа други, и обидувајќи се да даде лично видување што, всушност, му недостасува на новинарството денес, Арон Соркин ја создаде серијата The Newsroom.

Заплет и сценарио: Приказната се врти околу Вил Мекавој (Џеф Дениелс), презентер и уредник на News Night, информативна, вечерна програма на измислената кабелска мрежа ACN. Тој стасал до врвната гледаност и почит оти не изнервирал никого или како што се вели во првата епизода, бидејќи е “Џеј Лено меѓу водителите на вести”. Тоа ќе се промени по жолчниот испад пред полн амфитеатар бруцоши кои што ќе го снимат како го руши митот дека САД се највеликата земја на светот. Содржината ќе се рашири како вирус по друштвените мрежи, а Мекавој ќе стане мета за поткусурување. Како резултат на ова, тој нема да го загуби само угледот и довербата, туку и тимот, што отвора шанса за внесување нов. Со тоа се истапкува свеж терен на кој што ќе се развива возбудлива динамика меѓу ликовите и течение на заплетот.

Во типично соркиновски стил, со спортски третман на текстот и активистички агол на гледање на темите, The Newsroom неодложно се впушта во дискусијата за сегашната состојба на медиумите. Најавната шпица, што со елегичниот аудиостил буди спомени за незаборавната The West Wing, содржи кадри од Едвард Р. Мороу и Волтер Кронкајт, со што авторот недвосмислено изјавува што за него е репер за новинарство, особено телевизиско. Препознатливиот сценаристички допир на Соркин е веднаш забележлив. Реплики летаат на сите страни, караниците често се на граница на тепачка, иронијата вади очи со острината, комедијата балансира меѓу редови. Сето ова делува познато, но само за тие што се дружеле со издвоениот свет на авторот. Во него, новиот проект се вклопува подмачкано иако не може да се пофали дека нема слабости.

Носечки ликови: Гледливоста на оваа интеракција е овозможена од несовршеноста на главните карактери кои, сепак, имаат гранитно цврст морален компас. Освен Мекавој, кој е лицето на едночасовната емисија и гравитациски центар на серијата, тука е и Мекензи Мекхејл (Емили Мортимер), новата продуцентка која почесто јадела корени во Авганистан, Пакистан и Ирак, отколку што пиела кафе во сенката на Емпаер Стејт Билдинг. Таа е ентузијастичката, наметната, ортачка на презенетерот која, за разлика од него, не се предала на “реалноста на медиумскиот пазар” или со поедноставени зборови – не дозволила да биде изедена од современото драпаџиство (тоа да ти бил македонскиот никулец за циник). Спротивно од Мекавој, кој повеќе е загрижен за деталите од мултимилионскиот договор со ТВ-мрежата, таа сè уште простодушно верува во повисоката мисија на журнализмот.

Презентерот и неговата продуцентка се матицата и трутот (кој не е готован, туку си р’мба поштено) на новинарската кошница на News Night. И токму како во неа, во редакцијата на емисијата постојано зуе поради асистентот на Мекхејл, снаодливиот Џим Харпер (Џон Галагер Џуниор), нежната и ефективна Меги Џордан (Алисон Пил), нивна помошничка, недоверливиот Дон Кифер (Томас Садоски), бившата десна рака на Мекавој. Тука се и технолошки поткованиот пишувач на блогот на Вил, Нил Сампат (Дев Пател), кој ги снимил терористичките напади во Лондон од 2005 година со својот мобилен телефон, како и Чарли Скинер (Сем Вотерстон), харизматичниот и искусен претседател на одделот за вести на ACN, кој сеќавањата за поубавите информативни ТВ-времиња ги потопува во неумесно долга колона чашки алкохол. Постоењето на повеќето од овие ликови е незамисливо во контекст на денешнава реалност. Дури и такви, како чисто дело на имагинацијата на авторот, глумата ги прави уверливи.

Теми за дискусија: Фитилот што ја потпалува кариерата на Вил Мекавој, а со тоа и на The Newsroom, е неговата одлука во еден, единствен, миг да згази на мотото што му ја донело славата: Не вознемирувај ги другите со твоето мислење. Во ера како нашава, кога луѓето си ги бираат фактите, а камо ли страната (лева или десна) што ќе им ги сервира вестите, тоа за ѕвездата на News Night значи харикири. За настаните што ќе се развијат потоа е речиси невозможно да се најде основа во актуелнава реалност, но во серија, симпатично е да се гледа како екипата ќе го избере неочекуваното – креирање новинарска програма што оди во прилог на поширокото добро, а не само на џебовите на корпоративните газди. Во најголема мера, серијата е навртена на ова прашање, но тука се и интегритетот, чесноста, работливоста, моменталното задоволување што го носи скролувањето (не и читањето) на информациите, заглупавеноста, мрзеливоста и сè што ни донесе достапноста на новостите – буквално – во нашите дланки.

Забавна страна: Новинарството не е тема измлатена до смрт на малите и на големите екрани, но и не е ретка колку што би се очекувало за професија што директно носи леб на маса на ограничен број луѓе, а индиректно влијае на речиси сечиј живот. Солидно парче од The Newsroom зборува на јазик чии финеси најсуштински ги разбираат тие што биле дел или сè уште се во новинарска редакција. Тие се врамнотежени со чисто човечки моменти кои што се исти без разлика на описот на задачата што ја обезбедува платата. Сместувајќи го дејствието зад сцената, како во критичкиот и гледан хит, The West Wing, и зад камерите, како во потценетата Studio 60 on the Sunset Strip, се креира оптимален простор за клинч меѓу барањата на професијата и индивидуалните потреби на карактерите. Тоа создава интриги од најразличен вид, лични успеси и пропусти или ситуации на радост и тага што се примамливи, забавни, за гледање.

Потенцијал за развој: Иронично, секирата што ќе пресече дали The Newsroom ќе има шанса да расте, ќе биде замавната од раката што ја храни, а во исто време, серијата се обидува да ја изгрицка. Тематски, тоа што авторот го начнува во пилот-епизодата има потенцијал издржано да се развива во безброј насоки. Практично, сурово, сето тоа зависи само од една: медиумско-корпорациската. Далеку од тоа дека шоуто е до толку контракултурно за да не си обезбеди публика. Неодамнешната премиерата се вброи меѓу најгледаните во последниве месеци на HBO, но доколку тоа не се одржи барем на ова ниво, ништо чудно Вил Мекавој да биде скинат од екраните и пред крајот на одамна договорената цела сезона. На телевизија, тој може да биде суперхеројот кој што ќе го спасува новинарството. Во реалноста, капиталистичкиот пазар е неговиот криптонит.

Севкупно: Арон Соркин не е Дејвид Сајмон. Вториов одново ја измисли ТВ-драмата, а првиот си остана последниот велик телевизиски носталгичар. До тука, се согласувам со Чарлс П. Пирс од Esquire, кој иако нешто понежен, сепак, се придружи на батаљонот критичари намерачени да го изругаат новиот проект на Home Box Office. Вистината, како што може и да се види од математиката на Metacritic, зависи од фреквенцијата на која што ги штелувате очите пред да ја гледате серијата. Доколку сте рецензентски цепидлаки кои бараат европски кинематографски реализам во сè што е снимено со камера, шоуто ќе ви биде патетично. Ако, пак, сте членови на Фановското братство на Соркиновци, ќе паѓате во несвест како покосени. Точната оцена е некаде помеѓу, во непрецизната област над совршената средина.

На површина и во суштина, почитуваниот холивудски сценарист не нуди ништо ново со својот камбек на екраните по пауза од пет години. Од друга страна, не изненадува и со квалитетот на текстот – тој пак е на особено високо ниво. Моментот што повеќето ги изместува од колосек е тенденцијата за попување, термин најчесто користен од сите кои го испасираа шоуто со негативни оцени. На миговите во кои гласно се критикува сегашната очајна медиумска и општествена состојба, па се присеќава на минатото и на крајот се мечтае како би можело да биде, има опција и така да се гледа, но зошто не и поинаку. Нималку не е важно како ќе го наречете – наивен, идеалистички, бесцелен – овој пристап содржи моќен потенцијал да биде инспиративен, како и најславното дело на Мигел де Сервантес. Во контекст на денешната телевизија, The Newsroom е витезот кој со магаре јава до крајот на бесмислената мисија – раскажување на приказната за досетливиот (благороден) новинар Дон Кихот.

Оцена: 77/100

Серија: The Newsroom (“Вести”, официјален превод)
Продукција: HBO
Премиера во САД: 24 јуни 2012
Автор: Арон Соркин
Улоги: Џеф Дениелс, Емили Мортимер, Џон Галагер Џуниор, Алисон Пил, Томас Садоски, Дев Пател, Оливија Ман, Сем Вотерстон
Музика: Томас Њуман
Извршни продуценти: Арон Соркин, Скот Рудин, Алан Пол

Слични написи

4 коментари

Филозоф 07/07/2012 - 13:49

Имам утисак дека Арон Соркин е човече кое спие само, од стра у с’н да не прозбори нешто кое некој друг будан може да га запише и да га искористи како сценарио.

Уедно, мислу дека е скрибоман кој пише-брише-корегише и прави мега-зипраркомпрес на сценарија за да нема ни минут ќутање у његови серие/филмови.

Резултат: публика е зашеметена мислејќи дека изгледала којзнае што, а да ги поставиш дваестина прашања у вези видено нема да добиеш конкретан одговор ни на цели пет од њима.

Извињавам се за личан гнев овакој на блог ти, ама стварно такој мислу за серка, кој и како так’в е бољи од скоро сви моментални креатори на телевизиски садржине.
Значи, имам газија-би-га-од-ќутек/риспект-за-ефект поставеност спрема А.С.-а.

Reply
Александар Саздовски 07/07/2012 - 13:58

У право си, баш и затоа од увек за него имало лав/хејт рилејшншип – повеќе од критиката, ама и од фановите иако поголем дел од проектите (не само серии) му се прилично гледани.

Мене најбољи сценарист (креатор на ТВ проекти) задњиве години ми е Дејвид Сајмон, али Соркин го обичам ради идеализмот, кој што, знам, нема основа у реалноста, ама ме инспирира.

Reply
Филозоф 07/07/2012 - 14:05

Да, за брејнсторминг и пауер-трип, да, Соркин е прав састојак да се доведеш у леј-колко-сам-паметан-уау-човече-ама-све-знање-на-свет-га-имам-испиено-еј стање. Тој ме малце иритира, затој што и масовно пали, а е без реалну подлогу.

А креатор на “Д’ Вај’р” е ненадмашив – таква мрежа на ликови, дешавке, истрајност и (најбитно!) стварност е тешко да се склопи и да постои.

Reply
Александар Саздовски 07/07/2012 - 14:16

Абе мене у такво стање не ме доведуе, али добро ме забавља. Тоа е клучното кај Соркин, ентертејментот е најважен и во зависност како секој лично ја сфаќа забавата (и дали воопшто ја цени), така и се доживуваат неговите сценарија. The Social Network немаше да биде толку прецизна културолошка анализа на денешницава без неговиот текст, не само режијата на Финчер. Си има Соркин слабости, си го кажуем ја тоа и за The Newsroom, ама можда дека сум новинар по убедување и диплома, ќе си ја гледам со мерак.

Reply

Leave a Reply to Филозоф Откажи го одговорот