20/06/2018

Foo Fighters – Sonic Highways [RCA, 2014]

Постирано на 24/12/2014 од во Албуми, Музика

Минливоста на животот, која некогаш е проколнато неподнослива, се чини дека изминативе неколку години на Дејв Грол често му е на ум. Не сме другарчиња блиски уште од забавиште, додуша, ниту време сум нашол да се запознаеме (да де, бидејќи сè од мене зависи), ама по малку ми изгледа оти се опседнал со ова прашање. Настрана што студиското издание од 2011-та го крсти Wasting Light, тој истото го заврши од петни жили извикувајќи во микрофон дека никогаш не сака да умре. Сигурно не е до тој степен „отиден“ за да мисли оти ова буквално е остварливо – или можеби е, зашто којзнае што сè парите купуваат во Холивуд. Небулозниот хумор, сепак, да го пуштиме на пасење и да се вратиме на идејата дека издвоените стихови гитаристот и пејач ги посветил на вечноста како автор, а не како вампир што изгубил комплетен осет за тежината на вековите.

Кога првата тема – краткотрајноста на опстојувањето – ќе се смикса со втората – влезот во музичките хали на бесмртноста – се добива едно прашање, од дамнина измачувачко не само за уметниците туку и за најобичните луѓе: што може секој од нас зад себе да остави и како истото да го оствари. Индивидуално, издвоено, токму оваа дилема исполнува доминантен дел од суштината на целиот проект Sonic Highways. Тој се осврнува и на долга низа други недоумици, меѓутоа, и албумот и телевизиската серија на HBO подвлекуваат дека сите тие темелно се поврзани со вредноста ставена на тест на времето – и на Foo Fighters како бенд и на Грол како основач, носечки автор и предводник. Одлучувајќи да сними осум песни во исто толку градови и за нив специфични студија, групата постигнува две работи: ја разголува инспирацијата и ја препрочитува историјата.

Фокусот на објективот, секако, е нанишанет кон американскиот звук раскажан преку (припадниците на) локалните сцени. Често, присутните или споменатите артисти имаат автобиографски линк со членовите на Foo Fighters. Тие воопшто не ги скриваат фановските тикови. Серијата, иако понекогаш круто, како според формула, сепак, убаво ги прикажува врските и заднината на точките на картата, стиловите и луѓето што ги населуваат. На екран, ова е едукативно. Изобилува со информации, клучни настани и индивидуални судбини. Меинстрим зрачењето – да не се лажеме, се работи за масивното лого на HBO – ја претвора ТВ-страната на оваа проширена приказна во осумчасовен музички курс. Тој ја продолжува линијата и создава услови, сите што ќе стартуваат само како обожаватели на „фајтерси“ (можеби) да финишираат со разгорена, општа, аудиољубопитност.

Дискутабилно е, меѓутоа, колку од сè ова што Грол го документира завршува во свежите композиции. Текстуално, речиси и да нема збор за кој не е избистрена мотивацијата. Со ова се ускратува веројатно најзначајното слушателско право – слободата на толкување. Наместо секој, засебно, да си пронајде свое значење, поради ефектноста и блискоска на телевизискиот наратив, поголем број слики се влечат од тоа што ќе се види на ЛЦД-то, а не од она што ќе се изрежира во главата. Така ќе остане, сепак, ако самите си наметнеме вакво ограничување. Инаку, во спротивност, ништо не ме спречува, кога ја слушам Something from Nothing, што е посветена на Бади Гај и Мади Вотерс, блузерите од Чикаго кои од невидливи берачи на памук станале гитарски легенди, да помислам на сечие издигнување од нула до нешто.

Или The Feast and the Famine, која раскажува за спомениците и за кањонот меѓу сиромашните и богатите во Вашингтон, да ме потсетува на нашите, одвратни и безобразно скапи, монументи кои сакам да ги заборавам. Со Congregation, пак, бендот се осврнува на потребата од слепа верба, но не и лажна надеж, а од тоа, за себе, извлекувам дилема со која често се судрувам – до каде би требало да го растегнувам сопствениот идеализам. Преку Outside се сликаат широчините на пустината околу Лос Анџелес, таа легнува и на овдешниве, планински, кории, ама и генерално, на излегувањето надвор, во природа, како и од својот кожурец. Спасот од потопот на Катрина врз Њу Орлеанс ја движи и In the Clear, меѓутоа, со неа се комуницира и било кое емотивно расчистување. Подземјето на Сиетл го фаќа леќата на Subterranean, додека I Am a River, слично го филмува светот под површината на Њујорк. Обете го затвораат цедето со делумна потиштеност поради нејасната судбина на сите саунд-сонувачи во циничната модерна ера.

Музички, печатот е типичен за планетарно славната петорка. Звучи познато. Не како лицата од актуелното балканско шунд-шоу од кое нацијата се забезекнува. Знајноста тука, всушност, има форма иста со целата аура на групата – другарска. Поради тоа не може, ниту треба, да се игнорира дека, авторски, одат на сигурно и не превземаат огромни ризици иако концептот за тоа отвора широк простор. Токму како резултат на оваа блискост, пак, распознатливоста е тешко да им се земе за зло, особено ако во документарец ги гледате членовите како се радуваат на солажата на Џо Волш, се вчудоневидуваат на енергијата во Луизијана или се возбудуваат од халата во која што со децении се снима Austin City Limits. Плус, траките се преполни со мелодии што бликаат со две состојби – два лајтмотива – кои се заеднички и за плочата и за серијата: инспирација и ентузијазам.

Сите што ќе го чујат и видат, бездруго, во Sonic Highways нема дословно да ги пронајдат истиве пораки. На едни ќе им бидат неуверливи, на други ќе им пречи глобалноста на опсегот и на јазикот со којшто бендот комуницира. Оправдано, можеби, ако панично се држиме до врвниот принцип на онлајн-епохата според кој сè и сешто има скриена агенда, а никој и ништо не е добронамерно. Којзнае, веројатно ова е делумно точно или комплетно вистинито, но секогаш кога тоа ќе го помислам, во умот ми влегува контрааргумент. Доколку бев клинец и ако го вртев албумот во ист такт со серијата – како што сега имаат прилика помладите генерации – скоро 100 отсто е сигурно дека од нив ќе извлечев образование на претек, како и поттик за понатамошно музичко истражување.

Возраста, односно издвојувањето на помладите, тука е симболично бидејќи таа е интимно испреплетена со очигледните желби на фронтменот и на составот да остават некаква трага зад себе, а таа да биде значително посуштинска од бројот на YouTube кликови. Инаку, ова е проект што се обраќа до сите – од ученици до пензионери. Баш секој не е нужно, меѓутоа, за Foo Fighters ќе биде извонредно достигнување ако поради нивната, привлечно и забавно реализирана идеја, и само дел од нив фатат џаде за да се изгубат (и да се пронајдат) по бескрајните, звучни, автопати.

Оцена: 80/100

Артист: Foo Fighters
Албум: Sonic Highways [стрим]
Датум на објава: 10 ноември 2014
Продуцент: Буч Виг
Издавач: RCA

Листа на песни:
1. Something from Nothing – 4:49
2. The Feast and the Famine – 3:49
3. Congregation – 5:12
4. What Did I Do? / God As My Witness – 5:44
5. Outside – 5:15
6. In the Clear – 4:04
7. Subterranean – 6:08
8. I Am a River – 7:09

Епизоди на ТВ-серија:
1. Chicago
2. Washington D.C.
3. Nashville
4. Austin
5. Los Angeles
6. New Orleans
7. Seattle
8. New York

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>