Coliseum – Anxiety’s Kiss [Deathwish, 2015]

Anxiety's Kiss

Ѕидовите, особено на Балканот, се корисна подлога за пишување извонредни изблици на бес, препукување меѓу плакатолепачи на партии и, не така ретко – што е добро – за генијалности од неколку зборови. Последна таква чкрабаница, со која и се изнасмеав, и си подразмислив, беше “И пост-панкери су панкери“. Испрскана со спреј во којзнае кои вампирски часови и којзнае какви емотивни состојби, таа сигурно од поодамна осамнала на белградски надвозник (или можеби е само симпатична фотомонтажа). Славна стана откако почна да се споделува на социјални мрежи по што ме натера да подзастанам и без многу внатрешна дебата да заклучам: Да, и пост-панкерите се, дефинитивно, панкери! Паралела со оваа интернет умствена екскурзија си направив слушајќи го Anxiety’s Kiss, новиот албум на Coliseum.

На него, тие повеќе не се разбеснетите, тврдокорни, д-бит казнувачи, но панк-хемоглобинот и тоа како крвари од десетте елегантни, запаметливи, песни што ги снимиле за петтата авторска збирка во кариерата. Додуша, триото од Луивил, Кентаки, отсекогаш попрецизно се класификувало како хардкор, ама, пак да не се вртам кон првиот муабет – и изведувачите од оваа сцена, во основа, најмногу се заборчени кај панк-светогледот. Растот и развивањето во неговите подземни канали, бездруго, е причина зошто Coliseum, и кога присакале со Anxiety’s Kiss да се искачат на површината, тоа го извеле без да трошат целофан, да мачкаат очи и без да се срамат од желбата за поширок допир со својата музика. Тие, со скокачкиот бас и марширачкиот ритам на We Are The Water, веднаш, напред, го истураат уверувањето – сите сме вода.

Човекот, секако, во најголем дел е составен од оваа безбојна течност, но јасно е тука дека се мисли на промена, на движење, на еволуција. Лична, карактерна, или звучна, музичка, таа е подеднакво вистинита и во двата случаја. За Рајан Патерсон, Кејхан Вазири и Картер Вилсон таа подразбира топење на агресијата и со енергијата што притоа се ослободува, пронаоѓање како истата да се пренесе низ разбирливи, лепливи, мелодии. Ова најсликовито е изразено во блузерската, ник-кејверска, Dark Light of Seduction која во шестте минути има доволно време да освои и да заведе романтично, да навести и да создаде атмосфера, напросто, да опушти соодветно за секој да си го дозволи занесот. Уште поамбиентално се запаѓа со Driver At Dusk, чија даркерска морничавост воспоставува пара-врска со Боуви, Силвијан, а помалку и со Вејтс.

Оваа интелигентно позиционирана беседливост, сепак, е само дел од плочата и со неа групата нуди контраст и ја зајакнува динамиката. Притоа, тие не сакаат да го избришат впечатокот дека ова е, пред сè, материјал напишан за галоп, а не за аристократска коњичка кореографија. Надоврзаните Course Correction, Wrong / Goodbye, Drums & Amplifiers, заедно со Sunlight In A Snowstorm зацврстуваат морал, ставаат олово во петици и не отстапуваат од намерата за борба. Истата решителност ја нуди и Comedown, само со чудна електро-индастриал запршка. Побавното темпо ја движи интровертната Sharp Fangs, Pale Flesh, каде што се одвива драматичен монолог за љубената, а Escape Yr Skull, обезбедува финале кое од демоните не се ослободува исклучиво со катарза туку со нив се соочува и со комуникација. Таква, на извесен начин, е суштината на целиот Anxiety’s Kiss. За разлика од претходно, кога силно го трескаше од земја, Coliseum сега, со овој албум, неспокојството го прегрнува, го стега во раце и страстно, лакомо, го бакнува.

Оцена: 83/100

Артист: Coliseum
Албум: Anxiety’s Kiss [стрим]
Датум на објава: 5 мај 2015
Продуцент: Џеј Робинс
Издавач: Deathwish Inc.

Листа на песни:
1. We Are The Water – 4:11
2. Course Correction – 3:29
3. Wrong / Goodbye – 1:59
4. Drums & Amplifiers – 2:59
5. Dark Light Of Seduction – 6:07
6. Sharp Fangs, Pale Flesh – 4:05
7. Comedown – 2:36
8. Sunlight In A Snowstorm – 3:09
9. Driver At Dusk – 4:05
10. Escape Yr Skull – 4:35

Слични написи

Остави коментар