29/06/2017

The Chemical Brothers – Born in the Echoes [Virgin EMI, 2015]

Постирано на 15/12/2015 од во Албуми, Музика

Born in the Echoes

Маката која што изгледа најмногу ги мачеше Том Роуландс и Ед Симонс, штом од андерграунд бомбастично мигрираа во меинстрим, би можела да се срочи во дилемата: како следниот албум на The Chemical Brothers да биде помасивен од претходниот. Редејќи ги прачките динамит со „Даст брадерс“ тие дебитираа со ново име испорачувајќи го ТНТ-пакетот Exit Planet Dust. Наследникот, Dig Your Own Hole, веќе доби Ц4-димензии. Тоа, пак, што се случи со Surrender, тешко е да се дефинира со помалку од хидрогенска детонација. Креативно, биг-битот на дуото од Манчестер експлодира на првите две плочи, а со носителот на Out of Control и Hey Boy, Hey Girl, премали станаа и фестивалските полјани. Не оти ги снема – напротив – ама изминатава деценија и пол, бркајќи величини, „браќата“ како да ја заборавија својата најсилна страна: правењето песни.

Како порано феноменален фудбалер, којшто бил засенет од помлади играчи па во зрели години ненадејно се вратил во топ-форма, така и Роуландс / Симонс со Born in the Echoes прикажуваат виталност што делуваше оставена во минатото. Нивните арт-тенденции, расфрлани низ саундтракот за Hanna и за колекцијата од куси видеофилмови на Further, изобилуваа со свежина, меѓутоа, застојаност се мирисаше од траките наменети за масовна употреба. Бркањето на идеалот за чиста уметност (што и да се подразбира под неа) за некого е поголем плус, но за мене, значително подебел е минусот ако албумот на The Chemical Brothers не те поттикнува да се скршиш од скокање, да се искривиш од играње или ако ништо друго, да ѕенѕаш длабоко во ноќта кога во средината на јули во Скопје, поради расипана клима, чекаш во шест часот наутро да залади вкупно 15 минути.

Таквата, журкаџиска, енергија претекува од 11-те композиции склопени за Born in the Echoes. Двојката стартува изненадувачки храбро, отворајќи со Sometimes I Feel So Deserted. Така силно воведно парче на диск може да значи верба во тоа што следи или криење на идните слабости во сенката на убавиот прв впечаток. Ова, несомнено, не е безгрешен материјал. Атмосферичноста на Taste of Honey не нуди длабоко земање здив како што веројатно е замислено, а синт-попот на насловната трака е помалку стерилен. Најбитно, сепак, е што, додека да дојде до седмото поглавје, Reflexion, каде што групата развалува хангари со ритамот, не се чувствува попуштање. И во темпото и во идеите и во вештината со која што се склопени. Во суштина, ова и натаму се The Chemical Brothers со придушен биг бит и отворен хаус, но со хип-хоп, поп и соул измислен за 2015 година.

Скршените ритми и оној шлеперски мрсен бас ја водат Go, рап-гласот на Q-Tip се истакнува со својата препознатлива боја, а рефренот и сајзерите целиот микс го издигнуваат на ниво на денс-химна. На ниво за нијанса повисоко и со звук од балеарските острови, Under Neon Lights истото го постигнува, а притоа особено помага магичниот вокал на Ен Кларк, попозната како St. Vincent. На EML Ritual има кулминација на есид-корените, I’ll See You There моќно ги потсетува – тие што заборавиле – колку манчестерската двојка е задолжена кај рокенролот, а за Just Bang името за себе зборува: само бенгајте и бенгајте. На финишот, Колин Стетсон нуди чистина во бучниот хаос на Radiate, додека Beck е совршен избор за убавиот душевен блуз што следи по долга забава, а Wide Open толку питомо го отелотворува. Таа е сјајна, сталожена, одјава на динамичното патешествие низ ехото создадено од влијанија, искуства и замисли. Со тоа што успеале да го пронајдат вистинскиот пат како во нив да нурнат, The Chemical Brothers одново се родиле.

Оцена: 83/100

Артист: The Chemical Brothers
Албум: Born in the Echoes
Датум на објава: 17 јули 2015
Продуцент: The Chemical Brothers
Издавач: Virgin EMI

Листа на песни:
1. Sometimes I Feel So Deserted – 5:11
2. Go – 4:20
3. Under Neon Lights – 4:26
4. EML Ritual – 5:20
5. I’ll See You There – 4:20
6. Just Bang – 5:21
7. Reflexion – 6:29
8. Taste of Honey – 2:59
9. Born in the Echoes – 3:26
10. Radiate – 4:39
11. Wide Open – 5:54

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>