Penezzi & Ribeiro и Wayne Shorter Quartet на SJF – Емотивци и интелектуалци

По повеќе од еден век постоење, џезот денес е неверојатно разгранет, но начинот на кој што тој се доживува не е претерано променет. Во суштина, овој жанр се перцепира или интелектуално или чувствено, а тука е и комбинацијата од двете. Поврзаноста меѓу тоа што авторите сакаат да постигнат со музиката и како таа е сфатена од слушателите, во џезот е веројатно најблиска. Нема тука којзнае колку трте-мрте, ако композиторот сака да биде церебрален, односно има желба да нагласи интелигенција, наместо емоции или инстинкт, тоа најчесто ќе го забележи и публиката. Или обратно, доколку потписникот или интерпретаторот на џез-делото цели кон страста, во мнозинството случаи така и ќе биде искусено. На синоќешното официјално отворање на јубилејното, 30-то издание на Skopje Jazz Festival, громогласно се судрија овие два пристапа – кон музиката, општо, а  помалку кон џезот.

Дуото што настапи прво, Alessandro Penezzi и Alexandre Ribeiro не свири џез, што уште повеќе го нагласи контрастот емотивност-интелектуалност. Пасијата на Бразилците за музика, танцување и возбуда е меѓупланетарно позната. Гитарско-кларинетската двојка беше отелотворение на ваквото хедонистичко сфаќање на звукот и целата култура што нему му се шлепува. Пенеци (ако ја утнам португалскава транскрипција, нема љутиш) почна соло, што ме натера да си речам: “Се надевам ова е само интро”. Следеше втора нумера, по која се најдов во небрано: “А можеби ќе си истера сам до крај”. По третата композиција се запрашав: “Зарем празното столче не е празно, а Рибеиро е невидлив?”. Трипувањево не ми беше џабе, ме оттргна од виртуозното, но предолгото самостојно докажување на Алесандро. Кога на бината се качи Алешандре, изведбата доби смисла, темите имаа лик, а чувствата беа обоени (не толку добро како кај Калиопи, нормално).

Пенеци и Рибеиро потоа се впуштија во исцрпувачки маратон во свирење шору. Ова е бразилски инструментален стил на популарна музика што датира од 19 век, а чиј име веројатно би се превело како крик или оплакување. Можеби така било на почетокот, но во настапот на двојката имаше минимално и од првото и од второто. Одлично уиграни, тие зрачеа со веселост. Објаснето во наши, локални, термини, звучеа како “Фолтин”, но доколку цел бенд да се нашмркал 100 процентен колумбиски кокаин и решил да свири што побрзо и што поенергично на секоја следна песна. Пенеци и Рибеиро тоа го правеа со два инструмента, ама толку инстинктивно беа сврзани, што на моменти делуваа како да се едно. Беа мајстори на својот занает, се виде и слушна дека гитарата и кларинетот ги познаваат надолго и нашироко, меѓутоа, им недостасуваше малку повеќе храброст за да бидат генијални.

Квартетот на Вејн Шортер, пак, имаше обратна, условно кажано, мака. Несомнено, групата покажа генијалност, но им фалеше желба да пуштат срце, барем за нијанса да бидат поемотивни. Не да бидат тезгари, не по секоја цена да виткаат кичма за посилен аплауз, не за да звучат приемчиво. Ништо од ова не треба да ми се црта за да можам да го “сфатам” синоќешниот концерт на Wayne Shorter Quartet. Слушам дет и блек-метал и грајндкор, а од тоа понеприемчиво нема, нели? Да се изразам со најголемото клише, музика слушам со срце, не со мозок, но најмногу се одушевувам на артисти кои прават умешен спој на емотивното со интелектуалното. Шортер, великан на тенор и сопрано-саксофонот, вчера, а и во последниве десетина години, се интересира само за второто. Поради тоа на моменти се борев со прашањето која е поентата на целиот невоздржано апстрактен амалгам од звуци со кои што ја бомбардираа Универзална сала.

Шортер се претстави со напишан џез. Придружуван од Данило Перез (пијано), Брајан Блејд (тапани) и Џон Патитучи (бас), 78-годишниот композитор во поголемиот дел од концертот се држеше до нотацијата, а во тоа го следеше и бендот. Импровизирањето и тоа како беше присутно. Преку него се потврди тоа што веќе го знаев, дека Шортер е еден од џиновите на саксофонот, веројатно единствениот што му се приближил на Џон Колтрејн. Триото што го следеше во Скопје, одамна е свесно со кого си има работа на бина, и затоа не можам да се сетам на момент кога беа под нивото на лидерот. Не ме стрелајте, но ќе кажам дека имаше секвенци во кои Патитучи и Блејд беа подобри од шефот. Со оглед на неговите години, тоа веројатно е и разбирливо, меѓутоа, немаше јаз, не се создаде кратер што екстремно ги раздвои. Често беа дисонантни, хаотични, но нема дилема дека беа цврст, компактен, состав.

Најголем, мој, личен, наравно, проблем во сето ова беше губењето во недефинирани правци што ме шекнуваа до степен на бесчувствителност. Wayne Shorter Quartet тука ја претера – кантарот премногу им натежна кон поттикнувањето размислување, наместо доживување кај присутните. А може поинаку, дефинитивно може. За тоа како репер и денес ми служи настапот на Џошуа Редман Трио (исто со Блејд на тапани) во 2008 година. Ни на крај памет не ми е да кажам дека помладиот саксофонист е подобар од легендарниот. Само сакам да нагласам дека може да се импровизира интелектуално и емотивно, но дозирањето од едното и од другото секогаш е клучно. Од концертот на Вејн Шортер не си заминав огорчен. Незадоволен бев што не ме истреска од земја со инстинктот, туку со умот. Ама си отидов со ќеиф дека во мојот роден и одамна очаен град, уживав во настапот на најголемиот жив автор на џезот.

[related_posts limit=”5″]

Слични написи

4 коментари

ирена 21/10/2011 - 18:27

"Не ме стрелајте, но ќе кажам дека имаше секвенци во кои Патитучи и Блејд беа подобри од шефот." – отполно се согласувам..

Reply
игор 25/10/2011 - 22:26

се согласувам горе доле
него,Шортер 78 год?
грешка да не си? 😉

Reply
Александар Саздовски 25/10/2011 - 23:18

Па не ќе да сум 😉
http://www.allmusic.com/artist/shorter-p7540

Reply
Игор 25/10/2011 - 23:51

во право си
мислев има околу 70
иначе има Паркинсонова болест
и доаѓа времето кога ќе мора да прекине со свирење
затоа и нема нов албум од 2005 веќе

Reply

Leave a Reply to Александар Саздовски Откажи го одговорот