ANNA O. – Подочњаци [Кран, 2015]

Podocnjaci

Траорноста, ми се чини, е состојба исконски поврзана со просторите каде што, нели, е роден и самиот космос – македонските! Ќе си речеш, територии со библиско значење повеќе би биле синоним за радост (и за гринфилд странски инвестиции), отколку за жал и кобност. Историјата, сепак, дава поинакви примери. Област и луѓе наклонети на среќа не создаваат бавно и за телото брутално оро што притоа го именуваат „Тешкото“ и не се измачуваат себеси додека везат, а потоа и физички претепуваат, кога на своите плеќи ставаат носија од 60 проклети килограми. Не знам дали е до планините што го попречуваат видикот, жешките лета кои го сушат умот или до петте века отоманско менторство, но факт е дека тука, меѓу нашиве, локал-национални, бедеми лелекањето е сигурно како смрт, а на кикотењето мачно му е раѓањето. Таквиот светоглед воопшто не е изненадување ако за да го гледаме светот околу себе не користиме розови очила.

Не само што не ги користи, кочанскиот бенд Anna O. со деби-албумот „Подочњаци“ од нив прави сол, а сѐ што вдишува и впива наоколу го прикажува без филтер, такво какво што е – црносано и црвјосано. Притоа, го нема наведеното кукање. Има ѕверење во очи на мизеријата. Oган од лутина се блуе змејски. Kиселина од безизлез индустриски се распрскува. Олово од мачнина се топи, растекува и се скаменува во секоја од десетте внимателно напишани, уредени и снимени песни. Луѓето родени во мак-границите по автоматизам себеси се перцепираат како жртви. Без разлика дали виновникот за тоа е комшијата со козата или Американците со ХАРП-от, тие во остварувањето на својот, наводно огромен, потенцијал, секогаш имаат некој видлив или непознат непријател. Реално, пак, тоа е само изговор за криење на личната мрзеливост. И неспособност.

Така, доколку си маалска поп-ѕвезда што се замислува планетарен владетел, тоа што со години не си издал албум (или никогаш) не е слика за твојот антиталент, туку отсуство на поддршка од спонзорите. Потоа не се вртиш кон огледалото, туку кон парти-владата и по извесен период напорно цвилење бараш и добиваш субвенции. Резултатот? Песни поради кои повраќањето е позитивна нус-појава. Anna O., како овие квази славни фаци и како сите останати, катадневно вирее под истиот тепих од срање-артилерија. Немаат ниту приватни ниту државни мецени, а нивното деби во безмалку ниту еден момент не паѓа под особено високо поставеното ниво. Авторски, тоа носи композиции измастени од интелигентни идеи, но ослободени од его-вишоци и непотребности. Изведувачки, од ова се раѓаат дух, енергија и став кои бликаат од басот, гласот, гитарата, тапаните и од стиховите. Бендот извонредно ја познава тукашната беда, ама не ја обработува бедно.

Тој впечаток на зрел, фоксиран, професионализам е јасен уште од мигот кога акордот ќе удри на „Секој ден“ и не се губи кога ќе одѕвонува на финишот од „Празен е“. Не станува збор тука за некаква стерилна дисциплина, ами за концентрација – решеност – дека сѐ што ќе заврши на материјалот навистина мора да вреди и на него да припаѓа. Насловите се куси, збор-два, траењето на траките е од 120 секунди до четири минути, а сѐ на куп врти половина час. Темата што ја обработуваат – сеприсутното чувство кое во Македонија се напластува далеку од проекторот на пропагандните телевизии – може да наполни томови книги, меѓутоа, триото го срочува со занаетски, изделкани, строфи и ефективни, директни, рефрени. Тие се непријатни за слушање, оти не ја заобиколуваат смрдеата од лешот на земјава, но се и привлечни, бидејќи во нив се чита одвратноста кон опкружувањето што сите ја стискаме во себе, а јавно никаде не експлодира.

Таа масовна епидемија на потајно гадење триото ја оформува во ударен хардкор или запаметлив панк, којшто, всушност, е рокенрол модификуван од нечистиот звук, но со целосно зачувана мелодичност под ноизот и дисторзијата. Животот во земјава најмалку заслужува потпевнување, но кочанската тројка исклучително го ползува овој контраст. Така, дискот го почнуваат укажувајќи дека сите ние сме мртви, но нема кој да ни каже оти здивот пак нѐ лаже. Потоа, тие ја поздравуваат машината што нѐ создала и која, на крај, и ќе нѐ уништи. Потсетуваат оти преживуваме стопени во мртво стадо и дека сме навлечени на порази и продадени за ситен кеш. Се прашуваат дали дождот е казна или награда, ама немаат дилема – посакуваат сѐ да поплави бидејќи тука повеќе нема луѓе. Наместо нив, има кучиња, кои се чувари на празните градови што лаат по слободата. Групата ги извикува тие што играат тетрис со судбини, даваат лажна надеж од мегафон и што пијат крв и туѓа пот и повикува светот да се стави на мјут. Мајскиот цвет, пак, е испрскан со крв, а сонот е абортиран од јаве ретардирано.

Сликовито? Да. Брутално? Бездруго. Ослободувачко? Несомнено. Веројатно затоа, но и како резултат на осетот за концизно компонирање, неподносливо лесно е да се пее или со весел ритам да се клима со главата додека кочанскиот состав води остар дијалог со архитектите и слепите следбеници на нашата таговна стварност. Навистина, поради неа мнозинството од нас има длабоки, модри, подочњаци. Наместо да бега, Anna O., овој тмурен товар со сето срце го прифаќа и возвраќа со вешто склопена серија од звучно-зборовни, грч ладни, облоги. Тие не ја лечат, туку болката на сегашново време ја смрзнуваат. Така нѐ потсетуваат дека постои – оти од што на неа сме навикнати, веќе ја заборавивме.

Оцена: 90/100

Артист: ANNA O.
Албум: Подочњаци [превземи]
Датум на објава: 26 септември 2015
Микс и мастеринг: Ристо Алчинов
Етикета: Кран рекордс

Листа на песни:
1. Секој ден – 4:08
2. Машината – 2:05
3. Домови од пепел – 3:39
4. Паѓаме – 2:29
5. Овој дожд – 2:43
6. Кучиња – 4:08
7. Светот на мјут – 4:05
8. Мајски цвет – 2:30
9. Рак на душата – 3:11
10. Празен е – 3:47

Слични написи

Остави коментар