Crypt Sermon – Out of the Garden [Dark Descent, 2015]

Out of the Garden

Епските сцени, измислени или фактички, го вкрстуваат патот со хевиметалот, практично, од раните фази на неговото основање. Акордите, што одѕвонуваат како ехо меѓу џиновски планински врвови, ритмичките удари, кои тропотат со сила на титанска армија и вокалите, кои потчинуваат сè и секого со продорните извици, веројатно немаат поприродна сцена за развивање од онаа најшироката. Таа најчесто опфаќа цели светови до последен детаљ креирани од генијалци како Џ.Р.Р. Толкин или конкретни настани чија величина се мери со импактот што го имале врз човечката историја. Има примери и кога небулозно се губат во проповеди, меѓутоа, најчесто, метал-артистите во епопеите пронаоѓаат доволно силен габарит што би издржал под нивните чизми кои ѓаволски натежнуваат од чудачки симболики, извитоперени паралели или, напросто, полудена реалност.

Групата од Филаделфија, Crypt Sermon, на дебито Out of the Garden прикажува мајсторски познавања од областа епштини-металштини. Воглавно, тие црпат од христијанските басни. Освен што е веднаш воочлива од крстот во логото, оваа тематика укажува на друга, слична и клучна, инспирација за петорката – Black Sabbath и нивната неповторлива дум-естетика. По религијата, на седумте траки речиси ист простор е отстапен и на толкувањето митови и испревртувањето легенди. Со сè што му е на располагање, бендот креира фантастични приказни кои се надоврзуваат и на моменти ја предводат, проколнатата и прогонувачка, но особено привлечна херојска атмосфера. Талкачки витези, битки на отворено поле, древни повици, свети господари, цврсти морални убедувања и идеали кои го допираат небото, сè ова наоѓа место во 42-минутниот материјал.

Традицијата, притоа, е врховниот владетел, а има ли поголема хеви-класика од вовед со црковен хор и оргули кои се издробени, иситнети, на микропарченца со рифот на Temple Doors. Вратите од храмот уште повеќе ги отвора воинствениот вокал со што составот обзнанува дека баш гитарата и гласот ќе бидат ударните копја до крајот на изданието. Грувот се разлева како катран на стартот од Heavy Riders, а експлозиите на двоен бас истакнуваат оти бендот сака да вбризгува и рафални стрелби во својата бавна, топовска, артилерија. Кога тежината преку успореност е во прашање, Byzantium убедливо предничи со спротивноста меѓу високите, грлати, крици и ниските, шестжичани, потоци. Секирите замавнуваат со ритмички паузи на Will of the Ancient Call, што ги прави уште пострашни, а сајзерите и акустиката потоа смируваат на Into the Holy of Holies.

Состојбата, секако, е лажна бидејќи по две минути веќе е прерасната во треш-спид вител што најпрво дере кожа со беснило, па го смирува печењето дувајќи ја со гласовно торнадо. Тишината од овој пустош е перфектна за The Master’s Bouquet да се појави етапно, станувајќи сè погласна додека фронтменот не ѝ ја даде конечната форма со мини-точката од соло-вокал. Како што доаѓа, песната си заминува скалесто надолу кон безвучноста, но тоа трае кратко затоа што последното, насловно, парче, повторно го крева амбиентот до височините за таму да детонира во судар на сите инструменти по што гитарата, скоро без дисторзија, со неколку тонови, медитативно ги затвора портите на епопејата. Како и сите отсонувани или изживеани случувања пренесени во ваква форма, така и Out of the Garden изобилува со нагласени емоции, потресни трагедии и драми во какви што само човекот може да западне. Најголем успех на Crypt Sermon е што на албумот му дале моќен, вовлекувачки, карактер на древност и величенственост, а притоа не звучат како рицари загубени во времето и задушени од сопствената претстава за благородност.

Оцена: 80/100

Артист: Crypt Sermon
Албум: Out of the Garden [стрим]
Датум на објава: 24 февруари 2015
Продуцент: Артур Рицк
Издавач: Dark Descent

Листа на песни:
1. Temple Doors – 6:44
2. Heavy Riders – 5:55
3. Byzantium – 4:54
4. Will of the Ancient Call – 5:19
5. Into the Holy of Holies – 7:54
6. The Master’s Bouquet – 4:43
7. Out of the Garden – 6:57

Слични написи

Остави коментар