Culture Development – Еднаш свет изградив… [Дип / Кран, 2015]

Ednas svet izgradiv

Врските, човечките, не фејсбуковските, се особено замрсен факт во животот. Тие не се собираат, одземаат, делат или множат како бројките и буквите во алгоритамот на Марк Закерберг. Равенките и командите што се смислуваат под негов надзор веројатно ќе се усовршуваат до негдоглед за да предвидат што сакаме во „тајмлајнот“ уште пред сами да го посакаме, но ниту една „социјална мрежа“ никогаш нема да успее да ја долови суштината на чистиот, стварен, човечки контакт. Или да бидам најискрен, се надевам оти ова засекогаш ќе остане нерешлива мистерија за технологијата. Инаку, потребата за вистинско поврзување со други луѓе ќе стане излишна по што секој од нас своеволно ќе си ги побара каблите, ќе влезе во капсулата и ќе заспие во Матриксот. Засега, тоа не се случува и моментно, музиката и стиховите сѐ уште се едни од најдобрите форми за дешифрирање на хуманите односи.

Скопските момци Culture Development не само што ова го знаат, туку и веруваат дека спојот на ноти и букви е најсоодветен за набљудување, разглобување и за сликање на човечките конекции. Како и на претходните два албума, така и на третиот „Еднаш свет изградив…“ тие се најмногу заинтерестирани – дури и опседнати – со комуникацијата од крв и месо, меѓутоа, низ целата оваа гласна (само)анализа се расфрлани размисли и за опкружувањето, контекстот, пошироките соништа. Срцевината на десетте траки се движи на крилјата на романсата. Поточно, со дистопиското сивило, со празнината, што зјае како метеорски кратер секогаш кога тие ќе бидат исечени. Намерно и неочекувано или несвесно и развлечено, сеедно. Баш во таа дупка, која што со суровата дисторзија на гитарите и со ѕверските вокални извици прераснува во пештера што сѐ проголтува, бендот основан во 2001 година се чувствува најприродно, најисконско, најинтимно.

Тонално, материјалот скејта по тротоарите на кои што газат состави како Defeater или Loma Prieta, односно, се надоврзува на патеката што Fugazi меѓу првите ја поплочија. Ова значи дека комбинацијата од педали креира остра, прободувачка, гитарска бука, а ритам-секцијата поставува хаотична, атрактивно нелинеарна, подлога. На моменти тоа оддава впечаток дека групата шета настрана од пост-хардкорот кон ноиз-рокот, но со скримо-гласот се случува заземјување во ха-це-подземјето. Миговите на „плачливост“ преку грло во едни мигови се соодветно драматични, а во други пренагласени, ама не е нарушен балансот и составот не запаѓа во одбивни емо-патетики. Уште поважно, тие не кријат дека се чувствителни, меѓутоа, цедејќи ја лутината од секоја пора, укажуваат оти и таа е неизбежен дел од искуствата што ги носи човечкото поврзување. Тројката не се срами да ја опишува апокалипсата на разделбата, но не продава шамански идеи дека само позитивизмот е за во јавност. Таму припаѓа и гневот што жари и пали.

Кога невоздржано ќе се распламти, а тоа во 35-те минути се случува прилично често, светлината е заслепувачка, но впечатокот не се брише – ова е колекција напишана и отсвирена во привлечно студената сенка на меланохолијата. Имајќи го тоа на ум, за најголем триумф на составот може да се смета тоа што песните немаат стереотипна поп-структура, туку газат, пливаат и летаат слободно, како перфектно надополнување на строфите. Тие, пак, не се хаику, ама со слична потреба за неограничување не се сосредоточуваат на барање рими туку на лоцирање на точните зборови кои најискрено ја пренесуваат приказната. Ова не значи оти Culture Development мрзеливо ја отфрлиле битноста на занаетската страна на пишување песни – напротив – туку дека севкупноста на албумот е најбитна, а не хит-потенцијалот на засебните елементи. Трите точки во неговиот наслов (и избришаната рака на каверот) наведуваат дека светот што групата еднаш го изградила се срушил, ама тоа не е симбол за пораз. Со тоа што со толкава уверливост го издигнале од андерграунд темел до врв на облакодер тие се осигурале оти истиот ќе се обновува.

Артист: Culture Development
Албум: Еднаш свет изградив… [превземи]
Датум на објава: 26 ноември 2015
Тон-мајстор: Ивица Јанкуловски-Штраф
Етикета: ДИП / КРАН

Листа на песни:
1. Скалите на кеј – 2:57
2. Викаат ќе пројде – 2:43
3. Сам против себе – 3:14
4. Простор – 4:04
5. Убиј ме. Дотепај ме. – 3:47
6. Искрено – 3:06
7. Надеж или утеха? – 4:11
8. Пар улици – 4:04
9. Март – 3:02
10. До следен пат… – 4:09

Слични написи

Остави коментар