Фонија – …без име [2015]

...bez ime

Сакам експерименти, обожувам бучава од контролиран хаос, ама подеднакво силно ме исполнуваат и прости, соголени, приземни песни. Без дилема, претходно нечуен спој од жанрови ја влече музиката напред. За да се случи ваква уникатна фузија, потребни се талент, визија, вештина и масивна доза среќа. Во ниту еден миг, пак, ова не значи дека занаетот на осмислување, аранжирање и изведување композиции во стил што не е изменет има помала вредност. Напротив, мошне често, трака од две и пол минути со три акорди тежи повеќе од квази-симфонија што се обидува сѐ да направи одеднаш, а ништо не успева да каже. Многумина би рекле и не така ретко би биле во право, дека колку е поедноставна траката, толку е помачно да се создаде. Веројатно затоа ваквите звучни парчиња со леснотија инспирираат и усреќуваат, но и тераат на размислување.

Сето ова во 2013 година го извлеков од „Мојот пекол“ на „Фонија“, а истото, со скоро идентичен набој, го добив и од слушањето на следбеникот, „…без име“. Навредливо ќе биде ако кажам оти резултатот е таков бидејќи триото се повторува, но факт е дека не прават џиновски скок, туку мал чекор напред со којшто уште пофино ја измазнуваат формулата што и онака супер функционира. Разликата е најочигледна во два сегмента: острината на звукот и вклучувањето синтисајзери. Клавишите, неочекувано, меѓутоа, добредојдено, се прикрадуваат на воведната „Улици без име“, а веќе од следната „Нема генерација“ е јасно оти се тука за да останат и одлично да дополнуваат. Истава трака е и потврда за позразената мекост и питомост на снимачкиот пристап, за разлика од тој на претходникот, каде што лутината повеќе доаѓаше до израз.

Оваа извесна повлеченост и прибраност перфектно се вклопува во „Времиња“, со која се запознаваме само со штур бас, тапани и симпатичен кравји ѕвонец, но нивниот микс по брза постапка се надградува и проширува во продорен рефрен. Рафал од панкерско-скејтерски радосен автомат покосува од „Четврток“, по што, помалку иронично, „Без компас“ го подзапира галопот и сместувајќи се точно на средина, служи како игла од магнет околу која гравитира целиот материјал. Стиховно убедливо најтажното парче ја пренесува несомнено најубавата мелодија на колекцијата. Тонската топлина повторно се враќа, ама со квазимашински ритам и сајзер-атмосфера на „Робот или дете“, а гласот ова го надополнува со инспиративен поглед навнатре. Брзината и динамиката се главни на „Патоказ“ и „Денес“, па на „Бездна“ сѐ потонува во амбиент и ехо-ширина.

Кругот на авторство, што тројката концизно и умешно го исцртува со инструментите, не би бил комплетен ако и текстовите не се прочистени низ истиот филтер. Бендот е очигледно сосема свесен за ова и изгледа затоа на деветте песни не може да се скокне впечатокот дека изборот на вистински зборови, како и на нивната точна позиција, за нив е светост. За издвојување се стихови како: „Сакам да грее сонце, само нека не ме грее премногу, да не ме изгори“; „Кога вреви овој град, да ги скрши сништата, штом се осудиш да сониш“; „Дали е твоја битката, ако држиш платен бајонет?“; „Тука источно од парите, тука јужно се послабите“; „Зборот мој е ехо, лажна вистина, зборот мој е нема генерација“; како и за мене омилениот „И никој не нѐ научи да издржуваме порази, и никој не нѐ научи да преживуваме победи“.

Селекцијава, заедно со останатите, неиздвоени, строфи, јасно укажува дека составот влегол во мрачен свиок, а по неговиот крај продолжил во уште позацрнет тунел. Не е ова интелигентната, горко-сурова, безнадежност, што ANNA O. извонредно ја прикажува на „Подочњаци“, меѓутоа, и во овие 30-ина минути се слуша клокотот на истиот извор на македонското беспаќе. Лутањето во нашиот вечно зачмаен простор, неможноста во него нешто да се помести, но и личната битка за непредавање, создава ментална, па и физичка блокада. Кај некои, тоа се случува ретко, а кај повеќето – секојдневно. Оваа инвалидизирачка тензичност се чита во зборовите на албумот, но групата ѝ контрира со хармонии и со мелодии што опуштено раздвижуваат. Ваквата спротивставеност буди чувство што сѐ уште е без име, ама „Фонија“, сепак, продреле во неговата суштина и го раскажале со букви и го оформиле во ноти.

Оцена: 85/100

Артист: Фонија
Албум: …без име [превземи]
Датум на објава: 2 ноември 2015
Продукција: Васко Атанасоски и Дени Крстев
Етикета: Фонија

Листа на песни:
1. Улици без име – 2:41
2. Нема генерација – 3:13
3. Времиња – 3:53
4. Четврток – 2:33
5. Без компас – 4:00
6. Робот или дете – 3:58
7. Патоказ – 2:27
8. Денес – 2:29
9. Бездна – 4:02

Слични написи

Остави коментар