21/09/2018

Smut – Тие се насекаде [Password, 2018]

Постирано на 09/05/2018 од во Албуми, Музика

Што е најтешко во Македонија? Вака поставено, ова прашање е премногу општо за на него да се даде соодветен одговор. Тоа може да биде подеднакво буквално и реторичко. Да се однесува на предмети што се мерат во килограми или тони или, пак, на случувања чие бреме не е возможно да се дефинира. А сепак, кога ќе се нацрта пред нас, уверен сум дека оваа дилема повеќето ги носи во единствен правец: животот.

Или уште попрецизно: преживувањето е тоа што веројатно прво се појавува на ум кога тежината и земјава ќе се спојат во тема што бара размислување. Значи, под ова се подразбира сѐ од обезбедување основни услови како храна, вода и покрив над глава, за кои, секако, треба пари, до какви било краткорочни или долгосежни планови за себе и за најблиските, за што, исто така, се нужни финансиски средства. Самото пишување на овие опипливи проблеми е товар, а тоа што со нив секојдневно се соочуваат илјадници луѓе е премолчена катастрофа.

Ако ова не е доволно мачно, во одговорот би додал уште една работа што македонското виреење го прави драматично потешко: принципите. Поточно, битката која секој внатре во себе ја води да ги одржи на високо ниво. Да не заборавиме, личностите што се обидуваат ова да го постигнат, во исто време, физички се гмечени од надворешното опкружување при борбата за преживување и психички се малтретирани, додека околината со насмевка ја понижува и самата помисла за каква било принципиелност.

Едноставно, за толпата не се измислени критериуми што не можат пониско да се спуштат. Изговори има секогаш, да се постапи правилно и пред сѐ, човечки, прифатливо е – никогаш. Токму вакво чувство имам при секое вртење на новиот албум на Smut, „Тие се насекаде“. Најпрво од самиот наслов, во којшто не се издвојува никој, но паметот веднаш се насочува кон непријателите на сѐ што може да се нарече доблест и вредност. Не материјална, туку како лична особина.

Впивајќи го мракот од овие 10 песни и слушајќи ги зборовите што тие ги содржат, јасно е видувањето на скопската петорка: воздигнувањето на потпросечноста е сеприсутно и сите поради тоа се екстремно среќни. Ова е поткрепено уште на стартот, со стихови за луѓе без кичма и без став, што преоѓа во нихилистички (или сурово реален) заклучок дека никој не верува во никого, поради што „Последниот куршум“ најдобро е да се чува за себе. На тоа бендот не се надоврзува со посочување на виновниците, туку прави попаметен чекор – го поставува прашањето „Што ако ѓаволот си ти“, односно што ако секој од нас е уверен оти прави добри дела, како што биле убедени и најголемите негативци во историјата.

Групата до финишот држи сличен тон: укажува да не се чепка во минатото, посочува на сонот што доаѓа тука за да умре, истакнува оти во нашиот град убија дете, потсетува на генерацијата која немаше ништо, ја бара крвта со револуцијата, оди на сѐ или ништо, нагласува дека тие што газат луѓе следни ќе бидат згазени, навестува оти доаѓа крајот. Темите, настаните и паралелите што квинтетот ги обработува во текстовите имаат доза на неповратна резигнираност, на одвратност кон сѐ што се случува – најмногу локално, ама и глобално, но очајот е отсутен. Индивидуата е во фокус и пораката до неа гласи: гнасно е, но твоите ставови и соништа се само твои. А тоа, иако е тешко, не е слабост, туку силна карактеристика во денешното дигитално време.

Музички, ова е поткрепено со металкор што ровари низ цревата со ниските тонови, што разорува со тенковски тешките рифови и што го зацрнува слушателот со апокалиптичната атмосфера. Има тука доста гетеборшки мелодии („Три куршума“ и „Сѐ или ништо“), модернизиран треш (насловното парче), генг-вокализирање од Њујорк („Во мојот град“) и скандинавски лид-секвенци („Дали се сеќаваш на нас?“ и „Додека сонував“), а дури и пијано-класика. Со овие звучни нијанси Smut ја заокружува комплексната слика на земја (и на свет) во кои што нечовечноста не е исклучок, туку амбис во којшто луѓето секојдневно свесно се фрлаат. Најчесто, за ситни пари или за по некој лајк. Несомнено, тие се насекаде, а на секој од нас останува дали ќе дозволиме со нив да нѐ повлечат.

Артист: Smut
Албум: Тие се насекаде
Датум на објава: 9 мај 2018
Снимател: Горан Ристевски
Етикета: Password

Листа на песни:
1. Последниот куршум – 3:10
2. Што ако ѓаволот си ти? – 2:41
3. Три куршума – 3:18
4. Тие се насекаде – 3:18
5. Во мојот град – 3:16
6. Дали се сеќаваш на нас? – 3:10
7. Револуција во крв – 2:26
8. Сѐ или ништо – 2:39
9. Додека сонував – 3:49
10. Дојде време за крај – 2:31

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>