Russian Circles – Guidance [SH, 2016]

Начинот на којшто Мајк Саливан, Дејв Тарнкранц и Брајан Кук музички се изразуваат и се надополнуваат, помага нивниот бенд комотно да се вброи меѓу најдобрите формации што на хеви-сцената се појавија во новиот милениум. Коренот или можеби поточно – моторот – им е од метална природа, но тие се сосема спротивни од типичен жанровски примерок. Со тежината и со мрснотијата, често се најблиски другари. Мракот не го избегнуваат бидејќи е застрашувачки туку газат во неговите длабочини баш затоа што е морничав. По гневот не посегнуваат во секоја прилика, ама детално му го знаат капацитетот и од него ја жнеат само најпрочистената енергија. Атмосферата, амбиенталноста, мелодиите и топлината, ја градат контратежата, заедно со потребата за сликање недвосмислена убавина. Групата не се потпира на зборови за да ја разберете, меѓутоа, секогаш комуницира.

Шестиот албум на триото го има сето ова, а сепак, тој е посебен од сосема друга причина. Таа може да се дефинира како: боза. Никој не ми објасни зошто, но уште како клинец ја прифатив мудроста дека кога сакаш да кажеш оти нешто е лесно, веднаш го споредуваш со пијалокот од квасец и пченкарно брашно. Така и Russian Circles. Напишале, отсвиреле и снимиле седум песни за Guidance, а притоа, успеале да изградат впечаток дека сето тоа се пие како кригла во „Апче“. Ова не значи дека составот топи мозок со комплексност што се споредува само со астрофизика, а тоа го прикажува како проста математика. Вештината и сложеноста се дефинитивно интегрални во нивниот израз, меѓутоа, бендот од Чикаго повеќе е фокусиран на природност наместо да е опседнат со научност. Индивидуалната техника, што бездруго ја поседуваат, членовите ја потчинуваат на формирањето целина значително пограндиозна од баналниот збир на нејзините елементи.

Во сета таа величина, Russian Circles не забораваат да бидат и наивни и романтични. Со Asa, плочата ја отвораат воздржано, питомо, како од бајка на Ханс Кристијан Андерсен. Будат сцени од бескрајни зелени предели, но како што во тие приказни речиси секогаш се случува, рамниците завршуваат во густи шуми полни со чудовишта. Тапаните на Vorel ги повикуваат, а во гитарскиот риф оживуваат. Борбата меѓу перкусиите и жиците (тие на басот доаѓаат од бунарите на потсвеста) кулминираат во ѕверски танц со нишање. Кога ќе се смират, целата таа лавина делува само како вовед во Mota. Иако изведена само со три инструменти, таа на моменти звучи како оркестарски еп. Дисторзијата повторно треска како чекан и набргу преминува во игра на разнобојни мелодии. Ехото на блек-металот ги зацрнува, па бавниот, растегнат и злобен слаџ ги смачкува во калта.

На средина, Afrika потсетува на савана што до предмалку била толчена од бура, сега зема длабок здив и загрижено се подготвува за уште едно невреме кое неминовно ќе следи. Песната се искачува трпеливо, ја билда атмосферата, меѓутоа, не финишира со експлозија. Тој миг бендот го заменува со антиклимаксот на Overboard, којшто отвора простор за преиспитување и за повлекување навнатре. Иако исполнувачка и смирувачка, јасно е оти таа состојба е само привид за неизбежната катарза, која што нуди терен за духовно прочистување на Calla. Базирана на циркуларен риф, што се искачува на облакодери, па се нурнува во тунели, траката завршува со гитарски удари тешки колку цела планета.

Кругот потоа се затвора и иако составот не се враќа на почетниот свет на сказните, Lisboa стартува на сличен начин, со мисли задлабочени во бесконечниот хоризонт. Шестте жици, напумпани со дисторзија, ехо и пискави крешченда, бомбардираат со флешови на хорор, но се отпоздравуваат позитивно, ефект што доминира и со остатокот од колекцијата. Тоа не значи дека тројката се претворила во банда неумесни кловнови, меѓутоа, во споредба со претходникот, Memorial, слушателот не заглавува во удобна премаленост, туку трепери од наелектризирана инспиративност. Russian Circles и на Guidance мајсторски отвораат порти кон морничавото уживање во црнилата, но како никогаш досега, обезбедуваат и насоки за летање на зраците на светлината.

Артист: Russian Circles
Албум: Guidance [стрим]
Датум на објава: 5 август 2016
Тон-мајстор: Курт Балоу
Етикета: Sargent House

Листа на песни:
1. Asa – 04:00
2.Vorel – 05:29
3. Mota – 06:32
4. Afrika – 06:31
5. Overboard – 05:31
6. Calla – 06:23
7. Lisboa – 06:31

Слични написи

Остави коментар