Tame Impala – Currents [Modular, 2015]

Currents

Бескрајната потрага по гралот на перфекцијата баш и не е особина вкоренета во рокенролот. Предолга е листата на автори кои станале икони на жанрот, а ниту нота не прочитале во животот. За таквите, слухот, чувството – интуицијата – им биле секогаш поважни од правилните хармонии и прецизните скали. Пожолтени салфети или тоалет-ролна што е пред потрошување за нив се доволни за крпење планетарен хит, а листовите со нотација им служат само како подметнувачи за цртање кругови со шолјите за кафе. На одреден начин, таа недоделканост, тој антистручен пристап, тие експлозии на музичка необразованост прават рокот да биде израз непосредно врзан со непредвидливоста на луѓето, а не со крутоста на правилата. Токму затоа фасцинира колку Currents, новиот диск на Tame Impala, е детално измазнет, но не и стерилен – студен – приказ на човечкото искуство.

Гледано низ аудио-призмата, албумот е електронски, во смисла дека е опседнат со продукцијата, а не со риф-суровоста. Есенцијата, сепак, му е психо-рокерска затоа што е изнедрена од креативниот ум на само еден човек. Кевин Паркер не е Бетовен, но на третата збирка на неговиот бенд (или поточно, соло-остварување поради кое е собрана група за да го свири во живо), тој очигледно минал часови и часови додека не ги исполнил екстремно високите индивидуални критериуми. И на крајот – убеден е дека плочата е целосно неслушлива. Настрана скромноста (дури и да е лажна), Currents е токму спротивното: авторска збирка со мекост и со приемчивост каква што немаше ниту во Innerspeaker ниту во Lonerism. Овие две изданија беа за пар скалила понеизбрусени, ама не и груби. Топлината и во нив се забележуваше, а сега е испишана по целото 50-минутно трето цеде.

Паркеровото бркање безгрешност се чита веднаш, по првите секунди од Let It Happen. Таа повикува на нуркање во тиркизниот океан на обземачка атмосфера и на безброј ситни мигови. Во поглед на амбиентот, тој се гради со широчината на синтисајзерите и на гитарските педали, додека деталите варираат од сè што може да се исцеди од клавишите до оркестрации на жичени инструменти. Ова, пред сè, е албум за слушалки бидејќи така најдобро може да се пребуричка по сè што авторот скрил во нивоата на цеде-пластика. Скоро подеднакво добро, сепак, опстојува и во соба, ако е доволно замрачена, или во автомобил, доколку патот е кривулест ала француско-италијанска ривиера. Изданието има и неколку траки кои не можат баш да се наречат песни, туку повеќе се вовед во тоа што следи или дообјаснување на она што претходи.

Освен Nangs, такви се и Gossip и Disciples. Повикот за препуштање на настаните од воведното парче, се доразвива на The Moment, каде што мелодијата брилјира, а фронтменот го опишува исчекувањето на моментите на одлука или на пресврт во животот. Наглиот прекин фино ја истакнува промената што доаѓа со староста и со зрелоста, а која не е причина за тагување во Yes I’m Changing, па Eventually, со рефрен без зрно зајадливост, изразува надеж оти по кршењето на љубовното ѕвоно, среќата – некогаш – ќе дојде. Како и по секој финиш на романса, поубаво е што помалку да се знае, а The Less I Know the Better тоа го раскажува со фанк од заразни 70-ти пропорции. Навраќањето, секако неуспешно, на стариот живот е во центар на Past Life, по што ‘Cause I’m a Man, помалку стереотипно, напред ги исфрла оправданијата за тешкотиите што ги носи машкоста.

Авторот се впушта во нова интимна поврзаност на Reality in Motion, ама ова не се случува без премислување и сомнеж. Истото се потврдува со ставањето коса црта помеѓу љубовта и паранојата на Love/Paranoia што, практично, е како да се одвоени со знак за еднакво. Финалето, како своевидно олеснување, доаѓа преку New Person, Same Old Mistakes каде што потписникот на стиховите и на звукот конечно прифаќа дека иако несомнено станал нова личност, голема е можноста и понатаму да ги прави истите грешки. Испраќајќи ги слушателите баш со ваква песна, каде што актуелната потреба на Паркер за поп-концизност се спојува со неговата олд-скул рок-поткованост, се истакнува дека овој австралиски проект-бенд никогаш не бил фиксиран за една форма, ера или креативно уверување. Со Currents, највешто досега во кариерата, Tame Impala појаснува оти и во иднина најмногу ќе ги слуша и следи своите, внатрешни, струи на транформацијата без воопшто да се плаши каде ќе ги одведат и што од нив ќе направат кога таму ќе пристигнат.

Оцена: 90/100

Артист: Tame Impala
Албум: Currents [стриминг]
Датум на објава: 17 јули 2015
Тон-мајстор: Кевин Паркер
Издавач: Modular / Universal

Листа на песни:
1. Let It Happen – 7:46
2. Nangs – 1:47
3. The Moment – 4:15
4. Yes I’m Changing – 4:30
5. Eventually – 5:19
6. Gossip – 0:55
7. The Less I Know the Better – 3:38
8. Past Life – 3:47
9. Disciples – 1:48
10. ‘Cause I’m a Man – 4:01
11. Reality in Motion – 4:12
12. Love/Paranoia – 3:06
13. New Person, Same Old Mistakes – 6:02

Слични написи

Остави коментар