My Morning Jacket – The Waterfall [ATO, 2015]

The Waterfall

Не им верувам на бендовите, барем не од збор до збор, кога раскажуваат како снимале конкретен албум. Веројатно поради тоа што не се познаваме лично, но и како резултат на односот слушател-создавач, односно обожавател-популарна фаца, скепсата ми се прикрадува и ми вели оти, делумно, бездруго, измислуваат. Или претерано нагласуваат. Можам да покажам и посилна доверба, ама така ќе останам без забавата што следува со (наводно) објективното набљудување на делата. Имајќи ја предвид целата оваа соминчавост, сепак, на My Morning Jacket им поверував кога читав дека најтазе цедето, The Waterfall, го снимале веднаш до плажа близу Сан Франциско, дека заедно готвеле, шетале навечер, а небото ги обвивало и ѕвездите им виселе баш над главите. Оваа приказна е претерано романтичарско-рокерска за денешните дни, ама плочата целосно ја потврдува.

Кохезијата, силата на привлекување што владее меѓу одредена група луѓе, беше врвна карактеристика на составот во неговите најдобри денови. Таа кулминира на генијалниот Z, но веќе на наследникот, Evil Urges, формацијата од Луивил изненадувачки ја изгуби и стана банда инструменталци ментално опседнати со изведување експерименти со своите инструменти. Не беа очајни, ама имаше и премногу мигови кога ништо од тоа не функционираше. Врската, колку-толку, се поправи на Circuital за четири години подоцна, на The Waterfall, да биде, во најголем дел, суштински возобновена. Затоа, кога ќе ја пуштите колекцијата и на лаптопот ќе отворите фотографија од местото на снимачкото злосторство, Стинсон Бич, Калифорнија, инстантно ќе најдете корелација меѓу десетте песни и топлината на песокот, широчината на океанот и светлината на сонцето.

Локомотива на оваа испреплетеност се гитарата и гласот на фронтменот Џим Џејмс. Тој по одвај пет секунди го отвора дискот со кревок монолог на Believe (Nobody Knows), а кога ќе кулминира со високите вокални тонови, соборците се тие што компактно додаваат ритам, дисторзија и клавијатури. Пејачот повикува да веруваме, без притоа да наметне во што и како, бидејќи, едноставно – „никој не знае“. Со Compound Fracture петорката ја воведува својата јужњачка кантри-рок страна, за истата на крај да се претвори во спејс-психоделија. Акустиката го смирува темпото во Like a River, каде што и госпелот се открива во можност за фестивалско-стадионско пеење со илјадници грла. Ако ова е балада за корнење арени, In Its Infancy (The Waterfall) е нејзина бучна, риф-сестра. Народното, она американското, со пластични жици уште повеќе смирува на Get the Point.

Контрастот следи со наредното парче, Spring (Among the Living), чијшто дух на разиграност и распеаност е огледало на стиховите кои укажуваат на моментот што повеќето го знаеме – подготвката за доаѓањето на пролетта. До одјавата, шестте минути на траката вриштат од махерско ко-солирање на гитари, кршење тапани и тишина распоредена на вистински точки. Блузирањето пристигнува со слајдирањето на Thin Line, а Big Decisions истото го претопува во маестрален, епски широк и длабок рефрен, на којшто, сеедно, подеднакво ефикасно можете да се исплачете или изнасмеете. Интровертноста фрагилно ја стартува Tropics (Erase Traces), но етапно еволуира во рифовска експлозија на екстровертност. По ова извонредно се надоврзува повлечената, осамена, барска атмосфера на Only Memories Remain која се лелеави седум минути и без ронка брзање праќа сигнал за затворање на кориците.

Поради колоритната обвивка, буквите и тоновите продолжуваат да лебдат меѓу нив, но не како во излитена, заборавена, книга туку како во мазна, миризлива, сликовница. Или уште подобро – како во илустриран, стрип, роман. Истакнато читливите строфи на лидерот подвлекуваат оти не се работи за занимлива, но детинеста, акција, туку за драма полна со прашања, потенцијални одговори, со падови и догледни подеми, со тага и срамежливи насмевки. Џејмс изјави дека насловот на албумот е метафора за тоа како животот постојано те претепува до земја и како навистина ти треба време да го запреш за да се пробиеш. Ова е само тврдење на авторот што никој не треба да го прифати заслепено, но од тоа што My Morning Jacket го осмислиле и реализирале, The Waterfall искрено зрачи со енергијата која се раѓа во човечкото преиспитување, еволуира со осознавањето и се оформува во надежта. Таа, несомнено, не е магично решение, ама само со неа изгледа возможно продирањето низ каков бил водопад што со сигурност ќе ти се испречи на патот.

Оцена: 85/100

Артист: My Morning Jacket
Албум: The Waterfall
Датум на објава: 4 мај 2015
Продуценти: Такер Мартин, Џим Џејмс
Издавач: Capitol/ATO

Листа на песни:
1. Believe (Nobody Knows) – 4:56
2. Compound Fracture – 3:44
3. Like a River – 4:50
4. In Its Infancy (The Waterfall) – 5:12
5. Get the Point – 3:01
6. Spring (Among the Living) – 6:01
7. Thin Line – 4:03
8. Big Decisions – 3:53
9. Tropics (Erase Traces) – 5:10
10. Only Memories Remain – 7:11

Слични написи

Остави коментар