19/08/2018

Wye Oak – Shriek [Merge, 2014]

Постирано на 12/12/2014 од во Албуми, Музика

Врескот, крик, писок или крескање и црекнување, сите овие зборови би можеле да се употребат за да се преведе насловот на новиот албум на американскиот бенд Wye Oak. Ниту еден од нив, пак, не се приближува до формата и духот, а уште помалку до тоналитетот со којшто Shriek им се обраќа на слушателите. Шеќерот, со помош од генијалните идеи на овдешните врховни локални сопственици, научивме дека воопшто не е здрав за организмот, а четвртата плоча на групата од Балтимор е баш таква – ем блага за душа ем пријатна за уши. Формално, ова дуо активно од 2006 година, припаѓа на инди-рок сцената, меѓутоа, на свежиот 41-минутен материјал тие нагласено повеќе се љубопитни за синтизајзерите и за електропоп-жанрот, секако, употребени на продорна основа од лајв бас и тапани.

Двојката, сепак, е најистакната во композиторската категорија. Потпишани од Џен Васнер, десетте траки прилично лесно, скоро без капка пот, го освојуваат вниманието и резбаат забележителен отпечаток. Аранжерската практичност од една и мелодискиот квалитет од друга страна се причина за оваа запаметливост. Бездруго, овој потенцијал е резултат на дебела задолженост кај поп-авторите и изведувачите, ама не кај овие од новава глупсон-генерација туку кај постарите и далеку повредни, како Fleetwood Mac или Sade. Споменатиов темел, пак, е само тоа, фундамент над којшто Wye Oak со особена внимателност гради звук чија што модерна поврзаност е со имиња како The Shins, TV on the Radio, па дури и со екс-Moloko ѕвездата, Рошин Марфи.

Ова доизградување може да асоцира на ѕидање со тули, малтер и арматура што, пак, има шанси да потсетува на изолација, но збирката е сосема спротивна од ваквата студеност. Напротив, таа кани, повикува, широко ја отвора прегратката уште од старт, од крафтверковите удари на клавишите на Before, кои постилаат тепих за басот да се спружи, а гласот да се истегне како по спиење до заборав во мрзеливо неделно утро. Атмосферата тука покажува оти составот има и шугејз-инспирации. Нивното бранување е поприметливо на насловното парче, но не е во прашање океанска ниту морска туку езерска далга што лула удобно. Со The Tower нештата роботски се прекршуваат, Glory има раскошно хит-сингл лице, додека Sick Talk е спој на олд-скул МРТ-интермецо и фанкерско цупкање.

Дефинитивно не е боса нова, меѓутоа, Schools of Eyes со ритмика во сличен дух ја менува динамиката, Despicable Animal додава крчење на певливоста, по што Paradise ја удвојува напнатоста, го врти ноиз-потенциометарот и се издигнува во најрокерска нумера на колекцијата. Полнокрвната, неосоул балада I Know the Law ја пренасочува струјата кон романтични прерии, a разиграните клавијатури, распеани гласни жици и брејк-перкусии се здружуваат на финалната Logic of Color. Бендот тука сервира меч-топка и со траката се осврнува на простото, но извонредно згуснато, паметно и груверско сплотување на басот, вокалите и на тапаните чие сврзно ткиво се синтисајзерите. Поради сето ова заедно, Wye Oak на Shriek во ниеден миг не писнува, а остава белег исто толку детален како по насилно издерување. Патем, главата не ечи како топ и коленцата вртат елипси за танц.

Оцена: 84/100

Артист: Wye Oak
Албум: Shriek [стриминг]
Датум на објава: 29 април 2014
Продуценти: Николас Вернес и Wye Oak
Издавач: Merge

Листа на песни:
1. Before – 4:19
2. Shriek – 3:39
3. The Tower – 4:06
4. Glory – 4:53
5. Sick Talk – 4:26
6. Schools of Eyes – 4:15
7. Despicable Animal – 4:50
8. Paradise – 4:22
9. I Know the Law – 3:44
10. Logic of Color – 3:00

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>