19/06/2018

Old Man Gloom – The Ape of God [Profound Lore, 2014]

Постирано на 10/12/2014 од во Албуми, Музика

Катран сигурно сте виделе. Ако не, веројатно сте чуле за терминот. Истиот не се користи за именување на скопскиот воздух иако поради него често сме убедени оти устата ни е преполна со темна смола што никогаш не се доџвакува. Зифтот, како што Турците ни оставиле разговорно да го нарекуваме, е краен производ од сува дестилација на органски материјали. Порано, паметам, свежо бетонираните подлоги се премачкуваа со оваа течност за врз неа да се постави паркет. Сега со ова се сретнуваме на тазе изгребани улици кои ненадејно – а изгледа дека вечно – се поправаат. Откако ќе се истури од секогаш рѓосани, стари, канти, оваа густа суровина се лепи и никогаш не се вади од мекиот ѓон на „старките“. Ниту може поинаку да се очекува од продукт што, во основа, е стопенo дрво / јаглен.

Дури и со свои очи да не сте го запознале, се надевам во умот создадовте слика за амбисовидно, бескрајно, црн елемент којшто се разлева бавно, делува нежно и безопасно, меѓутоа, сосема е јасно оти тој буквално сè ќе препокрие. Настрана асоцијацијата од феноменалната обвивка, катранот бездруго е најдобар пандан на она што Old Man Gloom го снимиле на The Ape of God. Напишана и снимена органски, до степен што овозможува директно да се вдишува и впива, плочата е тежок, згуснат, концентрат од демонска дисторзија, распартелени овчи кожи и суво, прегорено, грло. Просторот за воздух е сведен на минимум. Разделен меѓу високи врвови и вакумирани пештери тој е доволен за механичко одржување на битието, а негов двигател е нешто длабоко вкоренето и нагласено поисконско.

Портите за оваа анималност се отвораат со Eden’s Gates, каде што по можноста за две-три инхалирања додека нараснува фонијата, кислородот се вшмукува од рифовска детонација, а шарената градина полека се претвора во сива дистопија. Ѕвечкањата за испраќање на оваа песна се претвораат во хорско-смирување на следната, Promise, каде по мрзливата соло-игра на најдебелата жица, се отвора кршечки ритам подвлечен со извици од стомакот. Звуци како од паранормален трилер воведуваат во Shoulder Meat, која што е слаџерска химна измислена за игра на мачка и глушец меѓу затскриената мелодија и нагласеното рифосување. Инаетливиот стисок на оргулите го топи капакот од шахтата на Fist of Fury по што од неа излегува гнев остар како секира и цврст како токмак.

Формално се одвоени, но Simia Dei, The Lash и Never Enter, реално, сочинуваат иста композиција чиј зачетен, инструментален, дел е племенско-повикувачки, средината има форма на збиен хедбенгинг-фестивал на прочистувањето (штом заврши неколкуминутното ноиз-провоцирање), додека излезот е панкеришење од бестијални хардкор-пропорции. За крај на првиот том од албумот, бендот на After You’re Dead се враќа на полжав-брзината и диносаурус тежината. За старт на второто поглавје е селектирана динамички сличната Burden, меѓутоа, таа се базира на риф од епски-величини кои поттикнуваат споро копање дупки со голи раце и раскрварени нокти. Невоздржана и подиректна, Predators лови со хеви ритам-гитара, но и со лидови кои од заднина звучат како гајди за битка.

Сето ова е изедено од ѕверска фонија што набргу им отстапува место на жиците со придушена дисторзија. Тие повторно се губат во ѕид од апстрактна бучава пред акордот да им отвори простор на тапаните кои страстно ја насочуваат A Hideous Nightmare Lies Upon the World на продолжено газење низ трибални, прашумски, територии. Се чини дека групата на крајот и таму останува, односно, се враќа во градината од почетокот, само што, овој пат таа изгледа како што четворката звучи на Aarows To Our Hearts – опустошена, заборавена и оставена да се гуши во пепелот иситнет од дивјачките удари на човечката чизма. Депресивно, можеби, но гласот тука за првпат ниту вреска ниту грофта туку чисто беседи што изгледа како хуманизмот конечно да ја прифатил сопствената (само)деструктивност.

Ништо, сепак, од сè ова погоре опишаново можеби не е валидно ако се знае оти The Ape of God е фраза со која што во средниот век се ословувал архетипскиот измамник или – ѓаволот. Составот, поточно, неговиот издавач, го референцира Карл Г. Јунг според кого споменатиот лик обожува зајадливи шеги и злокобни мајтапи, има моќ за промена на формата и е изложен на разни видови тортура. Неговата природа има две половини – животинска и божествена – и секако, тој се приближува до фигурата на спасител. Надоврзувајќи се на ваквите пакосни идеи, членовите на Old Man Gloom изгледа затоа неодамна подготвија измама за критичарите со испраќање лажна промо-копија од изданието. Дел дури наседнаа и го испофалија материјалот, а некои и се налутија. Побитно, од друга страна, е што вистинската збирка ги фрла слушателите во баш таква емотивна и умствена состојба на истовремена вчудоневиденост и восхитеност. Токму како што би се чувствувале ако пред нивни очи танцува човеколикиот мајмун на Господ. Или неговиот скот, шут, имитатор, карикатура.

Оцена: 90/100

Артист: Old Man Gloom
Албум: The Ape of God [стриминг: Прв / Втор]
Датум на објава: 7 ноември 2014
Тон-мајстор: Курт Балоу
Издавач: Profound Lore

Листа на песни:

Volume I:
1. Eden’s Gates – 6:31
2. Promise – 5:04
3. Shoulder Meat – 8:51
4. Fist оf Fury – 2:26
5. Simia Dei – 3:30
6. The Lash – 6:55
7. Never Enter – 3:01
8. After You’re Dead – 7:22

Volume II:
1. Burden – 13:25
2. Predators – 6:48
3. A Hideous Nightmare Lies Upon the World – 12:12
4. Aarows To Our Hearts – 14:24

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>