The War on Drugs – Lost in a Dream [Secretly Canadian, 2014]

Електричната соло-гитара не е мудар избор доколку сакате да бидете во милост или да наидете на одобрување од модерната, критичарска, онлајн-елита. Ако, пак, изберете со неа да ги канализирате кантавторските идеи, застрашувачки се зголемува опасноста за игнорирање или за исмевање. Марк Нофлер, на пример, нема статус само на легенда на наведениот инструмент, туку општо, на глобалната музичка сцена, а и како потписник на песни (не зезајте, слушнете ја Brothers in Arms). Без разлика на неговата непобитна вредност, сепак, не сум убеден дека пристапот што тој го избрал би бил прифатен со широко, братски, отворени раце во денешнава напрегната „мора да те одобри жирито“ кул-ера. За сè, нели, има исклучоци или можеби пресврти, а во поглед на двете досега опишани точки, таков еклатантен пример годинава е The War on Drugs.

Последниот албум на групата, Lost in a Dream, е најотворената реминесценција на Dire Straits во современата инди-ера, но наместо да наиде на нож, таа доби воодушевување од хорски размери и веќе доминира на листите за „бест-оф на 2014“. Марк Козелек, чиe најтазе издание како Sun Kil Moon, исто така, прилично веројатно ќе се најде во самиот врв, не штедеше презир кога го нарече „најбелиот бенд што некогаш го чул“ или „рок за пивски реклами“. Цинизмот, секако, му го сфаќам, дури се искинав од смеење кога ја почна виртуелната тепачка, меѓутоа, вистината е на спротивната страна – The War on Drugs се извонредни автори со особено издржани траки на третата студиска збирка. Со додавката од вечниот работник Брус Спрингстин и од Боб Дилан на струја, шесторката направила гитарска плоча што не се губи себеси во солирањето, туку се пронаоѓа и од него прави исклучително моќно оружје што ги зајакнува композициите.

А тие, бездруго, се тоа: долги, широки, повеќеслојни, рок-дела што траат шест, седум, па и осум и повеќе минути. Десетте парчиња со убедливо држење левитираат помеѓу редењето елементи во симфониите и репетицијата на два-три исти во гитарскиот жанр. Затоа не може да се кажи оти составот е само комплексен како класичар-генијалец или исклучиво простодушен како кантавтор мајстор за освојување со базични, разбирливи, поп-решенија. Албумот, да речеме, стартува растегнато, полупсиходелично, со Under the Pressure, каде што има константно навезување свежи детали, за потоа да се впушти во коњички трк на Red Eyes, која е дополнително забрзана од извици родени за сцена (и за родео, несомнено). По ова доаѓа контраст од блузерската, интровертна, Suffering што еволуира во An Ocean in Between the Waves, каде што заитаниот пулс се спојува со етеричноста. Тензијата најпрво дрмоли во ковчеже, а на крајот блешти како зракот што ги растопи нацистите во Raiders of the Lost Ark.

Ритамот на целиот диск е машински, синтетички, додека басот е лизгав, фретлес, но на Disappearing нивната интеракција добива уште посајзерски тоналитет. Американските беспаќа или магливи предели се отсликуваат во скоро-кантрито на Eyes to the Wind, со амбиенталната The Haunting Idle се прави пауза, како на автопатско одмориште полно со камиони со приколки, па Burning повторно го создава асфалтот под тркалата, ама во ноќни услови, прошарани со ретки, растреперени, светла во далечината. Колекцијата финишира со двоецот од насловната трака и In Reverse кои ги испраќаат слушателите со лулање, како морските бранови што придушено се слушаат отстрана, од отворениот прозорец, додека го бркате последниот траект на крајната вечер од годишниот одмор. Тоа потсетува оти Lost in the Dream е извонреден придружник за месеците од јуни до август, меѓутоа, ова воопшто не значи дека The War on Drugs се потпишале на глупав, бесполезен, летен албум во којшто наместо мисли, водилки се фрази на соло-гитарче и атмосфери на антиквитетно клавијатурче. Тој, дефинитивно, е лесен за уши, но такви се – неоптоварувачки – и соништата во коишто најдлабоко може да се изгубите.

Оцена: 86/100

Артист: The War on Drugs
Албум: Lost in a Dream [стрим]
Датум на објава: 18 март 2014
Продуцент: Адам Грандушел
Издавач: Secretly Canadian

Листа на песни:
1. Under the Pressure – 8:51
2. Red Eyes – 4:58
3. Suffering – 6:00
4. An Ocean in Between the Waves – 7:11
5. Disappearing – 6:49
6. Eyes to the Wind – 5:55
7. The Haunting Idle – 3:08
8. Burning – 5:46
9. Lost in the Dream – 4:08
10. In Reverse – 7:41

Слични написи

Остави коментар