Lamb of God – VII: Sturm Und Drang [Epic, 2015]

Sturm und Drang

Чистите, питоми и мелодични, вокали никогаш не биле дел од звучната азбука на Lamb of God. Објективно, во опкружување на бенд којшто гласот го користи како брусалица, гитарите ги сфаќа како циркулар, а со тапаните прави фабрика од дрвната индустрија, нема место за галовно пеење. Имајќи го ова предвид, тоа што групата од Ричмонд, на средината од новиот албум, VII: Sturm Und Drang, за првпат се распекмезува, веројатно би требало да се прифати како знак дека го достигнале шифт + дилит статусот. Кога ќе се додаде оти во споменатата песна, Overlord, тивко вриштат и блуз-влијанијата, логично е и ладен срам да го обземе секој што, помалку или повеќе, го следи составот активен од 1994 година. Да не се лажеме, во сè ова можат, дури и оправдано, да се најдат голем број фанови. Спроти нив, пак, ќе бидат тие што баш во овој чекор ќе видат нова виталност.

Не толку поради самата, ризична, одлука одненадеж да се мелодизираат, туку како резултат на убедливоста со која што петорката врти кон препознатливата бруталност во истата композиција. Таа содржи и клишизирани, метал-балада, нежности, меѓутоа, спојот на контрастите е зрел, стегнат и прочистен, а во него се слуша дека членовите – особено гитаристите – растеле и со други изведувачи вон жанрот на којшто припаѓаат. Плус, кога ќе дојде време за рифови, цел гнев, што се таложи додека гласот и инструментите се лелеават, прави параспур од интердимензионални пропорции. Откако тоа ќе се заклучи, лутината што блика од самиот старт на изданието станува уште поуверлива. Уште од почетокот се добива впечаток оти, конечно, по три просечни плочи, квинтетот се издигнал над стандардот и кога помислуваш „готово, се посраа со пеењево“, траката се развива во еп што изненадува со секое следно вртење.

Преку првите пар слушања, пак, се забележува оти Lamb of God, својот познат вокабулар го вбризгале со одамна потребната, свежа, енергија. Главна причина за тоа, по сè изгледа, е времето што фронтменот Ренди Блајт го мина во затвор чекајќи судење за наводно убиство без предумисла во Чешка. Тука е и распадот, што, реално, одредено време висеше над групата. Трагата што КПУ „Панкрац“ ја оставил врз 44-годишниот фронтмен е испишана уште на првата трака, Still Echoes. Додека тој од петици вреска за илјадниците судбини кои завршиле под гиљотината на нацистите или раскажува оти цела југоисточна Азија е собрана во еден блок, инструменталната четворка рие како џиновски мотокултиватор. Жестината, побрзо и трешерски, се шири на Erase This, а зборовите сечат низ незапирливата потреба на луѓето кон сè и секого да бидат негативни. Потоа, со бројот на келијата во која престојувал, 512, пејачот, преку нагласен рефрен, се соочува со фактот дека рацете му се обоени црвено, а иднината црно. Бендот – го надополнува мракот рокајќи со хеви-грув и кулминирајќи со епско соло.

Иако почнува со интересен, квазиндастриал, продукциски трик, Embers се држи до лемб-оф-гад-шемата пред неочекувано да ја растури со гостувањето на Чино Морено од Deftones, кој во средниот дел, изненадувачки добро, се вклопува со етеричниот, развлечен и нежен, вокал. Ова е уште еден миг, како Overlord, што, на хартија, не би требало да функционира, ама снимен, звучи сосема природно. Со Footprints возот се враќа на разлутениот колосек, а Блајт блуе оган по нешто што во Македонија е особено познато – стоката луѓе кои, откако ќе си направат супер жур во природа, зад себе оставаат брдо пластични и други лајна што ќе се распаднат кога ќе се родат нивните правнуци. Двојниот бас, средното темпо и успореното рифување ја возат Anthropoid како надуени гангстери. Пристапот и на Engage the Fear Machine не се разликува премногу, со тоа што стиховите, за паранојата што ја шират масовните медиуми, додаваат апокалиптичен оган.

Острите трешоини, како телепортирани од 80-тите, кога стилот доминираше со метал-подземјето, на Delusion Pandemic се прекршени со мегафонски монолог со којшто фронтменот ја таргетира бесполезноста на низа аспекти од интернет-културата. Новопронајдената потреба за атмосфера се враќа во првиот сегмент на Torches. Грег Пукијато од The Dillinger Escape Plan, со измачена и растечена мелодија, креира опкружување соодветно за строфите. Авторот ги посветува на Јан Палах и со нив се прашува под каква опресија треба да биде индивидуата за, како тој во 1969, да се самозапали во знак на протест.

Ова јако затворање со уште една тема поврзана со Чешка истакнува оти Блајт пронашол поттик во губењето на слободата. Пресудно за успехот на Sturm Und Drang, сепак, е што не посегнал по првото нешто му било на дофат – пишување затворски хроники. Наместо сувопарно да се дави и да нè гуши со личната, емотивна, состојба, тој лоцирал паралели, симболи и дилеми со покрупно, универзално, значење. Тоа го направило албумот особено бистар и читлив, а Lamb of God ги натерало пак да го откријат нагонот за вистинско јуришање.

Оцена: 80/100

Артист: Lamb of God
Албум: VII: Sturm Und Drang [стрим]
Датум на објава: 24 јули 2015
Тон-мајстор: Џош Вилбур
Издавач: Epic

Листа на песни:
1. Still Echoes – 4:22
2. Erase This – 5:08
3. 512 – 4:44
4. Embers (feat. Chino Moreno) – 4:56
5. Footprints – 4:24
6. Overlord – 6:28
7. Anthropoid – 3:38
8. Engage the Fear Machine – 4:48
9. Delusion Pandemic – 4:22
10. Torches (feat. Greg Puciato) – 5:17

Слични написи

Остави коментар