Yuck – Yuck [Fat Possum, 2011]


Бендови може да се ругаат по разни основи – издржани или измислени – но една од најлесно достапните, по која повеќето лежерно посегнуваат, е релевантноста. Ако извесна група создава музика од време што одамна одминало, од ера со која што членовите немаат ниедна допирна точка, со други зборови, доколку тие со цел памет креирале звук што не влегува во категоријата “современо”, плукачите најпрво се фаќаат токму за тоа оружје. Албумот, сам за себе, воопшто не важен. Песните, сами по себе, немаат никаква вредност. Штом не им пасува модерниот калап, сигурно се празни и се вадат на носталгија. Состави на кои не им пречи да трупаат брда пари клонирајќи ги “поубавите времиња” има дури и премногу. Еден од нив, стопроценти, не е Yuck.

Звукот на оваа британска четворка силно потсестува на 90-тите години, кога со дисторзија и со мелодија се освојуваа радиобрановите. Фактот што членовите на квартетот од Лондон се клинци од по 20-ина години, поттикна не така мал број агресивни дискредитации во стилот “децава не знаат да направат нешто асално и денешно, па решиле бесрамно да се однесуваат вчерашно”. Не дека не будат спомени за Сиетл, не оти Dinosaur Jr. не им се очигледна инспирација, ама Yuck не се обидува вулгарно, простачки, вештачки, да ја оживее гранџ-ерата зашто се свесни дека тоа ќе им донесе публика и пари. Денес е дозволено да се копираат и оживуваат 80-тите, да се продава нивниот синт и електростил како напреден, но ако некој ги чепне другите музички ери, веднаш е ретрограден.

Yuck не влегуваат во ниту една сегашна, современа, категорија. Нивната музика има недозволени нивоа на дисторзија, а нивните вокали се премногу разбирливи и лепливи за уши за да се сметаат за актуелни. Нормално, ако не се отпеани од Лејди Гага или од било кој друг поп-изведувач што не крие оти краде од одамна завршена ера, ама денес, види богати, повторно е кул и прогресивна. Спротивно од ова лицемерие, младите англиски рокери, гордо, со своите рифови, пристап и продукција, кажуваат дека корените на нивниот стил не се во 2010 година, туку две децении претходно. Тоа што немаат никаков проблем со овој факт, изгледа им помогнало да бидат исклучително релаксирани при создавањето на својата музика. Затоа таа ниту најмалку не делува изнасилено и шупливо.

Сите 12 композиции на дебито на бендот основан во 2008 година се полнокрвни парчиња алтернативен рок што е свесен дека убавата мелодија може да се скрие и кога колективната бучава го достигнува врвот и кога гитарските соло-испади се во центарот на вниманието. Оваа нитка најмногу го приближува составот до Dinosaur Jr. и препознатливата нечиста мелодичност на Џеј Маскис и Лу Барлоу. На современата, инди-рок, сцена, таква отворена слушливост ретко се среќава, најмногу зашто потсетува на 90-тите, кога гитарите не беа интелектуализирани до смрт – и кога треба и кога не треба. Без потреба да одушеват некого, младите англиски рокери решиле да отсвират што им лежи на душа – само тоа и ништо повеќе. Нивната формула можеби е застарена, но бендот звучи посвежо од низа други млади состави кои, за да бидат модерни, избираат да бидат “зрели”, но со тоа и – досадни. Е, тоа, е бљак, а не деби-албумот на Yuck.

Оцена: 87/100

Артист: Yuck
Албум: Yuck
Датум на објава: 21 февруари 2011
Продуценти: Yuck
Издавач: Fat Possum

Листа на песни:

1. Get Away – 3:36
2. The Wall – 3:57
3. Shook Down – 3:27
4. Holing Out – 4:11
5. Suicide Policeman – 3:15
6. Georgia – 3:36
7. Suck – 4:19
8. Stutter – 3:42
9. Operation – 3:47
10. Sunday – 4:23
11. Rose Giver A Lilly – 4:06
12. Rubber – 7:14

1 коментар

Слични написи

1 коментар

Аце 14/03/2011 - 11:57

многу ти е кул страницава! само продолжи така!

Reply

Leave a Reply to Аце Откажи го одговорот