Chelsea Wolfe – Abyss [Sargent House, 2015]

Abyss

Соништата не се објаснуваат со зборови. Сите, секогаш, си ги прераскажуваме на себеси или им ги прекажуваме на други, но никогаш не успеваме суштински да ги опишеме. Веројатно затоа што, откако ќе склопиме очи, тоа што се одвива зад капаците не се доловува со општ јазик на комуникација туку се доживува од личен агол на перцепција. Понекогаш, длабоката РЕМ-фаза е толку уверлива и штом заврши, потребни се време и напор да се убедите оти не е стварност. Има и спротивни ситуации – кога целото дејство се брише и ниту трага не останува по утринскиот аларм. Се случува и сè да биде магливо, испомешано, без какви било скици или настани што барем оддалеку наликуваат на дејствие. Секоја од овие варијанти, сепак, е обединета во чувството за присуство во паралелен свет чија историја, закони и последици се крајно индивидуални.

На петтиот студиски албум, Abyss, американската кантавторка Челси Вулф со морничава прецизност успева на овој впечаток, на ова секогаш соло-искуство, да му даде универзална форма. Притоа и самата користи продорни зборови, но звуците – музиката – се тие што на невидливиот космос на соништата му даваат облик што преку плочата може да се чуе, види, помириса и вкуси. Единаесетте композиции се толку густи со емоции и атмосфера поради што има мигови во кои со раце се посегнува за да се допрат. Амбиентот е мрачен, црн како катран. Инструментите и мелодиите течат и се прелеваат едни во други, а вокалот на 31-годишната артистка е четката што ги насочува и валјакот што ги натапкува. Нејзините нијанси се нежни, фрагилни, истоштени или, бездруго, прекрасни, но без мака на свои плеќи носат голем дел од хеви-материјалот.

Тука, несомнено, не се мисли на класичен или каков било метал, но Вулф не ги крие, напротив, ги искористува влијанијата од блек или индастриал варијациите на оваа андерграунд сцена. Дисторзираниот бас-почеток на Carrion Flowers со аплауз може да се вклопи во дискографијата на Nine Inch Nails, а ритмичката и риф-кулминација што следува им парира и на Godflesh. Со Iron Moon се допира со Black Sabbath, ама надградени со питом саксофон, па Dragged Out нурнува во слаџ-мочуриште во кое камбаните служат како компас. Минималната гитара и фриковските клавијатури отвораат простор за гласот дополнително да сјае на Maw. Со нешто побрзо темпо и со виолончело Grey Days ја менува динамиката, а ноизот на After the Fall е одличен контраст на вокалната чистина. Акустиката на Crazy Love, пак, нуди оддишка како во затурен, друмски, кантри-бар.

Синт-ритамот накратко го стоплува студенилото на Simple Death, а рифот што се повторува води од фитил што кревко зуе до експлозија што бучно тресе на Survive. Манипулацијата што го деформира, прави скршеноста на гласот да е уште понагласена на Color of Blood. Тој добива и хорор-величини, засилени со морбиден оркестрален излез, на последното, насловно парче. Збирката во оваа точка се одјавува прибрано и повлечено, како намерно да сака да избегне какви било прашања или дискусии за обземачката ментална и физичка состојба во која што го фрла слушателот. Резултатот, секако, е спротивен. И покрај нагласената ненаметливост, ќумур-темнината и кошмарниот карактер, тешко е да се одолее на приликата за развивање опсесија со Abyss. Челси Фулф не го слика само од својата бујно-мрачна фантазија туку го портретира како димензија во која што сите патуваме кога сонуваме. Со тоа што генијално го доловила ова, веројатно исконско, чувство, кантавторката го прави скокањето во амбисот и уживањето во неговата кобна убавина – доброволно. И проклето лесно.

Оцена: 90/100

Артист: Chelsea Wolfe
Албум: Abyss [стрим]
Датум на објава: 7 август 2015
Тон-мајстор: Џон Конглтон
Издавач: Sargent House

Листа на песни:
1. Carrion Flowers – 4:50
2. Iron Moon – 5:46
3. Dragged Out – 4:20
4. Maw – 5:54
5. Grey Days – 5:19
6. After the Fall – 5:35
7. Crazy Love – 3:33
8. Simple Death – 5:22
9. Survive – 5:38
10. Color of Blood – 4:48
11. The Abyss – 4:12

Слични написи

Остави коментар