ХАХАХА: Општеството е труло зашто хероите се вештачки, напумпани и нереални

Кога пред три години ги гледав на нивната последна свирка во преполниот Retox (и тој клуб постоеше, нели), FxPxOx веќе беа во длабока сенка на Bernays Propaganda. Немав и немам проблем со тоа, бендовите се појавуваат и исчезнуваат, сè додека приказната продолжува да тече во веродостојно, формата и не е толку важна, а сепак, знаев дека ќе ми недостасува треш-шизофренијата на оваа четворка што ровареше низ Скопје и низ Европа од 2001 до 2008 година. Тоа што Васко, Џано и Ненад, засилени со Кристина, избраа да го прават со BP е поприемчиво и разбирливо, допре до поширока публика. Агресивно е, но суптилно, наместо отворено, конфронтирачки, луто, како кај Forever Positively Obsessed.

Кога првпат ги слушнав “ХАХАХА”, ме израдува што добив шамар од гневот во таа директна форма, иако и кај овој бенд тој е компресиран и интелигентно завиен. Зрел е претерано употребуван термин, често не го кажува тоа што треба да го пренесе, ама соодветно ја опишува напредната точка во хардкор-еволуцијата на триото. Нивното деби, “Танго револуционер”, е разиграно, распеано и распламтено панк-сведоштво. Тоа зборува за актуелното чистилиште во кое што е фрлено Скопје (кое добива најголем простор на дискот), но и остатокот од Македонија. Пред да ја финиширам листата со топ-пет МК албуми во 2011 година, на која што “ХАХАХА” за влакно завршија на втората позиција, Васко прифати да одговори на моите прашања за речиси сè што е поврзано со бендот. Ова се изроди од таа наша позитивна преписка.

Отприлика две години по почетокот на Bernays Propaganda, со Џано и Ненад направивте уште еден бенд, ХАХАХА. Што беше тоа што чувствувавте дека мора да го изразите, што можеби беше потиснато, отсуствуваше во BP?
Васко: Потиснат е лош збор, тотално неприкладен при обидот да се објаснат чувствата кои ја возат музиката. ХАХАХА е спој на моќта на трите акорда и вештината на уличниот поетски израз. Овој бенд се роди како и сите бендови во кои што сум бил. Во гаража! Причините се секогаш исти, потребата да се каже својата страна на нештата на свој начин и да се помине убаво.

Покрај концизноста и сировоста, на вашиот прв албум, “Танго револуционер” ми се допадна и што е нагласено кириличен – од фонтот до текстовите за Скопје и за земјава. Зошто оваа локалност, секако, во позитивна смисла?
– Културниот диверзитет остана единствена опција за зачувување на здравиот разум и држење чекор со самиот себе. Светот во кој што живееме е многу брз и неразбирлив. Луѓето сакаат да слушаат за минатото и за другите, по можност на туѓи и неразбирливи јазици. Ние пееме на наш јазик за денес. На плочата има превод на англиски, така да сè е во ред и за оние кои не нè разбираат. Ние сме родени во Скопје и јазикот со кој прокомунициравме со светот е Македонскиот. Единствениот добар аспект од брзината на денешнината е тоа што локалните приказни многу лесно патуват наоколу и со тоа ја добиваат и глобалната димензија без да си го нарушат локалниот карактер.

Албумот го почнувате луто, можеби и конфронтирачки, со стиховите – “Инди значи конструктивност, одговорна фанатичност” – со нагласок дека и “Канал 103” и Скопје значат одговорност. Колку и како е сфатена оваа порака?
– Албумот го почнуваме со буквата А. (Инди значи независност, конструктивна фанатичност, Скопје – 103 значи одговорност, ова е вистинскиот стих, сепак малку си ги побркал зборовите во прашањето). Пораката е сфатена, и јас не сум првиот што ја упатил. Не постојат глупави луѓе, постојат мрзливи и несигурни луѓе. И постојат луѓе кои што се андерграунд затоа што не можат подобро, а не затоа што така сакаат. Оваа порака е за нив и верувај ми дека тоа си го знаат и без јас да им кажам како навистина стојат работите.

Кочо Рацин се појавува во втората песна од плочата, а за последната, “Син на гладот”, користиш негови стихови. Текстови пишуваш одамна. Колку Рацин ти влијаел и на кој начин сметаш дека тој е релевантен во денешно време?
– Кочо Рацин е она што комунистичката партија на Југославија не успеа да го создаде: бистар, искрен и непоткуплив работник со афинитети за политика, филозофија и култура. Тој беше токму она што Македонија не може да го поднесе: голем чесен човек кој дила со реалноста. Несомнено, тој е еден од моите најголеми учители, а фактот што Рацин е тотално релевантен денес е доказ за нашето тапкање во место и за неговата пророчка генијалност.

За младите велиш: “Младите не се млади повеќе. Нема веќе младост,  нема растење”. Генерациските битки од типот “порано беше боље” се безвезе, ама се согласувам со стиховиве, нешто драстично е сменето на полошо. Зошто?
– Секоја нова генерација треба да го открие светот од почеток. Не се согласувам дека постои подобро време од денешното затоа што реалноста е единственото нешто што го имаме. Младоста е двигател на сите позитивни теченија во општеството. Види ја возраста на сите наши истакнати револуционери, уметници, мислители од минатото и наброј ми денес пет такви. Значи, зборуваме за величини, а не за вејки на ветрот. Од друга страна, младите не се криви затоа што имаат лоши учители. Погледнете само какви лузери од 30 до 60 година има на Македонската сцена.

А во насловната трака, “Танго револуционер” пееш: “И наместо да се фалиш, со други брадести мозоци, треба да им се доближиш, но не со црно бели пророци. Време е за танго чекори”. Каде е паралелава со играњето и зошто баш танго?
– Тангото е блиска доброволна средба помеѓу двајца која буди насмевки на нивните лица и реакции во нивните тела. Колку од нашите дневни средби се доброволни и ни будат насмевка? Во контекст на мојата песна тангото е сосем случаен избор (можеше да биде и автомеханичарство, земјоделие, градежништво). Идејата позади оваа песна е дека треба почесто да се угледуваме на хероите кои не се експонирани (читај: диригирани, нарачани!!!). Тие се секаде околу нас и зрачат со своите позитивни примери за успешна човечка реализација. Општествово е труло затоа што хероите се вештачки, напумпани, нереални, трули. Кога хероите ќе бидат слични на нас, тогаш сè ќе биде во ред. Не дека хероите ќе станат слаби, баш напротив, ние ќе станеме силни.

Иако “скопското педерче и сељак од провиција” ораше потврдокорно, ставот на ХАХАХА малку ме потсетува на твоите денови со Т. К. С. К. Има ли шанса пак да издадеш таков, брутално директен, соло-материјал или таа фаза ја надрасна?
– Си ја слушнал ли тезата дека пејачот цел живот ја пее истата песна? Музиката е носилка на приказните. Тоа е мојата приказна, музиката секогаш била носилка на приказните кои што сум сакал да ги раскажам. Во тој контекст не правам разлика помеѓу моите бендови и не верувам во надраснување на самиот себеси. Вредиш колку што вредиш во моментот и тоа за мене е една прекрасна констатација.

Активен си и во издавачката и промоторска куќа “Направи заедно”. Името на овој лебјл асоцира на тоа што недостасува на сцената во земјава, но нештата баш и не се развиваат во таа насока. Што би требало да се случи за тоа да се промени?
– Мора да признаеш дека НАПРАВИ ЗАЕДНО е убаво име кое буди убави асоцијации. За да ти одговорам на ова прашање (за недостатоците на земјава) треба да се вратиш на мојот одговор за тангото (т.е. хероите).

Со Bernays Propaganda, а сега и со ХаХаХа се изнапатувавте. Како што можам да видам, годинава сте минале 40. 000 километри. Слично нешто правевте и пред тоа со FxPxOx. Како се променети нештата на сцените надвор од Македонија?
– Многу е битно сам да се возиш, затоа што така одиш со својата природна брзина. Работите вон Македонија не се многу променети од егзицтенцијалистички аспект затоа што таму сè уште има многу вистински бендови. Од друга страна, кај нас многу се симулира.

До мене дојде муабет, а и Фрешко на Twitter пред некое време најави дека оди на проба на бенд во кој што и ти членуваш – “Нова скопска секта”. Биди фин и откри кој е вклучен во проектов, како настана, што свирите, какви се плановите?
– Новата Скопска Секта е родена. Секта отсекогаш бил позитивен збор за мене затоа што ме асоцира на посветеност. Од друга страна ќе биде интересно да се свири заедно со Фрешко во бенд кој во своето име содржи две работи што луѓето во Македонија многу ги мрзат – секта и Скопје.

Фото: Татјана Ранташа

Слични написи

1 коментар

loopz 30/12/2011 - 13:47

А, така… после долго време да прочитам интересно интервју. :]

Reply

Leave a Reply to loopz Откажи го одговорот