Sleater-Kinney – No Cities to Love [Sub Pop, 2015]

No Cities To Love

Феминизам. Да повторам: феминизам! Така, сега се подрасчисти гужвата и од осум, блогов моментно има четири читатели. Немам прецизни статистики, но од ѓутуре, за половина од луѓето на кои ќе им го споменете, овој збор е пострашно „бу“ и од „вештерката“ или од „старо купуем“. Нема дилема, суштината на тој уплав е она што терминот отелотворува. Најдиректно: борба. Битка за еднаквост во свет чиј што оперативен систем е делумно или комплетно наместен во полза на нас, мажите. Ова би предизвикало болест да се увиди, а смрт да се признае пред себеси и затоа повеќето, при изговарање само на првите два слога реагираат со блуење секакви „феми“-навреди. Ова е особено изнасилено во патријархални пасишта како Македонија, каде што антиженски сигнали доаѓаат одозгора, од врвниот зет-премиер. За таквите, Sleater-Kinney се лек и лекција.

Тие се гласни, самоуверени, иницијативни, образовани, издржливи, односно сè што автоматски се припишува на полот со јајца, а на оној со јајници се брише бидејќи за ништо од ова „нема природна, биолошка, наклоност“. Корин Такер, Кери Браунстин и Џанет Вајс се во петтата деценија од животот, но на новиот албум, No Cities to Love, прв по десет години, сè уште гризат и газат, наместо да молчат и да лазат како што многумина би очекувале од помлади припадници на „нивниот“ пол, а камо ли за врснички по зрелост. Откако во 2005-та најави дека ќе се повлече на неодредено време по генијалниот The Woods, триото се врати со издание што освојува со економичноста во пишувањето и со ударноста во извршувањето. За разлика од развлечената, потајна, психоделичност на својот претходник, осмото цеде на бендот речиси сè постила на отворено.

Ова е панк-рок со инди-мелодичност и инди-рок со панк-приземност. Членките на Sleater-Kinney отсекогаш имале јасен став што бестрашно го искажувале, а тоа сè уште е непроменето. На No Cities to Love истиот е пресликан во споделување идеи и чувства прочистени низ филтерот на мудроста извлечена од искуството. Дополнително, десетте траки се значително помогнати од дистанцата здобиена преку децениското исклучување од музичката сцена. Напросто, очигледно е оти и самите припаднички на составот се свесни дека ништо и никому нема потреба да демонстррираат и да докажуваат. Јаснотијата на ова најмногу се забележува во чистите линии со кои од песните се исечени безмалку сите непотребности и тие се сведени на нивната гола есенција. Нема танцување околу концепти туку прецизно изразување што изнудува денс-потези под маса или на бина.

Штом основата е панк, ова е колекција која содржи жестина и лутина, но тие не се пренесени со шупливо, нихилистичко, бандорење туку со пулсирачки ритам-оддел, наметлив вокал и гитари кои лесно се паметат поради умните мелодиски решенија. И празнините, односно отсуството од тонови на вистинските места е тоа што овозможува песните да освојуваат брзо, да командуваат со просторот, да го зграпчуваат вниманието и со цврст стисок да не го испуштаат. Оддекот на тапаните во Price Tag, степувањето на шестте жици на Fangless, рефренот печен за кревање тупаници на Surface Envy, блуз-грувот во насловното парче, скокот во гласовните линии на A New Wave, сè ова одушевува со рудиментарниот сјај којшто не е резултат на случајност, туку на решителност, знаење и доживување во прво лице. Како резултат на тоа, Sleater-Kinney во No Cities to Love снимиле албум што го слави градот како засебно, инспиративно, битие, а коешто, сепак, нема никаква вредност доколку во него ги нема луѓето. Не верувате? Прашајте го, Скопје знае, самото ќе ви одговори.

Оцена: 90/100

Артист: Sleater-Kinney
Албум: No Cities to Love [стрим]
Датум на објава: 20 јануари 2015
Тон-мајстор: Џон Гудмансон
Издавач: Sub Pop

Листа на песни:
1. Price Tag – 3:54
2. Fangless – 3:34
3. Surface Envy – 3:06
4. No Cities to Love – 3:05
5. A New Wave – 3:38
6. No Anthems – 3:19
7. Gimme Love – 2:16
8. Bury Our Friends – 3:23
9. Hey Darling – 2:25
10. Fade – 3:37

Слични написи

Остави коментар