19/08/2018

Godflesh – A World Lit Only by Fire [Avalanche, 2014]

Постирано на 17/12/2014 од во Албуми, Музика

Имате ли некогаш чувство, онакво обземачко, што обично ненајавено прегрнува наутро, дека сè наоколу е студена машина, а вие не сте нејзин дел, туку, просто, ѝ припаѓате? Не како што се припаѓа на семејство, туку како сопственост, како да сте под нечија управа, како некој да има комплетна надлежност над вашата судбина. Пред сè, индивидуална, но и колективна. Или можеби поверодостојно е вака да се постави дилемата: колку често сте обвиени во маглата создадена од сеопштата контрола која наводно не постои (демократија и капитализам, нели), ама сепак, насетувате оти токму од неа секогаш лазат морници? Искрено, мене и не баш ретко ме голта тунелот на оваа состојба. Логично е таа да замрзнува, што и се манифестира во сè од скокови од згради до нуркање во дијазепами, меѓутоа, пофасцинантно е како и покрај споменатиов филинг и понатаму се движиме.

Поткривнуваме, паѓаме, се влечкаме и се тетеравиме, а некако успеваме пак да се кренеме и секојдневно да маршираме. Механичко, автоматизирано, далечно од слободната волја како „Скопје 2014“ од естетиката, ова чувство покорува сè пред себе во A World Lit Only by Fire, најтазе студискиот албум на Godflesh. На првата авторска колекција по 13 години бендот од Бирмингем повторно рие во утробата на рамнодушниот општествен ѕвер, а степенот на параноја и безизлез сега е значително поимпресивен и пефектно одговара на актуелниот амбиент во светот. Основана на работ од Тачер-Регановата коалиција и активна во пепелот од нивната доктрина на антисолидарност, оваа група има опсежно искуство со економската апокалипса. Затоа пулсот на сè уште живата Велика рецесија од 2008 е насекаде во овие десет, казнувачко наметливи, траки.

Нормално, дуото не ја обработува како што Шуклев-Фити би ја анализирале, туку ѝ дава форма на нафтена дупчалка заглавена во бескраен луп, а под неа непрекинато се гмечи се знае кој (или што) – луѓето. Трикот на Godflesh е што со A World Lit Only by Fire не смачкува целосно, туку мигот сместен баш пред точката на тотално раздробување го издолжува до вечноста. Да, тоа значи репетиција до бесвест и рудиментарност на претек. Таквиот јак грч, со којшто мнозинството од нас зачестено се среќава, сепак, вака добива џиновско звучно тело. Тоа, истовремено, воодушевува и застрашува. Ова двојство се наметнува инстантно, со прокламативната New Dark Ages, која, откако ќе се прикраде со фонија и фус, отсечно удира со колосален риф. Исто толку чудовишни се и тие на останатите траки, што го прави овој елемент еден од носечките на дискот.

За разлика од Hymns, каде што беше навестено пренасочувањето кон покршлив, интровертен, израз што Џастин Бродрик темелно го истражи со Jesu, овојпат сè ротира околу перфектниот брак меѓу рифот и ритам-машината. Без разлика дали се гитарски или бас – а обата инструмента мајсторски се менуваат – акордите се исти по тонот, пристапот и по намерата за етаблирање надмоќност. Нијанси на одвојување има во поглед на интензитетот. Ако Deadend подгрева трпеливо, тоа зоврива и клокоти на Shut Me Down. Доколку Obeyed поттикнува врескање во она што секој го гледа кога ќе застане пред огледало, Curse Us All инспирира грофтање во црната празнина што ѕвери од внатрешноста на бунарот. Сето ова се затемнува и уште повеќе натежнува до форма на амбис во Carrion, а Towers of Emptiness илустрира како е во него да се лебди од загубеност.

Единствените траги од мелодија (баеги, баеги широко сфатена) се расфрлани по Life Giver Life Takeр, Imperator и Forgive Our Fathers, меѓутоа, и тие смачкуваат со балансот од електроника, семплови и индустриал-метал масивност. Помалку е битно дали слушателите се од Шведска или од Македонија, споменатиов спој се издигнува во саундтрак на атмосферата на контролиран хаос што доминира со опкружувањето – особено глобално, ама и локално. Којзнае дали се работи за површинска соло-врска или за суштинска поврзаност, но истоимената книга на историчарот Вилијам Манчестер зборува за пропаста на средновековна Европа обземена со идиотски конфликти, наместо со откритија изродени од мир. Денес, секако, достигнувањата се множат, а сепак, никако да се избега од впечатокот оти полека, упорно и инаетливо, газиме кон пропаста. Депресивно – веројатно – но Godflesh токму оттука ја влече восхитувачката виталност и ја вбризгува во себеси како автори и во A World Lit Only by Fire како албум. Можеби зашто се прашуваат дали следната ренесанса ќе дојде исклучиво ако светот го запалиме до последниот темел – и физички, и филозофски, и политички, и човечки.

Оцена: 90/100

Артист: Godflesh
Албум: A World Lit Only by Fire [стрим]
Датум на објава: 7 октомври 2014
Продуцент: Џастин Бродрик
Издавач: Avalanche

Листа на песни:
1. New Dark Ages – 4:51
2. Deadend – 5:07
3. Shut Me Down – 4:26
4. Life Giver Life Taker – 5:27
5. Obeyed – 5:35
6. Curse Us All – 3:46
7. Carrion – 6:05
8. Imperator – 4:26
9. Towers of Emptiness – 6:34
10. Forgive Our Fathers – 7:40

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Критика.мк на 13.11.2014]

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>