Sumac – The Deal [Profound Lore, 2015]

The Deal

Во низата најнеумни потези што паметните музичарите можат да ги повлечат, покрај членството во талент-шоу жири и соработката со Nickelback, се вбројува и задавањето мисија пред снимањето албум. Не велам оти бендовите не треба или дека немаат, некаков, план – одреден нацрт – пред да влезат во студио. Да го барав ова од артистите што ги следам, исклучиво ќе слушав импровизатори кои слободниот израз го бранат со борбеност што се граничи со фашизам. Грешат, убеден сум, оние изведувачи кои однапред ќе си постават ниво или форма што мора да ги постигнат. Маката не е во целта туку во самонаметнатиот притисок дека, по секоја цена, таа не смее да остане неостварена. Повеќето, попуштаат и пропаѓаат во обидот оваа присилба да ја претопат во освежувачка креативност. Тука, бездруго, не спаѓа Sumac и нивното планетотресачко деби The Deal.

Пред да стартува со работа на него, гитаристот, вокалист и главен автор, Арон Тарнер си направил скица: да напише музика што веднаш би се истакнала како една од најтешките што ги создал во кариерата. Тежината тука не се мери само со децибели, ами и со бреме што чувствувате како натиска кога се исполнуваат улогите на свирач-слушател. Освен ова, во случајот на 37-годишниот бостонец, таа има и проклето високо заковани референтни шајки – ISIS и Old Man Gloom, пред сè, како и Split Cranium. Кога на листава ќе се додаде оти тапанарот Ник Јакшин тропа во Baptists, а повремениот басист Брајан Кук беше во Botch и во These Arms Are Snakes и сега е во Russian Circles, се разоткрива дека нивното „хеви“ е поспецифично од која било замисла за стандард.

Тројката, која на турнеја е дуо, од стопувањето на своите инструменти излеала материјал што не е многу побрз од вулканска лава кога се движи, а монолитен и масивен, како кога истата таа ќе застане, ќе потемне и ќе се скамени. Најава за таков расплет на аудио-настаните има уште во интрото, Spectral Gold. Тарнер ги тегне, поточно, делува како ѕверски да се изживува со жиците. Недефинирана и апстрактна, оваа галама, сепак, се соединува во јасна, опиплива, напнатост што, напросто, знаеш дека ќе те сплеска од земја. Ехото на хорор-пијаното во Thorn in the Lion’s Paw ја превзема палката на одложувањето. Изгледа дека нема каде и нема потреба од уште кревање тензија, но рифот ова го побива и постила тепих за тапаните да бидат тие кои што со племенска ударност ќе ја здробат браната. Потоа хеви-оловото растекува во игра меѓу фронтменот и Јакшин, кои наместо да се бркаат на слепо, се надополнуваат другарски, природно и неизнасилено.

Освен стегањето со дисторзија, дискот изобилува и со периоди на широчина од фонија, клавијатури и тонови на една жица кои цупкаат, а не трчаат. Преломот меѓу втората и третата трака е баш таков, помалку и црковен, а Hollow King по ова продолжува со риф кој наизменично скока напред и се повлекува додека во просторот што се отвора и затвора тапаните ја менуваат улогата од споредна во главна. На средината тие пак се спојуваат, но сега во хардкор-панк ветерница со средно темпо. Гитарата на Тарнер тука покажува и квазистоунерски мелодии кои уште повеќе се истакнуваат на Blight’s End Angel, а на насловното парче ја исполнуваат доминантната ролја. Прекршениот ритам на Јакшин тука го граба фокусот иако и вокалот обзема со дивјачката длабочина. Само пепел останува по овој космички потрес, а од него како феникс се издигнува The Radiance of Being. Нејзината инструментална беседност е како опело проповедано во чест на целата интерна и екстрена поганост што се прочистува при секое свирење и слушање на The Deal. Имајќи ја предвид неговата колосална тежина, со цел да ја постигнат, Sumac со Сатаната потпишале бланко-договор. Сигурно. Се зезам.

Оцена: 85/100

Артист: Sumac
Албум: The Deal [стрим]
Датум на објава: 17 февруари 2015
Продуцент: Мел Детмер
Издавач: Profound Lore

Листа на песни:
1. Spectral Gold – 03:18
2. Thorn in the Lion’s Paw – 08:54
3. Hollow King – 12:21
4. Blight’s End Angel – 10:16
5. The Deal – 13:41
6. The Radiance of Being – 05:15

Слични написи

Остави коментар