12/12/2017

Hardfaced – Dying Lake [Diehard, 2014]

Постирано на 14/09/2015 од во Албуми, Музика

Dying Lake

Доволно е да се погледне само една од илјадниците фотографии што ги има на „сајтот на Гугал“ за да се заклучи дека Охрид и истоименото езеро без мака се вклопуваат во глобалната замисла за перфектни, уникатни, локации на Земјата. Градот, водената површина, како и планините и природата околу неа, го чепкаат оној дел од човекот што трага по смиреност, уживање и насмевки. Сликите од вакви точки на планетата полнат скапи туристички водичи со тврди корици и блогови на автори кои велат оти немаат редовна работа, а моментите ги фаќаат со опрема од „милион долари“. Просто кажано, Охрид и езерото се материјал за бесконечно штанцање разгледници. Според ова, не е нелогично да се очекува дека луѓето што живеат или кои потекнуваат оттаму се хипици по карактер и будисти по однесување бидејќи опстојувањето им е скицирано за на објектив.

Со мрачниот, разорувачки, албум Dying Lake токму бендот роден на калдрмата, Hardfaced, решил гласно да укаже оти гореспоменатите слики се само тоа, фото-мигови чија претстава за романтизам е целосно измислена. Ако се суди според фуриозноста со која гневот е истурен во десетте песни, тогаш Охрид е пустош, а езерото е смрт која не може да се спречи. Идиличноста што се продава или која безрезервно се прифаќа за ваквите места е длабоко засадена, дури и автоматски се смета за единствена. Шесторката, сепак, ја срозува со изведувачка енергија и особено – со севкупна атмосфера – што не оставаат педа простор за сомнеж во она што го тврди. Тоа што речиси и да не се разбира кои зборови ги користат (затоа што не го преживуваат черечењето во микрофоните) воопшто не значи оти не се сфаќа, не се чувствува, тоа што го кажуваат.

Не е ова крајно исцрнетиот пристап на состави како Integrity, ама изданието го дели нивниот силен нагон за темни, амбисовидни, простори. Колекцијата, како и претходните збирки на Hardfaced, е збратимена со масивноста на веќе постарата ха-це школа од Њујорк, која што ја надградиле со модерни металкор-влијанија, но и со почитување на покласичното метализирање. Ова зборува за спремност, за поткованост во агресивниот израз, поради што нивната локална инспирација лесно се издигнува на општо, универзално, скалило. Рифот со кој отвора Parting Waves, солажата што воведува во Cold Empty Heart или рефренот на „Двете зла“ не се однесуваат само на Охрид, туку на цела Македонија, како и на која било точка на светската карта каде што луѓето, оние обичните, најсекојдневните, се потиснати и заборавени.

Ништо од ова не вели дека на дискот има терен за позитивизам, ама групата ова го врамнотежува со полумелодичност во дел од вокалите и отворено играње со хармониите во соло-гитарите. На ова поле отскокнува најдолгата и најздржана, насловна, трака, на која што растегнувањето и опушањето не ја заспива туку ја нагласува динамиката на следните две парчиња, End Up in Smoke и Burden. Со широчината на рефренот The Sleeper го зајакнува остриот почеток на плочата, а Antagonist of the Truth кулминира со моќен мело-дет-финиш.

На спротивниот брег од течението, Fiery Ring буди јужно-од-рајот слеерски сеќавања, додека со Unstoppable составот го заокружува дискот поврзувајќи се со американскиот, модерен, кор-бран. Се слуша од каде потекнуваат влијанијата, но на Dying Lake сè ова е напишано, отсвирено и снимено со убедливост каква што бендот досега не прикажал. Тие направиле збир на сè што претходно искусиле и го помножиле со нови степени на брутално соочување и свирачка егзекуција. Ако најстарото езеро во Европа навистина умира, како што укажува неодамнешната петиција, Hardfaced веќе ја спремиле најпогодната, најсурова, хардкор-проповед за покој на неговата душа.

Оцена: 85/100

Артист: Hardfaced
Албум: Dying Lake [стриминг]
Датум на објава: 18 октомври 2014
Тон-мајстор: Немања Адамовиќ
Издавач: Diehard

Листа на песни:
1. Parting Waves – 4:36
2. The Sleeper – 3:50
3. Antagonist of the Truth – 4:31
4. Cold Empty Heart – 3:44
5. Dying Lake – 6:11
6. End Up in Smoke – 4:00
7. Burden – 3:51
8. Двете зла – 3:39
9. Fiery Ring – 3:21
10. Unstoppable – 4:34

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>