Green Out – Рапаноја [Шурикен, 2014]

Rapanoja

Снимките од „Јутел“ повремено ми трепкаат во глава и ме потсетуваат како Балканот од почетокот на 90-тите наваму живее исклучиво заглавен во пораз. Македонија, по сè изгледа, предничи во оваа категорија на пропаѓање. Изминативе девет и кусур години, пак, обзема чувството дека не само што победата – некаква – не ја гледаме, туку ниту од далеку не можеме да ја намирисаме. Реата од јамата на фрлените надежи катадневно се шири во секоја проклета пора, а просторот за какви било очекувања клаустрофобично се стеснува. Чарето? Или целосно да го прегрнеме гниењето или да продолжиме, секој на сопствен начин, со борбата. На последниот, ланскиот албум „Рапаноја“, Green Out немаат илузии за тоа каде и како опстојуваат, на „Загуби“ истакнуваат оти еднаш сме победници, другпат, губитници, а за себе откриваат во кој табор се гледаат: тие не се помируваат и ги повикуваат и останатите да бидат силни и да не се предаваат.

Наивно или не, тоа е најмалку важно, бидејќи токму оваа енергија на поттикнување е во епицентар на споменатиот сингл, а нејзиниот ветер ги шири едрата и на најголем дел од одличниот следбеник на „Некои скопски бандити“. Триото од 2009 година до сега не се претворило во група религиозни сведоци на позитивизмот, напротив, како што и се слуша во трака како „Ќор-сокак“ тие се потполно свесни за безизлезноста во која сите шлајфуваме. Самурајството, сепак, успеале да го одржат во кондиција и по половина декада, бендовска, авторска пауза. Можеби, како што нагласуваат во „Тема“, „трипати мереле и еднаш сечеле“ и така не дозволиле сомничавоста и очајувањето да го грабнат шоуто на „Рапаноја“. Наместо тоа, Брус, Тонио и ЛД идеите ги стегнале во заедничка тупаница која разорува, но не со тапа, брутална, сила, туку со внимателно насочени удари во прецизно одбрани точки.

Овој пристап истакнува дека периодот на „отсуство“ екипата не го фрлила во ќенеф туку умно го искористила за таложење искуство и тенчење на пишувачката зрелост. Стефаноски се претстави како лидер на психо-поп-рокерите Foolish Green, Пешков издаде соло-цеде, Аранѓеловиќ промовира ко-албум со Кемп, а сите на куп за цело време не изостанаа од активностите на „Легијата“. Ваквите индивидуални исчекори можеле да предизвикаат его-фрикција, но огромно задоволство е да се слушне дека се остварило спротивното – уште посилна фузија! Како резултат на оваа сплотеност, на пример, навидум простите грувови на „Рап Ли“, „Пази што праиш“ и „Крвна група“ на крајот звучат како поголем збир од нивните засебни, стиховни и звучни, составни елементи. Последниве, пак, сочинуваат аудио-целина која што без голема мака би се вклопила како инструментално издание на Ninja Tune.

Битовите се движат од суви и остри („Црвен човек“) до мрсни и растегнати („Како ни е нам“). Мелодиите варираат од психоделичен соло-ескапизам („Куќичка на дрво), преку скршена соул-нежност („Распад“) до морничава чело-класика („Жутки час“). Ткивото што ги врзува е љубовта што продуцентот Стефаноски ја искажува за старите гитари, филмовите од 70-тите (доказ: фанкот и дувачката секција на „Која е таа“) и за времето во кое сите ритми не звучеа како да се испокрадени од картичка на фолкер-сајзериста. Индивидуално земени, овие елементи се носталгични. Нивното спојување, пак, кога е изведено вака вешто и самоуверено, ги издвојува од минатото и ги засадува длабоко во сегашноста. За оваа, македонската, Green Out се комплетно свесни затоа што и самите, низ лични примери, ја живеат секое утро, пладне, вечер и ноќ. Консумирана директно и непрекинато, ваквата актуелна реалност сите нè доведува до состојба на прогонетост. Не го лечи, но овој душевен стадиум „Рапаноја“ несомнено го ублажува под точката на ментално и физичко топење. Притоа, албумот не го прави ова со бегство, туку со рап-соголување на дел од причините за нашата веќе вродена параноја.

Оцена: 86/100

Артист: Green Out
Албум: Рапаноја [стрим]
Датум на објава: 24 април 2014
Продуцент: Ненад Стефаноски
Етикета: Шурикен

Листа на песни:
1. Крвна група – 3:37
2. Интро – 1:22
3. Црвен човек – 4:01
4. Фанк доктор Фак – 3:14
5. Загуби – 4:14
6. Сеуште – 4:21
7. Ќор сокак – 4:45
8. Куќичка на дрво – 4:21
9. Тема (feat. Don Dada) – 3:52
10. Распад (feat. Bvana & Don Dada) – 4:49
11. Како ни е нам – 4:43
12. Рап Ли – 3:50
13. Пази што правиш – 3:38
14. Жутки час – 5:18
15. Која е таа – 3:57
16. К.Б.Г. – 3:47

Слични написи

Остави коментар