High on Fire – Luminiferous [eOne, 2015]

Luminiferous

Теории на заговор последен пат ме интригираа при крај на средно училиште. Тие се годините кога буричкаш, или барем кога е здраво и пожелно, во сè и сешто. Додека се запишав на факултет се оддалечив од конспирациите. Разумот, оној пристојно поткован со информации, не може предолго да издржи небулози. На книгите со светски и космички тајни планови сега гледам како на фин додадок во мојата листа на прочитана фантастична литература. Целата таа фаза, сепак, си имаше и навистина позитивна страна. Колку и да се бесмислени, тезите за друштва кои затскриено сè контролираат и манипулираат развиваат ниво на скептицизам за којшто, на пример, просечниот македонски гласач може само да сонува. Ако сака, секако, поголем успех во животот од не-работа во државно-партиски јасли од осум до, максимум – два.

Мет Пајк, од друга страна, на најпресниот албум од својот бенд High on Fire ги отворил конспиративните вентили до крајната точка и – ги оставил да рѓосаат и да се заглават. Така, Luminiferous е епска река која што се полни со притоки од уште поепопејски идеи за заговор. Деветте песни се влеваат во коритото долго 50-ина минути и го разбрануваат течението со приказни за вонземски рептили кои затруднуваат жени, змејови во пепелта, деца израснати дишејќи кемтрејлс, директен смартфон-линк со мозокот на влечугите, ловци на соништа, соколари измачени од болката на откровението, темната страна на компасот, за Нибиру, планетата со која Земјата се удрила и се случила катаклизма. И воопшто да не ги сфаќате буквално, овие сценарија се неверојатно обемни, а пејачот баеги темелно ги обработува и ги надополнува со личен штимунг во стиховите.

Ништо од ова, меѓутоа, не е битно затоа што Luminiferous расплакува земски и вонземски мајки со тежината, моќта и со цврстината. Ова е препознатлив, мрсен и висококалоричен, High on Fire метал. Неговата балванска силина, лудилото во текстовите го претвора во безначаен фактор во севкупното слушачко искуство. Или, пак, ако сте фанови на добродушно тролање и смешни бизарности, крејзи-нивото на пајковите зборови може перфектно да се надоврзе на безумието што бендот го истиснал од басот, гитарата, тапаните и од вокалите. Притоа, не е сè просто и еднонасочно. Панкот, на пример, се наѕира на целиот диск, а во својата д-бит варијанта гризе во The Black Plot, Slave the Hive и Luminiferous. Мелодизиран хеви-слаџ крвари низ бавните, перфектно растегнати The Falconist, The Cave и The Lethal Chamber.

Останатите три композиции, Carcosa, The Sunless Years и The Dark Side of the Compass за неколку степени завлекуваат посилно кон хеви-традициите иако и тие се втемелени од воведното до конечното вртење на плочата. Бездруго, рифовите се главната акциска ѕвезда на изданието, а речиси барабар со нив се и лидовите. На едно место скоро блузерски, на друго нагласено треш-спидерски, тие даваат боја и шмек на мрачниот катран што го облева материјалот, но којшто не прави изгореници од негативност. Низите од спори, трпеливи, замастени акорди, пак, вбризгуваат енерија за нишање глава – и душа – до бесознание. Биологијата вели оти, по ова, единствено може да следи паѓање во кома, меѓутоа, Luminiferous не заспива, туку зашеметува додека со нозете решително газите по Мајката Земја. Кај членовите на High on Fire ова можеби ќе донесе просветление, а останатите најмалку што ќе можат да зграбат е зажарено, демонско, провод-ение.

Оцена: 90/100

Артист: High on Fire
Албум: Luminiferous [стриминг]
Датум на објава: 23 јуни 2015
Тон-мајстор: Курт Балоу
Издавач: eOne

Листа на песни:
1. The Black Plot – 5:31
2. Carcosa – 7:11
3. The Sunless Years – 5:06
4. Slave the Hive – 3:50
5. The Falconist – 6:06
6. The Dark Side of the Compass – 5:30
7. The Cave – 7:40
8. Luminiferous – 4:03
9. The Lethal Chamber – 8:49

Слични написи

Остави коментар