Refused – Freedom [Epitaph, 2015]

Freedom

Креативниот израз е извонредно широка нива за редовно одржување панаѓури на суетата. Во било која форма, авторството го буди егото кај поединците и од нив прави мечки нападнати од глад како по долг, студен, зимски сон. Повеќе од што друго, тие се опседнати со одбраната на сопствениот потпис. Бендовите, со оглед дека се збир од индивидуалци, затоа уште од основањето изгледаат оти се осудени на пропаст. Најчесто, тоа и се остварува. Не така ретко, особено брзо. И покрај густината на нејзиниот отров, самобендисаноста не е смртен непријател на составите. Тоа, сепак, се делата што заеднички ги создаваат. Лошите, дури и очајните, не се најопасни. Ако имаат и еден добар сингл, тие можат да донесат години на турнеи и полни концертни сали. Добрите, поточно, феноменалните, се најубиствени. Со нив, кариери се претвораат во рај, но и во пепелиште.

Погледнете ги Refused. Откако во 1998 година ги поместија личните граници, како и тие на хардкор-панкот со The Shape of Punk to Come, а притоа светот не се размрда, групата од Умеа спектакуларно акна од земја и исчезна. Гласно го ширеа слоганот дека се „ебено мртви“, но и во тој период на отворен конфликт со јавноста беше јасно оти при евентуален камбек, последниот албум ќе им ги направи најподмолните сопки. Повратната турнеја дојде и помина, архивите за реизданија се испразнија, по што следеше логичен, ама неочекуван чекор – нов сет од студиски траки. Веднаш штом влезе во рингот на изданијата, класично, или можеби цинично, насловениот Freedom, од спротивниот агол беше дочекан од својот претходник, носителот на креативната титула на шведската четворка. Некако очекувано, молскавично изгуби со крвав, технички, нокаут.

Што и не значи дека првото цеде по деценија и пол на Денис Ликсен и бандата е скиселена колекција, што е типична за кеш-мотивираните рок-обединувања. Не оти тука не се чувствува мирисот на доларите што се вртеле околу студиото во Лос Анџелес каде што се снимени десетте песни. Тие, сепак, содржат доволно од препознатливата аудио-ДНК на групата што прави присуството на можните бизнис-мотиви да не биде пресудно кога фановите би решиле да блујат шлајм по 43-минутното остварување. Главен поттик за хејтот ќе биде фактот што ова, хоризонтално, вертикално, налево, надесно, е најмногу рокенрол со панк-темел, а најмалку хардкор со рок-примеси. Не е револуционерно, на моменти дури и е ретроградно, ама е склопено интелигентно и концизно, а реализирано со елан и динамичност. Изборот на насока може и да е одбивен, но звучи – привлечно!

Никако поинаку – освен атрактивен – не може да се нарече рифот што го пали моторот за вртење на Elektra, како и на плочата. Прашање е колку било мудро, практично единствената химна меѓу овие десет (само Dawkins Christ ја крши по моќност) да експлодира уште на старт, но тоа го покажува и ставот на бендот – дека се непопустливи во намерите, дури и по цена надворешниот свет тоа го сфати како ароганција или терање инает. Игнорирањето на очекувањата на јавноста се потврдува и со полукружното свртување со споукен-ворд, хип-хоп-флертот на Old Friends / New War, а потоа и со Françafrique, каде што не се избегнуваат поп-тенденциите на The (International) Noise Conspiracy. Техното, пардон, EDM-концептот ја води Thought Is Blood, по што War on the Palaces се поврзува со лутиот р’н’р, а Destroy the Man го шмека слушателот со женските, сензуални, позадински вокали.

Искршениот, полуметализиран, грув на 366 малку ги раздвижува нештата, а по неа, Servants of Death ги спојува класичниот рок од 70-тите со фанкот и со југот на САД. За крај останува воглавно атмосферичната Useless Europeans, која и со звукот и со зборовите се истакнува како ода за европејците и бескорисноста што тие ја прикажуваат во современиот, длабоко поделен, дигитализиран свет. Има тука конфронтација, сарказам и потсмевање, меѓутоа, како и на целото издание, овие особини се припитомени, дозирани и ненаметливи. Ако на претходниците и најдраматично, на ремек-делото од 1998 година, бендот беше сè обратно од ова и притоа успеваше да напише генијални песни, сега е случај само второто. Впрочем, тие не се слика за разгорување на вродената дарба туку за одржување на авторската вештина во солидна кондиција. Овој забавен, нереволуционерен, микс, нема на светот да му донесе слобода, ама Refused веројатно конечно ќе ги ослободи од очекувањата изродени од недостижноста на сопственото минато.

Оцена: 75/100

Артист: Refused
Албум: Freedom [стрим]
Датум на објава: 29 јуни 2015
Продуцент: Ник Лонеи, Шелбек, Мајкл Илбер
Издавач: Epitaph

Листа на песни:
1. Elektra – 3:11
2. Old Friends / New War – 4:26
3. Dawkins Christ – 4:03
4. Françafrique – 4:38
5. Thought Is Blood – 4:17
6. War on the Palaces – 3:34
7. Destroy the Man – 3:23
8. 366 – 5:19
9. Servants of Death – 3:42
10. Useless Europeans – 6:31

Слични написи

Остави коментар