12/12/2017

Kendrick Lamar – To Pimp a Butterfly [Interscope, 2015]

Постирано на 16/09/2015 од во Албуми, Музика

To Pimp a Butterfly

Славните фаци од музичката сцена, како и популарните ликови од какво било потекло, во суштина, се бескорисни паразити. Тие лакомо цицаат од потребата на јавноста за произведување и восхитување идоли, а создаваат – или почесто, некој им штанца – продукти чиј рок на траење завршува како што ќе им помине редот на хит-плејлистата. Не сите и не отсекогаш, се симбол за шуплината што во неповрат исчезнува во медиумскиот бунар без дно. Некои биле прогресивни музичари пред да ги уназади ѕвездениот статус, а други значењето на музиката го заборавиле кога сојузот со таблоидите ги направил ѕвезди. Кога таквите ќе почнат со продавање измислена, дополнителна, вредност, во устата тече оцет, а стомакот сонува керамички школки. Ако не верувате, пуштете изјава од Боно за „гладните во Африка“ и подгответе се за грчеви.

По сите параметри, Кендрик Ламар, барем во САД, припаѓа на кланот што, со реална или со СФ-причина, везден покорува насловни страници и полни жолти веб-постови. На новиот албум To Pimp a Butterfly, 28-годишниот хип-хопер од Комптон, сепак, нишани значително подалеку. Негова цел е искористување на сопствената селебрити-позиција за креирање дело што ќе остави трага, наместо да делува опортунистички, трагајќи простачки начини за лична популаризација. Несомнено, тој неколкукратно ја набилда својата величина по објавата, но овие 16 музичко-ритмичко-стиховни парчиња тоа го постигнуваат со интелигенција, неизвалкани човечки емоции и проникливост за актуелните социо-политички случувања. Плочата поради тоа е поблиска со издржаноста и долговечноста на литературата отколку со шоуменството и краткотрајноста на гиф-манијата.

Настрана правењето алузија со насловот на класикот на пишаниот збор, To Kill a Mockingbird, Ламар е поврзан со книгите и со врховниот талент за креирање изолиран свет со посебна, опивачка и сеопфатна, атмосфера. Ако Харпер Ли во „Да се убие птицата подбивница“ со машината за чукање ги наслика односите во закржлавено расистичкиот американски Југ во 60-тите, Кендрик во „Да се разубави пеперутка“ пет децении подоцна раскажува за – практично – истата состојба, меѓутоа, со фри-џез конверзации, семпл-интерпункции и со описи оживеани од крајно персоналните искуства. Низ целиот албум се расфрлани сегменти од споукен ворд поема со кои авторот ги навестува темите што потоа ги обработува во песните. Тоа делува и како обраќање кон било кој црн артист што ќе се пробие, а на крај и конкретно – кон идолот Тупак Шакур.

Не може да се каже дека е антикапиталистички, ама богатењето во овој систем и како личноста се корумпира преку сè што прави за тоа да го оствари, веројатно е прашањето што најчесто провејува во To Pimp a Butterfly. Ламар, притоа, е јасен и отворен во стравот што би требало да се јави кај кој било обичен човек што со чист морал дошол на слична позиција – дали и самиот ќе деградира откако ќе се вклучи во машината. Изгледа поради тоа го отвора албумот со Wesley’s Theory, што се однесува на подемот и падот на Весли Снајпс и е перфектен пример за предупредување. Кендрик потоа во низа наврати влегува во дуел со макроата од музичката индустрија во For Free?, For Sale? и You Ain’t Gotta Lie. Потенцијалот за физичко и духовно расипништво што го носи трупањето пари е обработено во Institutionalized, спротивностите меѓу врвот и дното на општеството вријат во King Kunta, како и во првиот сингл i, а во These Walls има дијалог на вагинални ѕидови, алузии за прерана бременост и абортус, но и за бедеми во затвор.

Последнава разноликост подвлекува дека To Pimp a Butterfly е колекција која, покрај што се слуша, и се чита. Внимателно, во целина, со текстовите во рака. Поради тоа, баш и не може да се издвои трака што е типичен, радиски, хит-сингл, освен можеби How Much a Dollar Cost и нејзиното соул-беседништво. Меѓу останатите, отскокнува и The Blacker the Berry со гневот и повратниот, нагласено агресивен, удар што таа го испраќа на сè уште присутниот расизам во Америка. Причина плус за неможноста (и излишноста) да се издвојуваат песни е и музичката – инструменталната – страна на материјалот. Раперот има плејада од семплови и гости на располагање, но бендот од пијано (Роберт Гласпер), тенор-саксофон (Терас Мартин) и бас (Тандеркет) е ткивото што сè врзува бидејќи е дел од буквално секоја композиција. Има моменти кога ќе помислите дека се оставени на раат да си свиркаат во позадина, ама мелодиите и рифовите на кои се навраќаат потврдуваат оти се неразделни од сите аудиоактивности.

Тие ревносно го следат авторот. Кога е бесен, звукот му парира со гнев, кога тој се преиспитува лирично, тие го надополнуваат елегично, кога блика од радост, и тројката балансира со грув. Генерално, групата се држи до фри и фјужн џез, рок и фанк од 70-тите, но уфрлува и посовремени, конфронтирачки, елементи. Нема подобар пример за фузијата меѓу нив и Ламар од 12-минутното финале на Mortal Man. Во првиот нејзин сегмент, тие нудат Шафтовски саундтрак, но кога ќе почне замислениот дијалог со Тупак, зборовите ги бојат апстрактно. Додека Кендрик го „интервјуира“ покојниот рапер со прашања што и самиот ги опфаќа на плочата – слава, збогатување, интегритет, гето – бендот доаѓа во преден план па се губи во бекраунд. Нивниот „разговор“ е кулминација на приказната што помладиот хип-хопер претходно ја раскажува, а поради инструментите, сè ова звучи како да се одвива во лаунџ бар од ноар-филм во Лос Анџелес.

Епилогот на овој дијалог меѓу уметникот што беше убиен пред до крај да се реализира и артистот што моментно ги остварува своите замисли, а може на сличен начин да биде изеден е – брилијантен. Талентот од Комптон рецитира поема за гасеницата што е затвореник на улиците кои ја испилиле. Правејќи извонредна паралела со животот во полудениот град, авторот го разоткрива симболизмот распослан во претходните 15 траки. Таа е пренесена со многу слоеви и стадиуми, но суштината ѝ е едноставна: ларвата и пеперутката се, истовремено, различни и исти, а работата на кожурецот е институционална пречка што оневозможува едната да еволуира во другата. Колку и да делува романтично и идеалистично, истото може да се каже и за хип-хоп жанрот. Ако суровите улици ја направиле грдата ларва од која што се родил, тогаш Кендрик Ламар со To Pimp a Butterfly успешно го „испимпал“ во прекрасна пеперутка.

Оцена: 92/100

Артист: Kendrick Lamar
Албум: To Pimp a Butterfly
Датум на објава: 15 март 2015
Продуцент: Кендрик Ламар и други
Издавач: Interscope / Top Dawg / Aftermath

Листа на песни:
1. Wesley’s Theory (feat. George Clinton & Thundercat) – 4:47
2. For Free? (Interlude) – 2:10
3. King Kunta – 3:54
4. Institutionalized (feat. Bilal, Anna Wise & Snoop Dogg) – 4:31
5. These Walls (feat. Bilal, Anna Wise & Thundercat) – 5:00
6. u – 4:28
7. Alright – 3:39
8. For Sale? (Interlude) – 4:51
9. Momma – 4:43
10. Hood Politics – 4:52
11. How Much a Dollar Cost (feat. James Fauntleroy & Ronald Isley) – 4:21
12. Complexion (A Zulu Love) [feat. Rapsody] – 4:23
13. The Blacker the Berry – 5:28
14. You Ain’t Gotta Lie (Momma Said) – 4:01
15. i – 5:36
16. Mortal Man – 12:07

Тагови: , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>