Thrice – Major/Minor [Vagrant, 2011]

Немам ниту најмал проблем кога жестоки бендови решаваат да ја заменат дисторзијата и гневот со развлечени акорди и емотивно беседење. Не ми пречи ниту кога групи, чиј звук порано бил препознатлив по контрастот бесно-мелодично, наеднаш ќе одлучат да го потиснат првото за сметка на второто. Целосно ја разбирам фановската лутина, како и чувството дека се предадени. И самиот сум пцуел омилени состави кога без причина укакале формула што функционира само зашто преку глава им било од вриштење. Тоа што не можам да го поднесам се бендови кои се решаваат на вакви стилски рокади, но спектакуларно се бламираат кога на ред ќе дојде реализацијата. По феноменалниот The Artist in the Ambulance, каде што рамнотежата меѓу нервозно и нежно се приближи до перфекција, Thrice реши да стане (не буквално, нормално) Radiohead на пост-хардкор сцената. Сè до појавата на Major/Minor, оваа трансформација не ми беше убедлива.

Да бидеме начисто, сè уште сум убеден дека бандата на Дастин Кенсру е подобра кога свири и панк и метал со емо-мелодиите, но знаејќи дека тоа поглавје од кариерата го затворија и го зашвајцаа од поодамна, пискотниците од Галичник до Река се излишни. Во рамките на пристојноста може малку да си покукаме, колку што протоколот за овие ситуации дозволува, меѓутоа, доволни се само неколку преслушувања на Major/Minor за да заборавиме на поплаките. Ако ги прашам, најревносните фанови ќе ми одговорат дека и на Vheissu, The Alchemy Index и особено на Beggars, Thrice се генијални автори што речиси безгрешно се снаоѓаат на музичката територија што самите си ја одбраа – алтернативниот рок. Се согласувам дека на овие три плочи бендот беше натпросечен. Изданијата беа богати и текстуално и музички, а сепак, повеќе делуваа како обид за пронаоѓање, наместо потврда дека групата веќе ја лоцирала новата формула.

На Major/Minor, убедливо најприемчивиот од сите дискови што составот ги објави од 2005 наваму, Thrice е најоддалечен од динамичниот пост-хардкор пристап од старите денови, но звучи најзрело, најкомпактно, најиздржано како алт-бенд. Да, фино читате, тоа е “л”, а не “р”. Цедево не е арт, без разлика колку гласно трајс-бригадата сака да ме убеди во спротивното. Ова е алтернативен рокенрол, комерцијален, радио-френдли, каков што имаше во 90-тите, ама препакуван за втората деценија од 21 век. За некого оваа дефиниција ќе биде навредлива. Мене не ми е од проста причина – се работи само за графа, прилично широка, која составот си ја превиткува по свое видување. И знаете што, проклето добри се во тоа. Од 13-те песни е изделкан, стопен, секаков вишок. Тие се мали, збиени, светови на чувства и тонови ослободени од непотребно китење или билдерско сфаќање на компонирањето.

Најголемиот успех на овој албум е манипулацијата на клишињата. На многу начини, ова е типичен, американски, колеџ-рок. Адолесцентски во душа, со надежта како негов морален и емотивен центар. Сепак, во ниту еден миг не буди асоцијации на Switchfoot или не дај боже, на Nickelback. А неверојатно силните мелодии околу кои гравитираат нумерите имаат ист степен на лепливост како и тие на споменативе групи, чии стилови единствено можат да се дефинираат како панаѓури на патетиката. Токму ова мизерно извртување на алтернативниот рокенрол Thrice го брише со застрашувачка леснотија и пишува сосема нов код на неговиот изглед во 2011 година. Притоа, важно е, можеби и клучно, што од материјалот не испира претенциозност често присутна кога и авторите се свесни за пресвртниот квалитет на тоа што го создале. Тајфата на Кенсру знае дека со Major/Minor ја нашла златната жичка, но не се фаќа за мегафон за тоа да го каже.

Наместо пување преку различни форми на дефокусирачки маструбации, составот го вложува секој прст, гласна жица и скочен зглоб за да креира звучен концентрат што буди морници. На тоа се надоврзува романтиката што веќе е стандард за стиховите на Кенсру, кој знае како да пее за врски, осаменост и остали интровертни ситуации без да претера и да заглави во мочуриштето на испраните емо-групи. Признавам, текстовите на албумов ни од далеку не ме акаат од земја како музичко-мелодиско-продукциската страна. Знаејќи оти бендот во поетска смисла уште од своите почетоци не ми беше баш најпоетичен, ова ниту сега не им го земам за зло. Не се лоши, ама па во зборовите не ја гледам мајсторијата на Major/Minor туку во компонирањето. Во овој оддел, Thrice се надминаа себеси. Се издигнаа до нов врв што ќе им послужи како точка од која што ќе почне нивната следна потрага за сопствено редефинирање. Ќе мора да почекаме за да видиме дали таа ќе има исклучиво дурска, само молска или, пак, комбинирана насока.

Оцена: 89/100

Артист: Thrice
Албум: Major/Minor
Датум на објава: 6 септември 2011
Продуцент: Дејв Шифман
Издавач: Vagrant

Листа на песни:
1. Yellow Belly – 3:58
2. Promises – 4:09
3. Blinded – 4:24
4. Cataracts – 4:03
5. Call It in the Air – 4:37
6. Treading Paper – 4:41
7. Blur – 3:14
8. Words in the Water – 6:26
9. Listen Through Me – 4:37
10. Anthology – 4:24
11. Disarmed – 4:49

0 коментар

Слични написи

Остави коментар