Bernays Propaganda – Политика [Moonlee, 2016]

„Не ме интересира политика“ е изјава која често се слуша во Македонија без разлика што се кажува во земја каде што е исполитизирано речиси сѐ – од садење патлиџани до организирање панаѓури. Бездруго, не сме само ние такви. Колку за илустрација, и во осамената светска империја, САД, над 100 милиони луѓе периодов не се потресуваат да гласаат и покрај тоа што постои реална шанса непредвидлив лудак како Доналд Трамп да им стане претседател. Ситуациите се премногу специфични за да се објаснат во два-три реда, ама кај граѓаните и во двете држави, веројатно преовладува убеденоста оти и со манијакална вклученост и со подзаспана исклученост резултатот во политиката е ист – нема промена. Особено не, каква што обичните смртници сонуваат, посакуваат и навистина им е потребна за животот да им се подобри.

Лично, политиката отсекогаш и сѐ уште ми го окупира фокусот. Ќе излажам, од друга страна, ако тврдам дека вербата во издржана, тектонска, долгорочна еволуција на вредностите и системите на колективно ниво ми е негибната. Теренот на кој што редовно, скоро секојдневно, губам, и покрај тоа што е мој, домашен, е зачуван за увереноста дека посакуваниот, масовен, отскок има шанси да биде поттикнат токму од нашите, најдолни и најбројни, општествени слоеви. Не се откажувам целосно, ама сѐ посигурно чекорам кон заклучокот дека веќе наместената игра во иднина уште повеќе ќе се штелува во корист на вечните победници. Којзнае дали ќе го допрам дното (или достигнам врвот) на апатијата кон политичкото. Имајќи го тоа на ум, изгледа можам да прогнозирам дека индивидуалната промена е таа што носи доволно тежина и значење за да оправда фанатична посветеност и невоздржано себевложување.

Сѐ наведено претходно е нагласено персонална интерна дебата што неретко ја водам. Преслушувајќи го нивното последно издание, сепак, пронајдов взаемно тло со Bernays Propaganda. Вртењето на овие девет, интимни и можеби интровертни, песни, ме натера да откријам оти и нивниот однос кон политиката има траекторија што поаѓа одозгора, од друштвеното и цврсто се приземјува на посебното – на личното. Доколку на првите свирки скопската четворка беше агрегат за бесен, недвосмислен, понекогаш и студен, хардкор-идеализам, на новата студиска плоча тие се илустрација за повеќето слоеви, за спектарот нијанси, што се неодвоиви од опстојувањето на индивидуата во Македонија. Поинаку кажано: бендот во почетоците остро подбуцнуваше политика на револуцијата, а на „Политика“, топло го отсликува нејзинoто деструктивно влијание на засебното, на локално-човечкото.

Ова делумно поинакво местење на објективот низ којшто, сега триото, ги анализира и им се обраќа на состојбите, нужно бара и друг тип музичко изострување. Корпулентни пораки и теми, како што се смартфон-заробеноста, површната образованост во време на Гугл-пребарување и лажгите со опашки на моќниците и тука се присутни, меѓутоа, овој пат чувството на отвореност, на нерезервираност – на соголеност – владее повеќе отколку со претходните плочи. Следствено, нервозниот, стомакокршаки, ритам на бас и акустични тапани е заменет со мекиот пулс на програмирањето и на електрониката. Жанровски, ова грубо може да се дефинира како синтпоп со јасна постпанк-основа, но фасцинира како зад овој костур, лесно се чита простата, анплагд-база, на деветте траки. Секоја од нив звучи дека би била комплетна и само со гитара со пластични жици, глас без микрофон и со безимена, најпримитивна, перкусија.

Кога ги палеше подрумите, невозможно беше да се замисли, но Bernays Propaganda со „Политика“ се приближува до кантавторскиот, singer songwriter, израз и го накалемува на сопственото тврдокорно искуство. Западниот, американски, начин на сфаќање на овој пристап несомнено доминира на изданието (како што и ги водеше ХАХАХА), ама со вклучувањето семпл од „Охридски трубадури“ на излезното парче, групата укажува на поврзаноста меѓу „нивното“ и „нашето“ песнопојство. И едното и другото се фолк, односно музика од и за народот, а токму тоа е и во срцевината на четвртото студиско цеде на скопскиот состав. Вклучувањето „етно“ на многумина сигурно ќе им изгледа на богохулие или на желба за гризење од овој кеш-колач, но мене овој потег ми звучи, пред сѐ, на омаж, а потоа и на поттик за преиспитување на сопствените ограничувања на музичкото слушателство.

Иако во прашање е мал, невин, исечок, кој трае одвај минута и пол, неговото ставање во материјалот е можеби најрадикалниот чекор во опстојувањето на бендот. Со него, како и со останатите драстични измени во пристапот, Bernays Propaganda бездруго (ќе) ги подели следбениците, а сигурно и добар дел ќе отфрли. И првите, на кои што со право ќе им недостасува експлозивноста на квартет-фазата, и вторите, кои, исто така со право, ќе им се восхитуваат на храброста за актуелната промена, сепак, ќе мора да си признаат: дискусијата им се сведува само на формата, не и на суштината. Доколку за миг заборават на надворешниот изглед, пак, на обете фракции бргу ќе им се разјасни дека новиот, авторски, половина час, составот го исполнил со дел од најхуманите и најкомплетните песни во своето постоење. Не верувам оти со нив ќе се промени светот, но јазикот со којшто се напишани – и зборовниот и звучниот – ме охрабрува да мислам дека тие ќе овозможат поттик за голем број (политички) свесни индивидуи.

Артист: Bernays Propaganda
Албум: Политика [превземи]
Датум на објава: 14 март 2015
Продукција: Васко Атанасоски и Дени Крстев
Етикета: Moonlee

Листа на песни:
1. Политика – 4:35
2. Армија – 3:14
3. И двете – 3:29
4. Лажи ме, лажи ме – 4:00
5. Јалова – 3:09
6. Повеќе – 6:10
7. Не сум веќе убава – 3:25
8. Сакав да се заљубам – 4:14
9. Политика II (и ќе дојде време) – 2:19

Слични написи

Остави коментар