Faith No More – Sol Invictus [Ipecac, 2015]

Sol Invictus

Сериозноста, во рокенролот, може да биде пристоен плус или дебел минус. Под р’н’р тука подразбирам секаков стилски израз каде што гитарите го водат орото. Без разлика дали е во прашање фрагилно инди или бестијален грајндкор, ако тие што го потпишале, тоа го направиле со крут, озбилен, како од интернат изваден, краснопис – најверојатно истото ќе се забележи. И поради тоа ќе биде слика: или за досада, или за снобизам. Рокот, каков и да си го замислил (за што просторот е исклучително широк), мора, во себе, таму некаде длабоко или на површината, да содржи уживање. Инаку, ќе биде сè против што овој правец го застапувал кога се раѓал и се бунтувал – класика и традиција. Можеби најистакната особина на Faith No More отсекогаш бил ставот кон сериозноста, односно тврдоглавото инсистирање да има барем малку од спротивното во сè што допираат.

Како поинаку да се толкува бенд што својата збирка од најпознати песни не ја именува вообичаено, бидејќи се работи за типично протоколарно издание, туку ѝ дава идиотски долг назив The Very Best Definitive Ultimate Greatest Hits Collection. Веројатно како резултат на ова прифаќање на сè и секогаш со мала доза оцет, составот не направи пролив, како што кажа фронтменот Мајк Патон, од реоформувањето пред неколку години, а потоа и од албумот Sol Invictus, што следуваше по креативна дупка од 18 години. Наместо да се дават во пофалбите и суетата да ја хранат со оброците почит изразена во периодот на паузата, тие пробуваа, чекаа и се штелуваа додека не се појави вистинскиот миг за цедење на авторските идеи. Последиците од ова се десет елегантно дефинирани, издржани и лежерно самоуверени траки спакувани во тонско-стилски компактна целина.

Пародизирањето е евидентно веднаш, со насловното парче, кое повеќе личи на ироничен посмртен марш отколку на интро од стегнати мргуди посветени на музичката дисциплина. Да не се разбереме погрешно – Faith No More и на Sol Invictus се сериозно опасни изведувачи кои не забораваат да се штипнат кога чувствуваат дека надоаѓа бранот на тешка само-значајност. Затоа по погребот доаѓа панк-беснилото во Superhero каде што, додека Патон грлато попува за „лидерот на луѓето“, Ботум од сè тоа со клавијатурите прави пијано-папазјанија. Потоа, следи налевокруг со квазибаладата Sunny Side Up чија драматичност го пробива таванот на начин препознатлив само за оваа петорка. Рифувањето, со успорено темпо како масло растекува од Separation Anxiety, а Cone of Shame е срдечна беседа со пукање прсти што до финишот уште почесно експлодира.

Има гитарски, сајзерски и тапански решенија кои наизменично се истакнуваат, меѓутоа, басот на Гуд е втората ѕвезда на материјалот по, несомнено, најнапред истурената, онаа вокалната. Со оглед на минимализмот при компонирањето, кој е поблизок до концизноста на Angel Dust отколку до шизофренијата на King for a Day, Fool for a Lifetime, теренот е истапкан за четирите жици со галоп или со грув редовно да го растрестуваат. Тоа е најочигледно на шпагети вестернската Black Friday и на монументалната Matador. Комичноста, како од старошколска анимација, се отсликува во Rise of the Fall, а Motherfucker е дарк, хорор-верзија на песните измислени за масовно пеење на стадиони. Одјавата, пак, е оставена за From the Dead, во чии што стихови рика лав, а во звукот јагне се мекнее. Ова е последен потсетник на сериозноста со која што составот ја сфаќа неозбилноста по целиот тек на Sol Invictus. Гледано во контекст на сопствениот опус, Faith No More со неа не покорува нови територии – најмалку сонцето – туку продолжува да го осветлува патот без да се наѕираат траги од дводеценискиот мрак. За нив, барем во догледна иднина, по сè изгледа, нема прегорување.

Оцена: 80/100

Артист: Faith No More
Албум: Sol Invictus
Датум на објава: 19 мај 2015
Продуцент: Били Гуд
Издавач: Reclamation/Ipecac

Листа на песни:
1. Sol Invictus – 2:37
2. Superhero – 5:15
3. Sunny Side Up – 2:59
4. Separation Anxiety – 3:44
5. Cone of Shame – 4:40
6. Rise of the Fall – 4:09
7. Black Friday – 3:19
8. Motherfucker – 3:33
9. Matador – 6:09
10. From the Dead – 3:06

Слични написи

Остави коментар