Џеј Џеј ги надр(о)ка рокерите


Баш сме г’зот на светот. Сè правиме наопаку. По објавата дека рокенролот на топ-листите во 2010 година бил најмалку присутен во споредба со последниве пет децении, со само три песни меѓу 100-те најпродавани, во Македонија беше најавен уште еден гитарски фестивал и “Архангел” потврди дека ќе има камбек-концерт во Метрополис Арена. Божем не ни беа доволни Turbo Rock и Scream Music, па добивме и Urban Rock Festival. И ај што од нивната урбаност да ти дојде турбо да се изнавриштиш, ама еден од тие е организиран од промотори што редовно прават “све на куп” журки, а друг од две класични домашни поп-естрадни продукции (Plan B и Јованов Рекордс), кои, патем, стојат и зад новото, по којзнае којпат, враќање на култниот скопски состав. Третиот фестивал, оној со турбо-предзнак, се случува под капата на единствената продукција што има бекраунд во подготовка на рок-концерти.

Најавата на трите фестивали од чија програма солзи навираат за поранешната ни мила Југославија, не ја потресе претерано, но рок-заедницата почна да мава со дрва и камења штом дозна дека на болно идеализираниот “Архангел” слаба точка му е Џеј Џеј. Јасен ми е револтот, ја разбирам одбивноста на целата оваа “бизнис-соработка”. Ама знаете што, пред да почнеме да фрламе проектили со гнев поради неприродниот брак на еден треш-поп-продуцент и исклучително квалитетен состав, треба, ние рокерите, што целиот живот – вака или онака – сме дел од оваа сцена, искрено да си се погледнеме себеси и да си речеме: “Самите сме си криви”. Не за одлуката на ценетата група да ги см’кне гаќите пред добар хонорар. Секој си одлучува кому ќе се соблекува за пак да дојде до провинциска слава, но и сите за себе си сносат одговорност дали таа постапка е истрел што ќе пресуди на нивната оставнина. Криви сме си што и покрај тешката состојба, без разлика на препреките и маките, рокерите, луѓето воопшто, што бараме нешто повеќе од културата и музиката што ја почитуваме, досега не покажавме заби и разгорена желба за борба со опинокизмот што владее во земјава.

И покрај релевантните муабети дека само избрани луѓе добиваат државни пари за да креираат култура, и покрај поддршката што истите ја добиваат од многу компании во вид на спонзорство, и покрај ниските страсти на мнозинството, виновни сме што во изминативе 20 години сами не изградивме нешто подобро. Не ми е гајле кој организира концерти. Доколку Џеј Џеј го донесе Radiohead во Скопје, колку од вас нема да одат на свирката само поради организаторот. Јас ќе одам, со чиста совест, зашто го сакам бендот, а не промоторот. Ни Англичаните не ги интересира кој стои зад Reading, T in the Park или на двата распродадени настапа на Foo Fighters на стадионот Вембли. Ама знаете за што повеќето од нив, исто така, не се заинтересирани – под дрва и под камења да бараат билет за концерт или фестивал. А кај нас ако не најдеш, нема да отидеш, не е тоа голем пропуст.

Нема никаков сомнеж дека огромното мнозинство во земјава нема пари за скапи влезници, без разлика што тие се реални во однос на цените на рок и на другите изведувачи што кукаме дека не доаѓаат во Скопје. Ама не може некој со сиот ум и разум да ме убеди дека во главниот град и во цела Македонија нема група од една, две, еве и три илјади луѓе што месечно би одвојувале по 50-ина евра за да гледаат по три-четири свирки на повеќе или помалку познати рок-групи. Да му се невиди, во последниве две децении толку многу луѓе завршија факултет, се вработија во компании што се движат од маркетинг-агенции, преку банки, до големи корпорации, а сепак, 90 проценти од тие фаци испаруваат кога треба да се плати влезница.

А ги нема ни на солидниот број свирки што секој месец ги прават одлични домашни авторски состави за кои билет чини навредливи 150 или не дај боже да се јави некој храбар, 200 денари. Ниту, пак, тие ликови би се з’гнале да отидат до ГТЦ и да купат по едно цеде што македонските бендови, во најголема мера, ги издаваат сами или со минимална помош. Можете слободно да ме прогласите за луд, но секој што на некој начин бил дел од организација на некаков концерт, фестивал или учествувал во издавање на албум, ќе ви каже дека математикава е крајно разумна. Видете што се случува во соседството – кај нив билет за еден бенд е околу 20 евра, кај нас истиот настапува за 200 или 300 денари и пак одвај 100 души ќе се нацртаат пред бина. Американците убаво викаат – put your money where your mouth is.

Желбата да одвојуваме пари за убави, мали или големи, концерти на домашни и странски бендови, е само еден, практичен, аспект на вината што сите ја носиме за недоволниот број рокенрол или слични настани кои не се дел од меинстримот и што не зависат од никаков центар на моќ. Доколку купуваме влезници за една свирка, вложуваме во следната. Има луѓе што се подготвени да го прават тоа, а некои од нив поместуваат ридови и планини за да го постигнат, има и такви што се задолжуваат и парите ги враќаат од свој џеб. Сите тие, на крај, се предадени од голем дел од публиката, која или не сака да купи влезница или повеќе сака да мрчи, а не да дојде на лице место и да го поддржи тоа што се жали дека не се случува во нејзиниот град или земја.

Не е важно колку малку веруваме дека сме на број (а не сме до толку), криви сме што сме силни на збор, а мекуши на дело. И онака повеќето од нас нема да се појават на урбаните, турбо и скрим рок-фестивали, без разлика дали зад нив стојат релевантни или треш-продукции. Ама сè додека со сопствен џеб и душа целосно не застанеме зад настани, музичари и луѓе што макотрпно и искрено создаваат рок, немаме право да се жалиме дека Џеј Џеј нè надр(о)кал.

Слични написи

2 коментари

Ivica 14/01/2011 - 00:51

Амин.

Reply
Oliver 25/01/2011 - 00:49

Капа доле за текстов

Reply

Leave a Reply to Oliver Откажи го одговорот