Fighting Windmills: Црното и белото денес како воопшто да не постојат


Фото: Татјана Ранташа

Скопската петорка Fighting Windmills в петок (28.01.2011) некаде по полноќ во клубот “Капан Ан” во Стара Чаршија ќе го промовира вториот студиски албум “Најсмешниот виц на светот” што неодамна излезе за PMG Recordings. Бендот поддршка ќе добие од Beda Express, кои ќе свират први, и од Мирко Попов, кој ќе има диџеј-сет по изведбата на квинтетот. По тој повод, со гитаристот Бука, кој во групата свири заедно со Ена (вокал и виолина), Бумбар (бас), Николче (труба) и Принцезата Лео (тапани), продискутиравме за новото цеде, за Fighting Windmills, но и за опкружувањето во кое тие живеат и работат.

Синдромот на втор албум е прилично позната работа, голем број бендови на следбеникот не успеваат да го постигнат тоа што им пошло од рака на дебито, но Fighting Windmills драстично се подобрија во однос на првото цеде. Кои беа работите што знаевте дека ќе мора да ги промените пред да почнете со работа на вашиот втор албум?
– Па види, “првиот” беше катастрофа. Ова ни e нас, у суштина, прв албум. Мене толку ми е срам од “првиот” шо мислам дека уствари за “вториов” почињаме од нула. Немало работи што требало да почнат да се работат, едноставно сме почнале да работиме како за промена. А да, и постари сме. Пубертетот си го стори своето.

Зрелоста на авторски, компонирачки, план е меѓу најпозитивните исчекори што ги правите на албумов. Песните се постегнати, потечни, сами за себе, но и во однос една на друга. Што влијаеше на ова – повеќе проби, повеќе слушање музика или нешто сосема трето?
– Некој се накани да пишува за нас у весник, па нашите од дома си ги прочитаа децата у весник. Наеднаш, сватија дека ги сакаат! Им купија нови гитари и плочи од “Бјиело дугме”, и почнаа да ги спремаат за рок ѕвезди. Го најмија Канго и Бени да им држат часови, за беспрекорна сценска појава и “како дефлорирати малолетничке у најкус можним роком”. Рестото е историја. Озбилната верзија е, слушафме многу многу и многу музика, свиревме двојно повеќе. Како владата, 24/7 го дискутиравме и разглабавме албумот. Апла досадно и непријатно беше у наше присуство. Исто така, тоа што сменивме три бубњара за овој албум болеше, ама и ни го остави материјалот да ни старее како вино.

Јасно е дека звучите позрело, но убаво е тоа што симпатичната наивност во звукот, што повеќето групи ја губат откако ќе “пораснат”, а со тоа и ќе станат досадни, сте ја зачувале. Колку ви е важно да не ја загубите таа идеализирана, фановска, визија за музиката?
– “Тоа” ќе си остане таму сè додека не земеш да се сфаќаш премногу озбилно себеси. Многу луѓе ми имаат спомнато/префрлено за зборовите што ги употребуваме, ко например “втемелен” што го има на втората песна од новиов албум. Онака, извини молимте ама на кој јазик јас размислувам?! Што има чудно со тој збор?! Дали попрво би сакале да ме чујат да пеам за нешто што лично мене ме засега употребувајки зборови како што употребуваат “македонските бендови што пеат на англиски и сакаат да звучат како ‘Никелбек’ и ‘Бон Џови'” али звучат мошне полошо, нешто што никој не мислеше дека е возможно?! Муабетот е, сè додека си кадарен да го обмислуваш, свириш и пееш сето тоа што е релевантно во твојата реалност, а не да создаваш нешто што ќе го пополни чмарот на нечија друга реалност, звукот ќе биде таков, симпатично наивен со идеализирана, фановска визија за музиката.

Уште поистакната работа е слушливоста на материјалот, онаа извесна поп-прифатилвост што беше дел и од првиот албум. На пример, “Теле-Визионер”, музички, беспрекорно би се вклопила во некоја топ-листа. Меѓутоа, иронијата на стих како “ја сум теле, имам визии”, може да биде пречка. Што кажува тоа за светот во којшто живееме – што не сака да се смее на сопствена сметка?
– Тоа кажува дека светот е генерално составен од телиња кои знаат само да муууу и да газат у сопствените фекалии додека не завршат на нечија трпеза, или да спречуваат нечии пантолони од паѓање и од голем срам, како каиш. Во меѓувреме сакаат да молат, како во песната, да молат некој да ги научи да убиваат, оти сепак им е мака, а сами неможат да научат. А од друга страна и љути ќе бидат ако им ја посочиш иронијата на целата ситуација, како што велиш ти. Хуморот е најсилното оружје што го има човекот во својот арсенал на оружја. Да знаеш да си го навртиш на себе, тоа е најпрекрасното нешто што може да го практикува човек и чувството е прилично прекрасно. Телешки е да не го искористиш тоа, или пострашно, да незнаеш. Таков е и светов, телешки.


Фото: Татјана Ранташа

Албумот е концептуален, 12-те песни формираат една целина. Долга листа поискусни и постари музичари од вас решиле да се испробаат со овој пристап кон создавање плоча и за многу од нив, резултатот бил неповолен. Имавте ли, да речеме, некоја позитивна трема поради фактот што си играте со нешто што, на крајот, има подеднакви шанси да биде генијално или очајно?
– Сето тоа е игра, како што и стои во прашањето. На крајот од денот, никој од нас не го интересира дали тоа ќе испадне генијално или очајно. Дури мислам дека и не сме го создавале свесно концептот. Ние сме седеле у гаража, незнаејки дали си играме или мртво озбилно осмислуваме, и ни било забавно у секој случај. Тоа ти е као кога луѓе ми се чудат како сум можел да се жустрам толку многу на хокеј, па како тоа ни пакот не се гледал?! Никогаш ти не го следиш пакот, следиш сè друго, али пакот не. Тој само треба да ти се појави и да ти се поклопи со твојот поглед како потврда дека ти не си отишол на погрешно место.

Многу од текстовите, индиректно, повеќе низ симболи, алудираат на сè што се случува на општествено-политички план во последниве неколку години во Македонија. Ако повеќето со искуство на тоа поле тврдат дека музиката или генерално, уметноста, не можат ништо да променат, тогаш која е поентата на целата таа “борба со ветерници”?
– Жити сè, кое е тоа искуство кое вели дека музиката и генерално уметноста неможат ништо да променат?! Да почнеме со тоа што ние со нашата музика сме заебале многу луѓе да го стаат цедето у плеер и да стиснат плеј. Тоа е промена! Сме собрале многу луѓе на разни места и сме им трубеле и дрнкале по саат време, и си иделе повеќе рамнодушни од претходно по дома. Тоа е промена! Борбата со ветерниците е моментот што треба малце да се “намачиш” за да го видиш сето тоа.

Едвард Р. Мороу еднаш има кажано дека “ако си дисидент, не значи и оти си нелојален”. Ако ми е точна информацијата, за албумов сте добиле средства од Министерство за култура. Доколку е така, што мислиш, како тие ќе реагираат на вашето – меѓу редови – критичко мислење за ситуацијата во земјава?
– Да, точна ти е информацијата. Мислам дека на “ТИЕ” и вака и онака не им е гајле за нашето критичко мислење. “ТИЕ” никогаш нема ни да го слушнат албумот. На “ТИЕ” им беше само гајле да не се прозиваат јунаци кои ќе ги критикуваат по телевизии и весници дека парите за музичка дејност му ги даваат само на “ОНОЈ” шо ги организира “Архангел” и “Плави оркестар”. Во меѓувреме ние буквално решивме да си поиграме малце и да пополниме формулар за да комисијата ја разгледа можноста и нас да ни одобри пари. Така “ТИЕ” начекаа добар момент со нас да имаат изговор дека у морето од проекти на “ОНОЈ” нè има и нас, а ние само удривме проста математика која испаѓаше нешто како “можеме да земеме и да снимиме албум и можеме да не земеме и да не снимиме албум”. На крајот од денот, тоа и се наши пари, и функцијата на таа институција е токму таа да ја подржува и финансира културата. Не требаше да “попушиме” ништо, туку само ги добивме назад парите од сусамот, и со нив снимивме албум. Настрана сето тоа, во слободно време сакаме да мислиме дека сме дисиденти и нелојални, да славиме предавници. Позабавно е од Кога Лисјата Паѓаат.

Млади сте и прилично сте храбри во искажувањето на своето мислење, како што и би се очекувало од секоја понова генерација. Меѓутоа, во многу земји од светот, ситуацијата е обратна, исто и во Македонија. Што е причината, кај нас конкретно, за тоа?
– Бумбар е многу нафуран на сè што е поврзано со њу-вејвот шо се десил во Југославија кон крајот на 70-ти и 80-ти, и стално коа ќе го видиш него или ќе преслушаш некој албум од тоа време или ќе изгледаш некој документарец поврзан со тоа. И коа ги слушаш сите тие ствари од тоа време сфаќаш дека колку и да бил репресивен системот тогаш, денешниве бендови можат вода да им носат во поглед на храброст, ангажирани текстови и бројот на влакна на јазикот. Мислам дека тоа е така бидејки тогаш работите биле малце повеќе издифиренцирани, во смисол на црно и бело. Едноставно, можеш да бидеш таму или ваму, можеш да бидеш донекаде здраво-разумен или можеш да бидеш дух. Сивата маса што се наоѓа измеѓу, ја имало многу малце. Таму во сивата маса не се здраво-разумните или духовите, таму се сите тие кои што имаат потреба од стручна помош. Проблемот со “денеската” и оваа генерација е што црното и бело како воопшто и да не постојат. Сивата маса толку се проширила што црното и белото се само по рабовите. Можеш да дубиш на прсти, ко балерина, во остатоците од црното и белото, но само прашање на време е кога ќе паднеш у просторот каде што исчезнува осетот во прстите. Каде што не им веруваш на другите луѓе. Каде што не те интересира дали некој истепале на плоштад зошто мислел дека не треба таму да има црква. Каде што не ти прави некоја разлика дали ќе одиш на тезга или на свирка на “Фонија”.  Е сеа, зошто сивата маса се проширила? Тоа е стварно многу долг муабет.

Корисни линкови:

Fighting Windmills
Beda Express
Мирко Попов
PMG Recordings
Facebook Event

Слични написи

1 коментар

Ангеле 26/01/2011 - 14:51

Каде што не ти прави некоја разлика дали ќе одиш на тезга или на свирка на “Фонија”

Искрено, ова и не прави некоја разлика. Позери се и едните и другите.

Reply

Leave a Reply to Ангеле Откажи го одговорот