Mutoid Man – Bleeder [Sargent House, 2015]

Bleeder

Промо-спотот за Bridgeburner, песната што го отвора албумот Bleeder, содржи момент што најкусо и најсликовито го опишува лонгплеј дебито на Mutoid Man. Најпрво, Ник Кејџио удира длабок, пештерски, тон на басот и остава жиците да одѕвонуваат со дисторзија. Истото неколкупати го повторува со мали варијации. Во меѓувреме, Стивен Бродски ја згуснува тензијата со фонија од гитарата. По ова доаѓа клучниот миг: разлетан, мелодичен, епско-металски бас-риф. На него реакцијата може да биде само таа што Бен Колер ја прави, а камерата го фатила во вистинските секунди. Нема тука ништо исфорсирано. Зачудената насмевка, отворените очи и климањето на главата од неверување, се најприродниот потег кога фановите меѓусебно споделуваат восхит од тоа што го слушаат. А овие 10 траки нудат фестивал од такви мигови измислени за ушно-духовни радости.

Стокмени во внимателно филтрирани 29 минути, тие махинално не ги спојуваат световите на Колер (Converge, пред сè, ама и катаљон други) и на Бродски (Cave In). Двојката не прави ниту драстичен експеримент што подалечен од матичните состави. Наместо силовито да бегаат од тоа што го знаат најдобро, само поради глупав протокол, тие ги жнеат претходните искуства и ги фузираат во некаков, чисто нивен, распаметен рокенрол. Точно, ова, најмногу од сè, е рок. Да, тој е тежок. Откако ќе се истури, мачно е и со отров-разредувач да се извади од што е мрсен. Неуморен е поради хардкор и панк-агресијата, но, во суштина, Bleeder е динамична, концизна и разлудена р’н’р плоча. Длабокиот бас на Кејџио, што дрма нозе и буши стомак, е тој што гитарско-тапанската ѕверштина ја обвива со облак зацрнет како оние што истураат кисели дождови.

Освен со брзината, панкерството на колекцијата е присутно и со ефикасноста. Можел да трае и 40 минути или цел час, но сè повеќе од понуденото ќе било одвишно. Групата имала простор да уфрли и пар траки плус, ама десеткава го постигнува тоа што е клучно за секој снажен албум – правилната рамнотежа на сите вклучени елементи. Таа забранува предолги сегменти, бескрајно дудлање на инструменти и пополнувачи на простор. Тука, сè ова е прочистено. Откако ударнички ќе тргне со Bridgeburner, која има супербенгерски успорен финиш, бендот прави жиците да цвилат на Reptilian Soul, а да скокаат од среќа на Sweet Ivy. Математичкиот рок се врзува со бестијалниот треш на 1000 Mile Stare, по што срдбата од планетарното надгледување како вулкан се распрскува на сите страни од Surveillance, а од тапанското парталење на нејзиниот излез, армии си ги виткаат опашките и фаќаат магла на Антарктикот.

Буги-вугито, без пијано, туку со жесток риф, се појавува на Beast, додека басот го тера орото на прекршената Dead Dreams која се одјавува како багер што без мака гмечи десетици заспани автомобили. Контролираниот хаос владее со Soft Spot in My Skull, а Deadlock се шири со брзина на шап и лигавка во 90-тите и служи како феноменален контраст на одјавната шпица. Последната и најдолга, шестминутна, насловна, трака, е манифест со којшто составот прикажува дека одвнатре го познава и слаџот. Сам по себе, инструменталниот дел на песната е титански тежок, но растегнатите извици на Сарабет Линден и на тоа додаваат монолитност. На крај, таа, заедно со сè насобрано од претходно, се здробени од риф со годзила-формат и халк-беснило. Пауер-триото тука го запира циклусот на мелење, а слушателот си мисли оти е пудинг. Мајсторските мелодии, со кои беспрекорно е извезена секоја композиција на Bleeder, прават оваа состојба да се прифати со мерак. Не ни може поинаку, штом се чувствува дека Mutoid Man во албумот исцедиле крв и притоа – цело време се смееле.

Оцена: 90/100

Артист: Mutoid Man
Албум: Bleeder [стрим]
Датум на објава: 30 јуни 2015
Продуцент: Курт Балоу
Издавач: Sargent House

Листа на песни:
1. Bridgeburner – 3:02
2. Reptilian Soul – 2:52
3. Sweet Ivy – 3:04
4. 1000 Mile Stare – 2:21
5. Surveillance – 1:46
6. Beast – 1:58
7. Dead Dreams – 2:32
8. Soft Spot in My Skull – 2:24
9. Deadlock – 3:11
10. Bleeder – 5:54

Слични написи

Остави коментар