Junior Boys – It’s All True [Domino, 2011]

Од електронската музика, таа базирана на песни, со вовед, квазирефрени и сè што влегува во овој начин на музички израз, се откажав откако The Chemical Brothers се загубија себеси барајќи нов звук, на Orbital им се одмили да прават авторски изданија, а Propellerheads снимија еден лудачки одличен албум и се пеплосаа. Ќе си речете, какви песни гледа овој бре кај бендови што немаат ни “в” од вокалист во поставата, ама верувам јасно е што сакам да кажам. Тоа се електронски групи чија музика не е само бесконечно денс-разлупавање, туку може да се разбере што сакал да каже писателот. Гледано од овој агол, Junior Boys имаат само лабава, во поширока смисла, врска со споменативе имиња, но поради канадското дуо во 2006 година пак се заинтересирав за електронската музика во која авторството е подеднакво важно со продукцијата.

На стариот колосек ме врати тогашната плоча на бендот, So This is Goodbye, a откако во 2009 година не ме мрднаа баш од место со Begone Dull Care, од пред некој ден ми го вратија одушевувањето со четвртото цеде во кариерата, It’s All True. Ако веќе мора да се дефинира, веројатно најпрецизни термини се електро или синт-поп, или, можеби, просто, современ поп. Меѓутоа, гледајќи каков поп има право на живот на радиостаниците или се шири као вирус од YouTube не зашто е добар, туку бидејќи сите кликаат на клипови од сеир, има потреба да се лоцира разликата меѓу Junior Boys и најголем дел од таа сцена. Отскокнувањето, Џереми Гринспен и Мет Дајдемус го прават со врвната продукција, на која што потоа релаксирано ги реализираат своите композиторски идеи. А тие на новото цеде, во споредба со претходното, звучат освежувачки.

Албумот не е толку компактен, флуиден, стегнат како So This is Goodbye, но не е ниту делумно дефокусиран како Begone Dull Care. Дефинитивно е повесел од овие два, што го прави уште поинтригантен за слушање. И покрај тоа, двојката од Канада, дури и кога го отвора цедето ритмички нагласено, со Itchy Fingers, се радува како навистина да верува во среќни краеви на A Truly Happy Ending или ги кине прангите на епската, деветминутна, Banana Ripple, е меланхоличен како што само тие знаат. Не станува збор тука за онаа заразна потиштеност на имиња како Bon Iver, на пример, но несомнено, кај дуото од Хамилтон се чувствува таа кантавторска димензија. Повеќе во емотивната обоеност што во композициите ја внесува Гринспен со својот кршлив и нежен вокал. Некогаш тоа и премногу се приближува до границата на лигавоста, но ретко, ретко, ја преминува.

Сепак, да не се лажеме, двајцата канадски студиски магови, кои, исто така, се на концертните бини низ светот солиден дел од годината, се денс-бенд. Додуша, не развалувачки, не некој чии песни се наменски создадени да будат еуфорија, но во секој случај, тие се потписници на музика за танцување. Тој танц, најчесто и најубаво, се игра во интимна атмосфера. Не клупска, домашна. Да, ова е состав што веројатно прави супер забави, со избор на песни прилагодени на подиумот, ама нивна најприродна средина за комуникација со обожавателите се четирите ѕидови или пар пристојни слушалки. Ова е поп-електроника чија цел не е да те наелектризира нанадвор, туку навнатре, но не до точка на вриштење, повеќе до степен на релаксирано тиштење. Сè од ова е вистина, Junior Boys го постигнаа повторно на It’s All True.

Оцена: 85/100

Артист: Junior Boys
Албум: It’s All True
Датум на објава: 13 јуни 2011
Продуценти: Џереми Гринспен и Мет Дајдемус
Издавач: Domino

Листа на песни:
1. Itchy Fingers – 4:38
2. Playtime – 6:48
3. You’ll Improve Me – 5:54
4. A Truly Happy Ending – 4:02
5. The Reservoir – 4:09
6. Second Chance – 5:35
7. Kick the Can – 5:31
8. ep – 5:41
9. Banana Ripple – 9:14

Слични написи

Остави коментар