Royal Thunder ‎- Crooked Doors [Relapse, 2015]

Crooked Doors

Романсата или сè поврзано со љубовта, генерално, не е баш возбудлива тема за слушање кога музичарите ја обработуваат, нели? Особено не денес, кога сè мора или да боде со социо-политичка проникливост или да блешти со став: планетава само што не распукала од мојата кул-посебност. Без разлика што интернетот нè направи суштества кои, поради бедемот од гугл-поткрепен цинизам, кон ништо не приоѓаат без надменост, севдата била, сè уште е и во далечна иднина ќе биде исконски поврзана со песната и со зборот. Има уметници – или палјачовци – чија клише-патетичност помага да се замрази сакањето како инспирација, но тие не се причина однапред да се одбијат сите артисти кои црпат од нејзиниот бунар. Тој е страшно длабок, а Royal Thunder на второто цеде Crooked Doors покажува како во него храбро се скока, се нурка и освежен се испливува на површината.

Грото од дискусиите за четворката од Атланта се наелектризирани да одговорат на дилемата како, всушност, да ја дефинираат. Барањето соодветен класер за да се смести одредена група знае да биде забавна и информативна игра. Таа, сепак, за искрено љубопитното уво е екстремно небитна. Кога ќе истакнеме оти Royal Thunder – најшироко гледано – на новиот албум се бенд што свири психоделија, алтернатива, блуз, метал, поп и прог споен во флуиден рок, само ги откриваме алатките што тие милуваат да ги користат. Есенцијата на изразот, притоа, не ја погодуваме. На Crooked Doors, освен преку стиховите за меѓучовечките врски, таа го слави и романтизмот на директното, отворено и топло, беседење. Грев е да се каже оти сите 11 траки се балади зашто во многу наврати жестоко рокаат и груваат, ама тие нескриено се гордеат со својата сентиш-деликатност.

Стартот на воведната Time Machine го најавува тонот на интроспекција што ќе следи до финишот, а кој набргу е потврден од освојувачкиот, доминантен, глас на Мини Парсонс. Таа е гневна и уморна од глуматарење, на моменти јавно ја истакнува скршеноста, но демонстрира и страна што е подеднакво присутна на остатокот од плочата – фајтерство. Со некаков Tool-овски, од Undertow ера тон, Џош Вивер ја најавува Forget You и напред ја исфрла и втората носечка улога на изданието – гитарата. Низ целата збирка таа урла, цвичи, мрмоли, галовно пее и бесно се расправа. Наизменично со вокалот, шесте жици ги менуваат ролјите од лирска во епска и обратно. Замаскираното диско на Wake Up и панк-интрото на Floor појаснуваат оти и ритам-секцијата внесува свои нијанси кои се надградени со дисторзираниот бас супер-риф на The Line.

Со оваа трака се затвора половината на материјалот во која што цврстината е за нијанса поистурен лик од мекоста. Преломната Forgive Me, Karma, со ревербот и скалестиот подем од питомост до дисторзија отвора втора страна на збирката, каде што нежноста има одредена предност во однос на грубоста. Слајдот лизга на Glow и на Ear on the Fool и навестува уште една особина што се провлекува низ ова поглавје на изданието – пеачкото раскажување во кантри-фазон. Нејзин врв е триото од One Day и дводелната The Bear. На нив Парсонс не се одделува од воланот, го привлекува рефлекторот само кон себе, а остатокот од групата ѝ постила штура, елегантна „пијано и гитара“, подлога на интимното соголување.

Таа е убедлива на цел албум, но на двојната одјавна шпица е особено потресна додека полека става клуч на поткровјето во кое што се крие Crooked Doors. Со авантурата во звукот и несрамежливоста во текстот, Royal Thunder ги искривува вратите зад кои длабоката меѓучовечка поврзаност се држи на сигурно. Бендот, сепак, може да стои гордо и исправено. Со втората плоча потсетуваат дека, без разлика на попувањето од лажниот, здрвен, интернет-реализам, што често носи студенило, романсата е жива, полетна и нездодевна. Само треба да се пронајде.

Оцена: 82/100

Артист: Royal Thunder
Албум: Crooked Doors [стрим]
Датум на објава: 7 април 2015
Продуценти: Џои Џонс и Royal Thunder
Издавач: Relapse

Листа на песни:
1. Time Machine – 7:08
2. Forget You – 5:20
3. Wake Up – 3:51
4. Floor – 5:00
5. The Line – 5:19
6. Forgive Me, Karma – 5:54
7. Glow – 5:45
8. Ear on the Fool – 6:31
9. One Day – 6:25
10. The Bear I – 2:19
11. The Bear II – 5:37

Слични написи

Остави коментар