The Roots – Undun [Def Jam, 2011]

Со текот на годините манијачко-опсесивно слушање музика (нездраво звучи, знам) од речиси секаков вид, се претворив во изумител. Не таков што создава патенти и рине брда пари продавајќи им ги на корпорации, туку од оние кои пронаоѓаат разновидни филтри за лично оценување на бендовите и кантавторите. Нивната прецизност не може да се мери со вага од Зелено пазарче, а камо ли со колајдерот во ЦЕРН. Персоналната апаратура за процедување звуци е рудиментарна, постои само во умот, знае да згреши, но често супер ми се наоѓа при оценката на изведувачите според одреден критериум. Меѓу најкористените принципи на пречистување, чиј филтер редовно го менувам, е тој што ми укажува кои групи не го истребиле фанот во себе кога машината на музичката индустрија почнала да ги дроби. Низ него The Roots беспрекорно поминувале со секој свој албум, а мило ми беше дека тоа се случи и со последниот, Undun.

Тој впечаток најпрво, секако, не и пресудно, ми го потврди феноменалниот кавер на дискот. Неговата конотација е сосема поинаква, распаднатиот душек и околината му даваат и извесна димензија на политички коментар, но мене ме грабна моментот што е фатен со фотоапарат. Такви мигови на безгрижна радост, без разлика на пеколот кој што се отплеткува околу тебе, доживуваат само искрените обожаватели на музиката. Во милисекундата бестежинска состојба како на обвивката не е важно ама баш ништо во универзумот, а такво чувство се добива и кога слушаш песни напишани од автори кои се верни на невидливиот код на фановите. Кај Undun е клучно што оваа енергија на внимателност, посветеност и внесување зрачи од музиката, стиховите и од целината што The Roots ја снимиле на дискот. Без разлика што одамна е етаблиран, и покрај тоа што гази во врвот на меинстримот, бендот не креирал половично цеде.

Во споредба со албумите од раната фаза, со кои групата се наметна како едно од, ако не и најоригиналното име на модерната хип-хоп-сцена, The Roots на поновите плочи го менува микстејп-пристапот за унифицирана целина. Тоа е најочигледно на Undun, кој е првото концептуално издание на групата. Искрено, немав потврда дека е така пред да го читнам описот од ?uestlove, но вртејќи го безмалку на рипит изминативе десетина дена, печатот на целовитост сам од себе ми се жигоса во умот. Како и со секое цеде од ваков тип, нужно е барем мало прочепкување за да се комплетира сликата за сторијата. Таа на 11-тото студиско остварување на составот од Филаделфија зборува за Редфорд Стивенс, маалски копиљ чиј живот на аголот на сурова американска улица завршува прерано. Тапанарот ја споредува неговата судбина со таа на Ејвон Барксдејл, лик од The Wire, генијалната серија на Дејвид Сајмон.

За наведениот гангстер, ?uestlove вели оти е добар човек, кој што можел да се запише на колеџ и да стане инженер, но носи лоша одлука и потоа ја плаќа цената. И Стивенс е клинец кој не се раѓа како криминалец, ама станува со текот на времето. Приказната почнува по неговата смрт и се развива наназад, како во The Curious Case of Benjamin Button. Со внатрешните дијалози на главниот лик, The Roots го прикажува крстопатот меѓу слободната волја и пропишаната судбина, а сето тоа се отплеткува на ќошето од маалската улица. Ова на албумот му дава филозовски, но и сентиментален признак. Првото се чита во стихот, а второто во звукот. Во сите изданија на бендот е присутен соулот и меланхолијата, ама се чини дека последниов на нив се потпира речиси целосно. Групата создава хип-хоп, а бидејќи се бенд, тој пулсира со енергија дури и кога е даунтемпо, но на Undun безмалку сè е свртено навнатре, наместо нанадвор.

Кога пискавиот звук на Dun, кој потсетува на болнички монитор за срцев ритам, ќе го отвори албумот, се комплетира телепортацијата во светот на централниот карактер. Со концентрација на мајстори во кои што врие искуство, бендот потоа со кусата Sleep нè фрла уште подлабоко во мрачниот бунар во кој што западнал Стивенс. На Make My веќе е очигледна срцевината на сторијата, со стихови како: They told me that the ends won’t justify the means. They told me at the end don’t justify the dreams. Со развлечениот ритам и соул-рефрен, оваа песна го поставува чувствениот темплејт на дискот, пред госпел-рокерската One Time да ја уфрли судбината во течението – I never hope for the best. I wish a nigga would turn around and walk away. I wish a nigga could. На Kool On гитарите се во служба на ненабилданиот фанк-вајб, а текстот ги слика сенките во кои што живеат гангстерите: Cake by the layers, rich but never famous. Hustle anonymous still remain nameless.

Потоа следува The OtherSide, мојата омилена на дискот, која ја раскажува клучната поента на концептот – Never loved what I had. Аlways felt like I deserved more. But when I make it to the other side, that’s when we’ll settle up the score. Албумот продолжува во сличен тон до 11-ката, Redford (нумера на Суфјан Стивенс), по која следуваат уште три дела од инструменталната импровизаторска епска композиција со која што групата ја спушта завесата. Со тоа, составот како да сака да каже дека на крајот, што во овој случај е почетокот, сите сме еднакви, дека сме потполно исто, бело платно. Во каков стил тоа ќе се слика, во голем број од случаите зависи од неколку или само една погрешна (или исправна) одлука во животот. Оваа грандиозно глобална, но на основно ниво, разбирлива анализа, добива човечка боја со стиховите и со потресните соул-мелодии распрснати на целиот диск. На неговата последна зборовна точка, групата вели: The scales of justice ain’t equally weighed out. Only two ways out, digging tunnels or digging graves out. Со тоа The Roots како да нè потсетува дека, често, текот на животот се решава во една секунда – поради неа можеме да се прославиме или да пропаднеме (Undun).

Оцена: 95/100

Артист: The Roots
Албум: Undun
Датум на објава: 6 декември 2011
Продуцент: ?uestlove и другарите
Издавач: Def Jam

Листа на песни:

1. Dun – 1:16
2. Sleep – 2:15
3. Make My (feat. Big K.R.I.T. & Dice Raw) – 4:27
4. One Time (feat. Phonte & Dice Raw) – 3:55
5. Kool On (feat. Greg Porn & Truck North) – 3:48
6. The OtherSide (feat. Bilal & Greg Porn) – 4:03
7. Stomp (feat. Greg Porn & Just Blaze) – 2:23
8. Lighthouse (feat. Dice Raw) – 3:43
9. I Remember – 3:15
10. Tip the Scale (feat. Dice Raw) – 4:17
11.Redford(For Yia-Yia & Pappou) – 1:52
12. Possibility” (2nd Movement) – 0:55
13. Will to Power” (3rd Movement) – 1:03
14. Finality” (4th Movement) – 1:31

Слични написи

1 коментар

B.Boy 16/12/2011 - 18:08

Апсолутно се слагам и пијуцкам еден синг-молт со лиричниот тон на рецензијата. Како и сите други албуми на The Roots, така и овој, ми е згаден од слушање – ама тоа значи само едно: дека бил вреден толку да се слуша.

Reply

Остави коментар