Tau Cross ‎- Tau Cross [Relapse, 2015]

Тau Cross

Панкот и духовноста, по правило и дефиниција, не се компатабилни. Првиот, сè наоколу гледа низ објектив на нихилизмот. Втората, во сè над, под, лево и десно се обидува да пронајде инспирација. Едното е родено како реакција на лажното. Другото често ја открива вистината во конструкции базирани на измислици и на лага, а не на факти и на реалност. Експлозивноста и директноста најприродно се врзуваат за музичкиот жанр. Размислите и писанијата за спиритуалноста, пак, не се срамат од потребата за истражување на (или губење во) менталните или во зборовните лавиринти. Синовите на суровата британска краст-сцена во 80-тите, Amebix, понудија алтернатива и негативноста во фаца ја заменија со позитивен агностицизам на умот. Роб Милер-Баронот, фронтмен на широко влијателната група, со Tau Cross уште подлабоко навлегува во тунелите на душата.

Неговото најактуелно музичко поглавје вклучува уште тројца искусни ликови од хеви-андерграундот: Мишел Ланжевин од Voivod на тапани, заедно со Енди Лефтон од War//Plague и Џон Мизери од Misery на гитари. Милер, обединет со својот брат Кристијан и Рој Мајорга, го изненадија подземниот свет на гласниот звук издавајќи го софистицираното чудо Sonic Mass во 2011 година по што пак го испратија Amebix во пасиштата на историјата. Без да звучи рециклирано, баш каде што овој албум застана, Tau Cross продолжува со дебито именувано според составот. Краст-суровоста од 80-тите и тука е само дамнешно влијание, дури и ехо на други, подраматични, лични, времиња. Гитарите, со нивните суви рифови со високи тонови, воспоставуваат врска со постарата ера, а остатокот, на прва топка, оддава впечаток на Killing Joke во современата фаза.

Продукциски, саундот е најблизок до бучната, но не напорна, механизираност на Voivod. Целиот микс е помалку придушен, компресиран, а одоздола корне бас од амбисовидни пропорции. Атмосферата, бездруго, е мрачна, меѓутоа, не е неповратно безнадежна. Впрочем, тоа е јасно уште на старт, каде што Баронот се осврнува на идејата за враќањето во живот со повикување на приказната за Lazarus. Траката има и диги-семпл којшто ги најавува и индастриал апетитите кои авторите ги задоволуваат во текот на целата збирка. Оргулите набрзина ја отвораат Fire in the Sky и иако Роб лае за огнот на небото, песната може да се однесува и на островот Скај, каде што тој живее од 1991 година и играјќи со пламенот, изработува мечеви. Да – рачно лее и кове заборавени орудија. Остар како Екскалибур, трешот коле на Stonecracker, пропаста обезма од катранот на Midsummer, а Hangmans Hyll прави класично, епско, хеви-дум-свртување.

Виолончелото, оркестрациите и акустиката ја преповиваат We Control the Fear, блузот плаче од гитарата, а стиховите пробиваат директно низ стравот изроден од сведувањето на смртта на две последици – рај или пекол. Бавниот метал-грув со слаџерски примеси се тегави од You People и Prison, додека Sons of the Soil се приближува до интроспективните мигови на Neurosis. Сабатовско-стоунерски риф раздробува сè околу себе на The Lie, по што басот на стартот од Our Day се навраќа на крастерските корени на членовите. Милер се приклучува со баритон ала Боуви, па аудио-хаосот се појавува како извонредна подлога додека лидерот со сиот капацитет на белите дробови извикува дека секоја човечка генерација се крши и пропаѓа, а корупцијата владее насекаде. Тој, сепак, завршува со верба оти за луѓето, кои се родиле слободни, но тоа право им било украдено, ќе дојде денот на заедничката победа. Тука, практично, сè кулминира, ама анплагдот на The Devil Knows His Own се надоврзува како умен, хуман, монолог-епилог. Со него Tau Cross го задава финалниот удар на албумот којшто како меч пресекува низ цела планина легенди, филозофии и опипливи прашања со кои човечкиот дух секој ден е во допир.

Оцена: 80/100

Артист: Tau Cross
Албум: Tau Cross [стрим]
Датум на објава: 19 мај 2015
Продуцент: The Smiddy
Издавач: Relapse

Листа на песни:
1. Lazarus – 4:58
2. Fire In The Sky – 4:39
3. Stonecracker – 4:18
4. Midsummer – 5:29
5. Hangmans Hyll – 6:22
6. We Control The Fear – 4:28
7. You People – 4:00
8. Prison – 3:54
9. Sons Of The Soil – 4:32
10. The Lie – 4:24
11. Our Day – 5:00
12. The Devil Knows His Own – 2:35

Слични написи

Остави коментар