19/10/2017

Страјк – Земен рај [Шурикен, 2015]

Постирано на 03/09/2015 од во Албуми, Музика

Zemen raj

Ако за нешто можеме да ѝ бидеме благодарни на Македонија – освен за патлиџаните, пиперките и лубениците – тоа е инспирацијата. Не верувам, барем не религиозно, дека во најодвратните услови се раѓа најпрекрасната уметност. Тогаш, креативецот мора да дејствува дупло – да цркне од работа за да преживее и да се издигне од состојбата на полупцовисаност за да пренесе што сè е приморан да проживее. Да беше ова челично правило, социјално перфектната Скандинавија ќе го извезуваше најшупливиот метал, а најбогатата Америка ќе нудеше исклучиво изветвен хип-хоп. Моќни авторски дела се појавуваат и кога сè е (приближно) супер. Некако, сепак, сум убеден дека испилените во траорно опкружување се повредни од оние расцветани во околина совршена како шатерсток-фотографија. Неспорно е оти политичката смрдеа и човечка затруеност на нашево гето може да биде муза, ама тежок е патот од претепаност до поттикнатост.

Скопскиот рапер Страјк на новиот албум „Земен рај“ наоѓа сила во себе, колективното гниење го претопува во индивидуална катарза, а притоа – општиот хорор не го маскира во симболи туку срдечно го прифаќа и го користи како алатка за директен израз. Ова е срцевината на пристапот што тој извонредно го претстави на соло-дебито „Кутија“, а уште од воведната трака, „Слепа“, се разјаснува дека продолжува во истата, замрачена, ноќна мора-насока. Тој веднаш рецитира за „мисли црни како ќелија“, повикува да се „испие целата мизерија“ и да се „потоне во гневот и во целата депресија“. Како ова да не е доволно, следува дишење смрт, душмани удавени во река од крв и отворен исказ дека нема баланс, туку оти стилот на авторот е црн како гавран. Лесно е во овој тон да се најде изговор за одбивност, но раперот е нагласено самоуверен и природен, поради што и најголемите позитивци можат да бидат привлечени од ваквата злокобност.

Уводот е особено суров, меѓутоа, ако гледаме без УВ-очила на пропагандата, земјава е гнасна јама на проклетството. Да, баш така, лидер по одвратна назадност, а не според растечка економија. Страјк не е политички настроен, ама сиот регрес, сето пропаѓање што катадневно ни се случува на сите полиња, и тоа како е резултат на маневрите од политикантските крими-ѓубриња што со децении ја водат државата. Хип-хоперот не само што не го избегнува, туку своеволно се фрла во котелот на заедничката пропаст и одвнатре пренесува како стојат работите. За разлика од вечерниот ТВ-дневник, каде што тие се раскажани во романтична комедија, „Земен рај“ ги става во психолошки трилер. Мака мачиме со стресот од неговите ненадејни, нагли, промени во заплетот, а може да претпоставиме колку црнило ќе гребеме од долгорочните последици. Не само што не се плаши од нив, туку изгледа како раперот да ужува во нивната кобност.

Така, тој во „Поздрав“ отвора фаци, во „Правда“ прогонува во сон како Фреди Кругер, во „Бам“ ги прозива љангарите кои станале страв и трепет во градот, а за истиот во „7 62“ укажува оти одредено време метастазира. Луѓето јадат луѓе во „Кругот на омраза“, жутото не треба да се пипа и да е добро како вечна пролет во „Писмо“, а на асфалтот е сјебано во „Стрит поетикс“. Во срцето врне црн снег во „Тие што знаат, знаат“, додека сè е параноично и сиво, а хипнозата е масовна во „Потрага по живот“. Бездруго, цедето не е само од катран, па маалскиот пристап во „Грув ноќен“, симпа-трипот за 90-тите во „Носталгија“ и важноста на фан-погледот во „Засекогаш“ внесуваат и зрак придушена светлина во темниот бунар. Таму, одекот на стиховите кои сечат како сатар е нагласен од битови и семплови чија меланхолија блика од потресните женски вокали, жичените инструменти и подзаборавени македонски поп-мелодии. Аудио-лицето на материјалот создава потиштена атмосфера, но отвореноста на Страјк во зборовите не дозволува таа да биде патетична туку ја прави прочистувачка. Не се добива одговор дали овоземниот рај, всушност, е планетарен пекол. Или дека рајот е тука, но силеџиите ни го зеле. По дијалогот со албумот, сепак, последното чувство не е она на пораз, туку на разбирање и на ослободување.

Оцена: 84/100

Артист: Страјк
Албум: Земен рај
Датум на објава: 20 март 2015
Продуцент: Диџеј Гоце (С.А.Ф.)
Етикета: Шурикен

Листа на песни:
1. Слепа – 3:27
2. Поздрав – 2:57
3. Правда – 3:00
4. Грув ноќен – 3:10
5. Бам – 2:28
6. 7 62 – 3:49
7. Кругот на омраза – 3:14
8. Носталгија – 4:12
9. Засекогаш – 3:36
10. Писмо – 3:13
11. Стрит поетикс – 3:44
12. Тие што знаат, знаат – 3:41
13. Потрага по живот – 3:10

Тагови: , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>