Wolf Alice – My Love Is Cool [Dirty Hat, 2015]

My Love is Cool

Лиса Џерард, веднаш, во првата секунда, ми светнува во ум штом Ели Раусел, вокалистката на Wolf Alice, кротко ќе го повика љубовникот – или симпатијата – баш на неа да ги задржи неговите (или нејзините) бисерни очи на првата трака од My Love Is Cool. Како и пејачката со божествен тон на Dead Can Dance, 23-годишната предводничка на бендот од Лондон со неодолива нежност раководи со нивното деби. Бездруго, младата фронтвоменка треба да таложи уште тони калории од бурекот на искуството за да ја допре австралиската уметница што ја ситни шесттата деценија. Бојата, топлината, уверливоста во обраќањето, сепак, зборуваат оти се на сличен колосек. Скоро сигурно, оваа паралела е само моја (а зарем слушањето и буричкањето низ албумите треба да биде поинакво?) затоа што жанровски, англиската четворка е длабок, полетен, верник во рокенролот.

Соодветно на гласот, р’н’р-пристапот на квартетот, основан во 2010 година, не трча никаде, не врши насилна блицкриг-инвазија, не се обидува светлосно брзо да се наметне како следното, големо, звучно просветление. Голем дел од ова е фин, културен, инди-рок кој не бранува премногу, што, пак, воопшто не значи оти е опериран од индивидуалност. Покрај Раусел, која свири хипнотички на своите гласни жици, се истакнуваат и дигиталните ритми, атмосферата што ја прошируваат синтизајзерите, како и умната употреба на гитарската дисторзија, чии дозирани, агресивни, испади обезбедуваат контрабаланс на доминантното, релаксирано, опкружување. Бендот, воглавно, не е неврозен или напнат. Тие се инспирани од сталоженоста. Мирни се при потрагата по позитивен поттик и иако се мили, не се невини. Знаат – и тоа здраво и зрело – да разбеснат!

Такви парчиња се: You’re a Germ, со рефрен поради којшто тупаници ќе кршат воздух, Lisbon, чие успоренo ноиз-гитарисување урива габаритни структури, Giant Peach, која е извозена од мелодичен риф, како и Fluffy, каде што групата потсетува на најдобрите денови на riot grrrl хардкор-движењето. Грувот дрмоли од бас-линијата на Your Loves Whore, а траката е скршена од перфектно сместен прекин без никаков тон што најпрво збунува, но набргу инспирира климање со главата. Оваа, и песни како Freazy и The Wonderwhy го држат средното темпо, Bros и Swallowtail си играат со акустичните жици, додека Silk и Soapy Water ги буричкаат прстите во океанот на амбиенталната електроника. Шаренилото што се слуша од сите композиции истакнува дека составот одлично е запознаен со рокенрол-динамиката поради што збирката не може лесно да здодее.

Занимливоста, исто така, извира и од стиховите. Модерниот рок, особено тој од независната сцена, често е притиснат од околината да биде проникливо поврзан со совремието. Во основа, се бара да е сериозен, аналитичен, а поради сè што се случува секојдневно, тоа и не така ретко значи да биде депресивно. Без разлика што е и бесна и катарзична, лондонската четворка не е меланхолична или, пак, згрчена од фрустрации. Преку милозвучниот глас на Раусел тие потсетуваат на детската фантазија и другарствата, замислуваат како малата Лиса Симпсон ќе се чувствува кога ќе стане полнолетна и го опеваат валканиот маалски мангуп. Тие се осврнуваат и на сестрите Лисабон од The Virgin Suicides и прашуваат дали би се „спариле“ со Алиса (од „Земјата на чудата“) или со волкот (од „Црвенкапа“). Освен ова, Wolf Alice, генерално, на My Love is Cool ја опеваат романсата и ја пронаоѓаат романтичноста во ерата кога цинизмот е доминантна валута. Така, симпатично откриваат дека љубовта, но и рокенролот, можат да бидат кул.

Оцена: 80/100

Артист: Wolf Alice
Албум: My Love Is Cool
Датум на објава: 22 јуни 2015
Продуцент: Мајк Кроси
Издавач: Dirty Hat

Листа на песни:
1. Turn to Dust – 3:07
2. Bros – 3:44
3. Your Loves Whore – 4:57
4. You’re a Germ – 2:53
5. Lisbon – 3:26
6. Silk – 4:03
7. Freazy – 3:14
8. Giant Peach – 4:35
9. Swallowtail – 5:41
10. Soapy Water – 3:42
11. Fluffy – 2:44
12. The Wonderwhy – 6:46

Слични написи

Остави коментар